Кристина Лостова – жена копаничар: Не можам без чекан и длето

by fokus

Кристина Лостова е жена која што си го пронашла својот мир посветувајќи се на еден занает, кој кај нас се уште важи за ,,машки’’ поради тежината и комплексноста, и веќе петнаесет години им пркоси на правилата дека постојат женски и машки работи.

Со длетото и чеканот во рака, таа е една од ретките жени – копаничари, а нејзините уметнички дела можат да се видат во ,,Света Софија’’- малата црквичка во Охрид, манастирот ,,Свети Антониј Велики – Хамзали’’ ,,Света Гора’’ – соседна Грција… Досега изработила илјадници дела, и вели дека со завршувањето на секое ново дело и се раѓала желба да направи нешто ново, уште подобро од претходното.

,,Родена сум во Скопје пред триесет години, и уште од мојата петнаесетта година започнав да се занимавам со вајарство и копаничарство. Започнав како самоук уметник, од парче мермер и импровизирани длета го наоѓав патот до прекрасен грозд и лист. Мермерот со кристали и даги ми беше првата љубов, а потоа почнав да ја истражувам можноста за работа со дрво како алтернатива, бидејќи е полесно за обработка. Пред седум години ја завршив обуката на ЗЗН ,,Стари занаети’’ и станав нивни член, па зедов учество на голем број на нивни групни изложби’’ , вели Кристина, која има свое мало атеље во селото Марена – Кавадарци, и со нејзиниот животен сопатник максимално е посветена на копаничарството.

15300485_10211089883586715_309698434_n,,Во атељето го пронајдов мојот внатрешен мир и спокој, но и задоволство. Резбата стана дел од мојот живот и да бидам искрена, не можам да го замислам мојот живот без длето и чекан, секој изработен цвет, секој лист или орнамент е мотив за нешто ново, нешто поубаво од претходното, поразлично, па се движам во бесконечност. Изработувам разни дела, најчесто по желба на нарачателот, а тежината на изработката ја диктира самата цена“, објаснува Кристина.

Таа вели дека има илјадници дела зад себе, голем број икони, и тврди дека во Македонија може добро да се живее од копаничарство.

„За тоа сведочат многу мои колеги, кои опстануваат само од копаничарство, но секако, работата е тешка и макотрпна. Љубовта кон копаниката го прави полесен трнливиот пат на создавањето на едно дело, и секогаш, по завршувањето на работата, кога пред нас го имаме готовиот производ, се чувстуваме како да сме на памук. Знам дека ова е еден вид машка работа, овде доминира посилната половина, а женската популација ја има во малцинство, но сепак јас се пронајдов и го живеам својот сон’’ – вели Кристина, која што планирала да отвори школа за македонската резба и симболиката во македонското копаничарство во Кавадарци, каде што овој занает бил слабо застапен, и да ги собере врвните копаничари од тој крај.

,,Среќна сум што помладата популација има интерес за оваа уметност, но ме разочарува состојбата во црквите и манастирите кои во поголем број се распаѓаат, а во Македонија има вредни и ценети раце кои што можат да ги украсат до совршенство, да понудат еден мал свет кој што ќе го воодушеви секој турист’’, раскажа за ,,Фокус’’ Лостова.

Вики Клинчарова

Поврзани новости