Кумановски „КООП Инженеринг“ наплатил 2 милиони денари од Кратово за пат кој не бил изграден

by Фокус

Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против 3 лица за злоупотреба на службена положба и овластувања и за фалсификување на исправа, бидејќи, според МВР, и овозможиле на кумановската градежна компанија „КООП Инженеринг“ да стекне противправна имотна корист од над 2 милиони денари. Според полицијата, осомничените незаконско овозможиле компанијата да наплати средства од Општина Кратово, во висина од постигната сума на тендерска постапка за изградба на регионален пат, иако патот не бил завршен.

„С.Т. и К.Н., вработени како машински, односно градежен инженер во „КООП Инженеринг“ Куманово, на 29.11.2018 изготвиле и своерачно поптишале Градежен дневник и Градежна книга со невистинита содржина дека наводно градежните работи според основниот проект за реконструкција на локален пат во село Близанци биле во целост завршени, иако воопшто не биле ни започнати. Ваквите документи со невистинита содржина, Љ.Т. во својство на надзорен орган со лиценца, назначен од страна на инсвеститорот, општина Кратово, со Писмен налог за вршење на стручен надзор над градби во општина Кратово за 2018 година, со свој потпис како вистинити ги оверил, по што изготвил и со свој потпис и печат заверил Завршен извештај и Извештај за извршен Технички преглед од надзорен инжинер со невистинита содржина“, соопштија од МВР.

Според Бирото за јавни набавки, Општина Кратово и „КООП Инженеринг“ склучиле договор за Реконструкција на локален пат во село Близанци на 13.09.2018, во износ од 2.189.771 денари со вклучен ДДВ, со тоа што кумановската компанија била избрана за најповолен понудувач во конкуренција на уште една компанија. Притоа, договорот меѓу двете страни е склучен со времетраење од 2 месеци, што значи дека изградбата на патот требало да биде завршена на средината на ноември минатата 2018 година.

„Договорниот орган е должен да го изврши плаќањето во рок од 60 дена сметано од денот на заверена и завршна ситуација од двете договорни страни, во архивата на Општина Кратово. Во доставената ситуација за извршени работи треба да бидат наведени извршените работи со количини потврдени преку градежната книга и градежниот деловник, потпишани и заверени од надзорниот орган“, гласи членот 3 од договорот потпишан од кратовскиот градоначалник Љупчо Бојаџиев и управителот на кумановската компанија Агим Љатифи, кој практично, според МВР, е прекршен.

Инаку, официјалните податоци покажуваат дека „КООП Инженеринг“ добил низа тендери, пред се од Општина Куманово, со која, меѓу другото, годинава склучил договор за изградба на кружен тек во износ од 23 милиони денари, за изградба на локален пат во износ од 21 милиони евра, за атмосферска канализација во износ од 17 милиони денари итн. Патем, компанијата склучила еден голем договор со ЈП Улици и патишта во минатата 2018 година за набавка на битумен во износ од 35 милиони денари.

В.С.

Поврзани новости