Крај за ,,затворскиот туризам” откако Мијалков и Камчев открија дупка во законот

by fokus

Наскоро ќе му дојде крајот на затворскиот туризам, односно во иднина нема да може осудениците самите да го бираат затворот во кој ќе треба да ја одлежат затворската казна.

Затворскиот туризам се актуелизираше кога бизнисменот Орце Камчев и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, наместо во истражниот затвор во Шутка, одбраа казните за ,,Империја” да ги одлежат во струшкиот затвор, каде што добија поголеми привилегии. Поточно, тие по направените спогодби го сменија местото на живеење во Охрид, по што добија право да ,,лежат” во затвор од отворен тип. Ова значи дека преку ден се на слобода поради работни ангажмани, а навечер се враќаат во затворот за да преспијат.

По оваа ,,итроштина” беа најавени законски измени на Законот за извршување на санкциите кој сега е во собраниска процедура.

Па така, во измените пишува:

,,Со членот 2 од Предлогот на закон се менува членот 7 од Законот со што е променето постоечкото законско
решение, односно првостепената одлука
со која е изречена санкцијата судот е
должен да му ја достави на надлежниот
суд за извршување на санкциите според
местото на живеалиштето, односно
престојувалиштето кое осуденото лице ја
имало во моментот на започнување на
кривичната постапка, со што се
елиминира можноста за менување на
адресата на живеење на лицето пред
изрекување на првостепената пресуда
или извршноста на одлуката”.

Од Министерството за правда појаснуваат дека законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, создавање посигурна безбедносна средина во затворите како и генерална и општата безбедност во државата коja ќе се постигне со формирање на Единицита за затворско разузнавање и Единицита за интервенции.

-Со промената на дел на кривичното законодавство во земјава, се јави потребата и од менување на Законот за извршување на санкциите.
Како причина за носењето на овој закон е и менувањето на затвореничката структура во Република Северна Македонија, појавата на се поголем број на радикализирани осудени лица, како и потреба од допрецизирање на начинот на кој што осудените лица по доставување на упатните акти имаа можност за менување на адресата на живеење со што ја бираа казнено-поправна установа во која би ја издржувале казната, велат од правда.

Законските измени претходно ги најави и екс министерот за правда Никола Тупанчевски.

„Испадна дека Струга е градот на затворски туризам. Се работи нели за закон од отворен тип и се разбира дека и во однос на безбедноста и условите за издржување на казната се попривилегирачки или подобри во однос на другите казнено поправни установи во нашата држава. Правна можност за тоа постои, но она што ние можеме да го направиме како правда во иднина, еве се менува и законот за извршување на санкции, каде што еве како идеја би можело да ставиме, односно би било добро „извршувањето на казната да се врзе со последните 2 години на живеалиште од пред извршување на кривичното дело. На таков начин ние би избегнале оваа апсурдна ситуација, или ситуација која можеби по малку наликува на злоупотреба или излегување од правата рамка“, велеше Тупанчески.

Од министерството за правда додаваат дека со законот се подобруваат и условите и правата од работен однос на вработените во Управата и вработените во КПУ и ВПУ, но информираат и за воведување на уште една новина.

-Воспоставувањето на системот за видео надзор и користење боди камери во установите ќе доведе до намалување на корупцијата во казнено-поправните установи, велат од правда.

Валентина Вурмо

Поврзани новости