Коѕијас за Преспанскиот договор: Грција не победи во светска војна за да нема компромис

by Фокус

За аргументите за и против Договорот од Преспа, дискутираа поранешните шефови на грчката дипломатија од Нова демократија, ПАСОК и СИРИЗА, Дора Бакојани, Евангелос Венизелос и Никос Коѕијас за време на панел дискусијата посветена на надворешната политика на конференцијата на „Катимерини“ по повод 50-годишнината од обновувањето на демократијата во земјата.

Коѕиас, кој е потписник на Преспанскиот договор, објасни како течеа преговорите и упати критики дека „политичкиот персонал во Грција нема политичка храброст да го поздрави тоа што земјата конечно реши еден проблем“.

Тој посочи дека во делот на јазикот и националноста станува збор за компромис.

-Не победивме во некоја светска војна за да не постои компромис – рече Коѕиас.

Тој истакна дека јазикот уште од 1977 година е регистриран во ОН, а се осврна и на меморандумите што не се ратификувани во Парламентот.

-Жал ми е многу што Владата на Нова демократија продолжува да го третира случајот со Преспа како внатрепартиски проблем. Односно, постојат трите протоколи, едниот протокол вели дека ние ќе го контролираме воздушниот простор на Северна Македонија. И ова не го носи во Парламентот. Зошто? Кој ќе биде против? И сега воздушниот простор преку НАТО го преземаат Италијанците, а за кратко ќе видиме што ќе прави и Турција. И се прашувам, кој е придобивката? Која е целта? – праша Коѕијас.

Бакојани, пак, смета дека Договорот од Преспа е проблематичен е делот за јазикот и идентитетот, а не самото име, а детално се осврна на грчкото вето на Самитот во Букурешт во 2008 година.

-Ми се јавува Кондолиза, не ми вели здраво, како си, веднаш ми вели: „Имаме проблем“. Ѝ велам: „Да, голем“. Ми вели: „Знаеш, треба да прифатиш да влезат под името ФИРОМ“. Се наоѓаме една седмица пред Букурешт, не може да продолжат разговорите, не постои договор со Скопје. Ми вели: „Ќе го прифатиш“. Ѝ велам: „Само преку мене мртва“. Ми вели: „Не ме разбра“. Ѝ велам: „Што не разбрав?“. Ми вели: „Претседателот ќе биде многу вознемирен“. Ѝ велам: „Нема да биде ни прв ни последен пат претседателот да биде вознемирен“. Како што сфаќате овој разговор не помина многу добро. И бидејќи не помина добро и се изнервирав, реков нешто за што се каам. Ѝ реков: „Јас и ти имаме една разлика. Ти си поставена од претседателот, што значи одговараш пред претседателот, Јас сум избрана и одговарам пред народот“. И го завршивме разговорот – раскажа Бакојани.

Поврзани новости