Зошто Боки 13 не може да биде хоспитализиран?

by fokus

Институциите си ја префрлаат меѓу себе одговорноста и никој не одговара конкретно зошто осомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13 не е хоспитализиран, иако неговиот адвокат тврди дека има медицинска документација и одлука од судот, ако лекарите утврдат, Јовановски да биде хоспитализиран.

Директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, Калина Старделова, клиниката каде осомничениот ги врши повеќето од прегледите потврдува дека лекарите од оваа клиника утврдиле дека на Јовановски треба да му биде направена колоноскопија, метода која кај поголемиот дел од пациентите се прави амбулантски.

Старделова е на пат во Германија и кратко ни одговори дека ги нема новите медицински информации за пациeнтот,што за неa е најбитно.

-Адвокатот го има наодот од прегледот, проценка е дека треба колоноскопија, што кај поголемиот број пациенти се прави амбулантски. Адвокатот бара, со образложение дека во притворот нема услови за прочистување,тоа да биде направено во болнички  услови за што одлучува судот, ни изјави Старделова.

Лекарот од Торакална  клиника,Зоран Спировски кој Дуковски неколку пати го споменуваше,во разговор ни изјави дека не се сеќава точно дали му препорачал хоспитализација, но вели дека неговото здравје е сериозно нарушено.

На Јовановски за утре му било закажана и колоноскопија – тоа е зафат кој се изведува на дебелото црево со локална анестезија и за него е потребно пациентот да биде на петдневен диететски режим.

– Таа интервенција требаше да се спроведе утре, за во петок попладне да му речат дека нема да ја прават на 20 ноември,туку во понеделник на 18-ти, како да се работи за обичен пациент,иако има протокол и третман од пет дена, кој со ова му беше скратен на два, реагира Дукоски. Поради ова Јовановски одбил да ја направи колоноскопија.

Последниот преглед на обвинетиот бил во петокот,судот веднаш одговорил на барањето, а се согласил и ако треба притвореникот да се хоспитализира. Меѓутоа, и во таква ситуација, вели адвокатот, Боки 13 три часа бил чуван во затворското комбе, додека медицинските авторитети да се договорат, за на крај да кажат дека нема место за да го хоспитализираат.

– Се работи за алиби на здравствените власти,каде никој не сака да преземе одговорност за Јовановски да биде хоспитализиран – смета адвокатот.

Директорот на  истражниот затвор во Шутка, Есад Рахиќ вели дека тој постапува по судски наредби.

-Судот дава дозвола да се носи на лекар, лекарот специјалист му кажува на судот дека е за хоспитализација и јас врз основа на лекарскиот судски налог постапувам.Јас не можам да го хоспитализирам. Јас имам обичен лекар во затворот, кој утврдува дијагноза и го носиме на сецијалистички преглед, вели Рахиќ.

Додека Јовановски бара да биде хоспитализиран, Апелација одлучи поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева да биде пуштена во домашен притвор.

Ф.Ф.С

Поврзани новости