Ковачевски: Ниту јас знам да правам споменици, ниту Оливер жални врби, ние работиме домаќински

by fokus

Северна Македонија како и секоја земја во услови на најголемата светска енергетска криза, водеше стратешки домашни политики за снабдување со енергија и храна и зголемување на производството, со цел системот да функционира, граѓаните да се заштитат од ценовен шок, компаниите да бидат ликвидни и виталните функции на државата да се одвиваат непречено.

Ова го порача премиерот, Димитар Ковачевски вечерва на отворената трибина „Ние сме Европа“ во Куманово, на осмиот завршен настан говореше на тема: „Членството во ЕУ од аспект на енергетиката“.

Премиерот Ковачевски рече дека со растот на инвестициите во обновливи извори на енергија, кризата ја претворивме во можност, станавме лидери во енергетската транзиција и нашата земја ја претворивме во зелен енергетски хаб.

-Ние во Владата не сме креативни како оние кои ја водеа Владата до 2016 година, нит јас знам да правам споменици, нит Фатмир Битиќи знае да прави фасади од стиропор, нит Оливер знае да сади жални врби во Вардар, она што знаеме да правиме е домаќински да работиме, така сме воспитани и финансиските средства да ги насочиме кон оние кои што им се најпотребни, а тоа се граѓаните посебно од ранливите категории, тоа се пензионерите со ниски пензии, тоа се невработените лица, тоа се лицата со посебни потреби, самохраните родители, студентите, средношколците, основците. И тие се оние кои што ќе ги добијат финансиските средства од деветтиот пакет антикризни мерки заедно со компаниите кои треба да ги очуваат работните места, рече тој во дел од своето обраќање.

Покрај претседателот на Владата, Ковачевски на отворената трибина говореа и Бојан Маричиќ, заменик на претседателот за европски прашања, Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Бесими, министер за финансии, Н.Е Дејвид Гир, Амбасадор на Европската Унија, како и Н.Е Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија, а присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претставници на дипломатски кор, институции, граѓански организации и деловната заедница.

Поврзани новости