Крвна или криминална одмазда му пресуди на таткото на Гани Туша?

by fokus

Крвна или криминална одмазда му пресуди на Зељкиф Туша, таткото на Гани Туша кој е осомничен за убиството на еден од водачите на „Дуќанџик“, Орхан Бајрами – Оки и кој беше осомничен дека е поврзан со двојното убиство во „Шиша бар“, кога беше убиен и друг водач на истата група, Јетон Кривањева-Жила.

Туша всушност беше во притвор токму за убиството во „Шиша бар“, но по истекот на шест месеци, му беше определен нов притвор за друго кривично дело, за тешка телесна повреда.

Неговиот татко попладнево беше најден мртов со прострелна рана на локалниот пат од Долно кон Горно Блаце. Неговото мртво тело го нашол брат му, без знаци на живот и прострелни рани од огнено оружје.

Едната верзија за причините за убиството е дека Зељкиф Туша бил убиен поради крвна одмазда. Братот на лице кое беше убиено во престрелка во 2017 година од Блаце, а е во бегство, наводно се сомнева дека позади убиството на неговиот брат стои Гани Туша и Бљерим Даци, кој беше убиен во Приштина по двојното убиство во „Шиша бар“, а беше меѓу еден од осомничените за поврзаност со ова двојно убиство.

Другата верзија за убиството на таткото на Туша е одмазда за групата „Барон“ чиј припадник е Туша, а сомнежите се поттикнуваат со тоашто ноќеска било запалено истоименото кафуле во Чаир, каде се собираат припадници на групата.

Прпадниците на оваа група, која е релативно нова во скопското подземје се повратници од боиштата, а токму оваа група се поврзува со двете убиства на водачите на „Дуќанџик“.

Минатата година почнаа пресметките меѓу криминалните групи, „Дуќанџик“ беше обезглавена, а имаше и два неуспешни напади врз Раде Трајковски-Штекли кој се поврзува во групата „Барон“.

Последниот „потрес“ во подземјето беше полициската акција што се случи во Грчец, кога беа уапсени неколку припадници на групата, но не и Шеваљ Муареми, главниот водач на оваа група, која важи за блиска на групата „Дуќанџик“.

Ова се само неофицијални верзии, а истражните органи треба да објават кои се мотивите и кој стои зад последното убиство.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости