Ковачевски во Виена: ЕУ не може да има две граници, тоа не е одржливо, економската интеграција е клучна за регионот

by Fokus

Економската соработка и интеграцијата на земјите е клучна за регионот и движечка сила кон Европската Унија. Северна Македонија постигна многу и ќе продолжи да напредува на тој пат, истакнал денеска премиерот Димитар Ковачевски на панелот „Градење економска соработка во тешки времиња“ во рамки на виенскиот Економски форум.

„ЕУ не може да има две граници, тоа не е одржливо. Во моментов има надворешна граница на ЕУ и внатрешна граница што е токму околу земјите од Западен Балкан. Затоа, интеграцијата мора да се случува во политичкиот, но и во економски дел. Затоа цврсто го поддржуваме и го побаравме планот од претседателката на Европската комисија за раст на Западен Балкан, бидејќи тој се потпира и лежи врз придобивките на интеграцијата.

Северна Македонија во изминатите две години, во време на криза, постигна многу релевантни работи, осоебно во делот на зацврстувањето на односите со ЕУ. Ние го надградивме сето тоа со членството во НАТО“, нагласи премиерот.

Говорејќи за регионалните иницијативи на земјите од регионот, како Берлинскиот процес и Отворен Балкан, претседателот на Владата ја потенцирал важноста дека надградувањето на економската соработка носи придобивки за граѓаните од сите земји.

„Трговијата по иницијативата со Србија и Албанија меѓу трите земји се зголеми за 25 отсто. Трговијата на Северна Македонија со Србија се зголеми за 50 проценти, а со Албанија за 40 отсто. А туризмот процвета бидејќи граѓаните најдоа можности да ги посетуваат земјите во регионот. Сето ова оди рака под рака со добрите политички односи, без добри политички односи секако не може да има економска интеграција“, рекол Ковачевски.

Поврзани новости