„Крвави борби со кучиња се организираат на излезот од Охрид, ликовите добро познати на полицијата“, обвинуваат од „Лајка“

by Fokus

Иницијативата за заштита на животните „Лајка“ објави фотографии од ринг за борба на кучиња, кој како што велат, е направен на јавна површина во околината на Охрид, на излезот према Струга.

Според „Лајка“ се работи за ликови, добро познати и на полицијата.

„Си организираат борби и мува не ги лази (заради наша безбедност моравме да ги цензурираме лицата). Со пехари, со присуство на лица од други градови и држави (претходно во кампот Андон Дуков се организираа, и ширум други струшки и тетовски села), со цела организираност која е апла воочлива и за полицијата која со години никого не санкционирала (од наши извори дознавме дека еднаш и била набркана кога по пријава отишле на сред една ваква борба полна крвопролевање на недолжни битија).

Што дека низа законски одредби се прекршуваат (види во прилог слики од Законот за заштита и благосостојба на животните), некои имаат “привилегија” да се ставаат над законите, и притоа иако закон прекршуваат да се закануваат на оние што закони почитуваат и важат за чесни и совесни граѓани. Свесни поради ризикот по нашата безбедност не се осмелуваме да пријавиме во полиција, каде несомнено ги има и лица ближни на овие ликови“ велат од „Лајка“.

Додаваат дека локацијата е добро позната и на полицијата и дека треба веднаш по оваа објава да делува.

„Не може и не смее за некого законите да важат (и за најмали ситници), а за некои да не важат (и за вакви големи зла).

Кутри животинчиња, недолжно измачувани и злоупотребувани заради нечии психички и душевни изместувања. Од овие зла, подлога се создава и за зла учинувани и врз луѓе, тешко таа држава која таа вистина не умее или не сака да ја воочи“ се вели во објавата на „Лајка“.

Поврзани новости