Поранешниот кошаркар Пеце Наумоски бара јавно извинување од „Фокус“ и повлекување на текстот за сведоштвата на неговата сопруга, во спротивно се заканува со тужба

by Fokus

Поранешниот кошаркар Петар Наумоски, кој во моментот е претседател на Македонската кошаркарска федерација вчера во писмен допис побара од „Фокус“ да се повлече текстот – „Сања Обрадовиќ, сопруга на кошаркарот Наумовски:Ме избрка од Македонија, а на децата не им дава ниту денар алиментација“ и побара јавно извинување од редакцијата, оти во спротивно ќе тужи.

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 9 октомври, 2015 година во бројот 1044, а реобјавен на сајтот на 10 јули, 2017 година со оглед на тоа што како што може да се забележи на сајтот постои рубрика „Архива“, во која се реобјавуваат текстовите во зависност од актуелноста на самиот текст, како и нивната поврзаност со дневно политичките настани.

Во самиот текст може да се прочита дека се работи за лично сведоштво на неговата поранешена сопруга Сања Обрадовиќ, која со јавноста ги сподели проблемите со кои се соочува. Таа објаснува дека нејзиниот живот се претворил во пекол и дека Наумоски речиси три години не и платил алиментација, што според нејзините пресметки изнесува 72.000 евра. Обрадовиќ во текстот уште тврдеше дека таа покренала судски процес против него.

На нејзините обвинувања реагираше Наумоски. Ви ја пренесуваме неговата реакција:

„Во однос на издршката, односно дали е плаќана или не, во списите на судскиот предмет има доволно докази, а во меѓувреме има правосилна и извршна пресуда, но ако истата не ја задоволува Сања Обрадовиќ, тоа е нејзин проблем, а не да ме клевети преку вашиот медиум дека јас сум влијаел на судот за таквата одлука. Исто така, дотичната госпоѓа поседувала склучен договор на дело со Амбасадата на Република Србија, каде истата добивала надомест кој секако е повеќе од пристоен за македонски услови. Истата наведува дека во куќата во која живеела и била исклучена струјата, за кои исто така се докажа дека се апсолутни невистини. Сања Обрадовиќ живееше во куќа од 800 квадрати на Водно со две куќни помошнички и соогласно договорот по одреден период требаше да си ги плаќа сама сметките. Струјата е исклучена поради неплатени сметки за девет месеци, но таа таму живееше три години. Секој новинар од нејзиниот исказ ќе утврди кога е раскината заедницата и кога се иселила. Зошто не се прашавте кој ги плаќал сметките за куќа од 800 квадрати повеќе од две години и како она таму живеела со децата.

За целата ваша приказна има уште еден битен факт, едното дете самоиницијативно се преселило и живее со тужениот, односно неговиот татко, за да на крај вистината е на сосема друго место бидејќи дотичната двете малолетни деца под 14 години ги иселила од Македонија без соогласност на едниот родител-таткото, а тоа е во спротивност и со меѓусебниот договор, а и со законските прописи на Република Македонија. Сите знаеме дека за едно малолетно дете под 14 години патува во странство без давта родители, треба да има согласност од двата родители дадена во МВР.

Сите овие очигледни невистини и факти без посебно посебно правдање од мене требаше да ги утврдите уште тогаш. Но, сега со реобјавувањето, уште повеќе доаѓате во ситуација да ме клеветите, бидејќи некои работи сега се дури и појасни. Нема оправдување дека тоа е само реобјавување. И реобјавувањето на невистини и клевети, исто така преставува одреден прекршок. За да моето сомневање за тенденциозност биде поголемо е и фактот што текстот го пишувала Ирена Мулачка, која сега е уредник на Веб редакцијата.

ОДГОВОР НА АВТОРОТ

Авторот на текстот и редакцијата „Фокус“ немаат никаква намера да се извинат, бидејќи текстот се темели на лично сведоштво на неговата поранешна сопруга Сања Обрадовиќ, која за нашата редакција сподели со какви проблеми се соочувала во бракот со поранешниот кошаркар, како дошла до финансискиот крах и принудното напуштање на Македонија затоа што немала повеќе пари.

Исто така, во текстот се објаснува и за подемот на неговата политичка кариера со оглед на тоа што беше пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, што несомнено му овозможи и влијание во бизнисот, посебно откако во 2010 година, како што објавуваа медиумите, купи две парцели во скопски Аеродром за изградба на аква-парк и спортски терени.

Уште пред две години, пред да го објавиме текстот, Наумоски беше прашан да ни даде одговори за обвинувањата од страна на неговата поранешна сопруга, на што тој ни врати кратка смс- порака во која пишуваше:

„Поранешниот кошаркар Наумоски во изјава за „Фокус“ ги демантира сите обвинувања упатени на негова адреса и тврди дека за алиментацијата за децата, судот ќе донесе пресуда.

– Тоа се големи невистини за кои судот ќе донесе пресуда. А, за сѐ друго не сакам да зборувам затоа што фамилија е во прашање. Меѓутоа, Господ е сведок за сѐ – вели Наумоски.

И, во тој период „Фокус“ му отстапи простор да ја објасни својата страна и да одоговри на обвинувањата упатени на негова адреса. Тој имаше доволно простор да и одговори на јавноста, но Наумоски одлучи само во две-три реченици да го искаже својот став.

Понатаму, авторот во текстот во ниту еден момент не коментира и не искажува свои лични ставови, освен што можат да се прочитаат тврдењата на неговата поранешна сопруга и неговата изјава, во која демантира се што кажала таа. Оттука, може да се заклучи дека „Фокус“ не носи никаков суд за односот меѓу поранешните сопружници, освен што ги пренесува нивните ставови.

Исто така, не постои никаква тенденциозност текстот да биде реобјавен на сајтот на „Фокус“ со оглед на тоа што секој кој што ќе го отвори сајтот може да забележи дека има рубрика архива, во која се реобјавуваат текстовите од неделникот, како што веќе објаснивме погоре.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

 

Поврзани новости