Ковачевски кажа анегдота за Максим Димитриевски, тој го нарече устоличен премиер

by fokus

Во Европскиот фронт вратите се отворени за сите што ги делат вредностите за зачленување на земјава во ЕУ, а затворени за политички партии кои имаат алтернативни решенија, а не за зачленување во ЕУ, вели во интервју за МИА претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.

На прашањето дали ќе коалицира со поранешниот член на СДСМ Максим Димитриевски, кој е градоначалник на Куманово и основач на партијата ЗНАМ, Ковачевски вели дека тој својата кампања ја базира на тоа да биде против своите.

-Максим Димитриевски е долгогодишен поранешен член на СДСМ. Тој во текот на своето политичко делување одлучи да формира своја политичка партија. На минатите локални избори во градот Куманово тој беше поддржан од опозицијата на државно ниво, односно од ВМРО-ДПМНЕ и од некои други политички партии и на тој начин успеа да го добие мандатот за градоначалник, односно да извојува победа за градоначалник и после тоа формираше своја политичка партија. Не би можел во моментов да ви кажам во делот на коалицирањето или со политичката партија која што ја предводи градоначалникот на Куманово или со други политички партии со коишто не сме коалицирале со оглед на тоа дека тие во своите настапи сакаат да направат диференцијација од тоа што биле цел живот, вели Ковачевски.

Тој раскажа анегдота, како што вели, што го потсетувала „кога својата кампања ја базирате на тоа да бидете против своите“, и оти имало такви искуства и во минатото, политички партии коишто произлегуваат од СДСМ, меѓутоа на крајот пак завршувале или во СДСМ каде што им било и местото или во коалиции со СДСМ.

-Има една анегдота која што ја кажува поранешниот претседател на САД Роналд Реган. Имало некој човек којшто сонувал постојано број 5. И секоја вечер сонувал број 5, а бил притоа и страствен љубител на обложување на трки со коњи. Тргнувајќи од фактот дека сонувал број 5 цело време вели петка е сигурно среќен број за мене и отишол на една од трките кај што живеел во САД и сите пари коишто ги имал ги ставил на трка број 5, на коњот и џокејот во стаза 5, па и коњот се викал 5х5 и на крајот вложил се’ и коњот нормално завршил на петто место. Така што, од прилика така завршуваат тие ситуации во коишто човек се клади против своите. Така што, да видиме како ќе биде на изборите, рече Ковачевски за МИА.

Максим Димитриевски потоа реагираше на изјавата на Ковачевски.

-Претседателот на СДСМ, устоличен на позицијата премиер без легитимитет на избори и е единствен кој не го избраа граѓаните, станал и љубител за раскажување анегдоти. Очигледно знаејќи што го очекува на претстојните претседателски и парламентарни избори и во својот очај, почнува да ги коментира локалните избори кои завршија пред повеќе од две години.

Тој најави дека на изборите неговото движење ќе настапи самостојно, ќе ја побара подршката од сите граѓани и нема да ги дели граѓаните по партиска, верска и етничка припадност.

Поврзани новости