Кумановци заразени со Ковид-19 ги кријат контактите, пријавуваат по два – три

by fokus 16:54
16:54

Ковид-позитивните кумановци ги кријат контактите во последниве два месеца, за тестирање се чека од четири до пет дена, бидејќи има голем број ординации кои закажуваат преку „Мој Термин“, но резултатите во овој период стигнуваат за ден-два. За Куманово се очекува негативна епидемиолошка состојба во наредниот период, информираше на денешната седница на советот, епидемиологот д-р Јадранка Стаменковска одговарајќи на советнички прашања.

Објаснувајќи го процесот, таа кажа дека заразените ги кажуваат само членовите на најтесното семејство, не и пошироките контакти, кои во одредени случаи самите се пријавуваат.

– Свесно избегнуваат изолација и знаеме дека сите контакти на позитивното лице 14 дена треба да бидат во домашна изолација, тоа е тој период доволен лицето да биде изолирано да не се шири инфекцијата. Потенцирам дека сè помал број контакти се пријавуваат. Ако во првите месеци во март или април на еден позитивен имавме од 10 до 15 лица контакти, сега се помалку, така што на едно позитивно лице имаме по два-три контакти, рече епидемиологот.

Податоците, појасни таа, се обработуваат истиот ден, списокот се доставува до МВР, до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во текот на 24 часа се подготвуваат решенија. Таа очекува и во наредните месеци неповолна епидемиолошка состојба. Во Центарот дневно се прават околу 25 тестирања, има пункт, Центарот има и екипи кои теренски земаат брисови, по претходно закажани термини од матичните лекари.

– Тој број се движеше до вчера околу 25 лица дневно, денеска имаме зголемен број на тестови на 33, изјави д-р Стаменковска.

Проценката за земање брис ја прави матичниот лекар. Во Куманово се чека од четири до пет дена, во градот има 103 пријавни единици. Тестирање прави и болницата. Центарот за јавно здравје Куманово очекува околу 3000 вакцини против сезонски грип кои преку Министерството за здравство ќе бидат бесплатни за дел од граѓаните, за лица во ризични групи, хронични заболувања, возрасни над 65 години, а ќе се набават и комерцијални. Бесплатните вакцини ќе одат преку „Мој термин“, а кога ќе започне вакцинацијата ќе бидат известени матичните лекари и населението.

– Куманово се справува во вонредна состојба со двајца епидемиолози и скромен тим во Центарот за јавно здравје, рече кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој им оддаде признание за пожртвуваноста на епидемиолошката служба за справување со состојбата во градот. Покрај кумановци, Центарот ги опслужува и жителите на Липково и Старо Нагоричане.

Поврзани новости