Архива: Сања Обрадовиќ, сопруга на кошаркарот Пеце Наумовски: Ме избрка од Македонија, а на децата не им дава ниту денар алиментација!

by Fokus

Текстот е објавен на 9 октомври, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1044

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Не верувам дека постои некој во Македонија што не слушнал или, пак, не го знае кошаркарот Пеце Наумовски, кој повеќе од 15 години градеше кошаркарска кариера, но четири години се испроба и во политичките води, па во периодот од 2002 до 2006 година беше пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој на пратеничкото столче седна благодарение на Љубчо Георгиевски, за кој во тој период се пишуваше дека поради спортските заслуги, на Наумовски му подарил плац на Водно, информација што и самиот ја потврди.

Според пишувањата во медиумите, Наумовски не ја оправдал пратеничката функција бидејќи во Собранието се појавил неколкупати за четири години, а ниту еднаш во тој период не излегол на собраниска говорница, ниту, пак, зел збор за одредени прашања и теми. Тој во 2006 година, заедно со уште 55 пратеници, побарал апанажа, за да зема плата од државниот буџет и во наредната година.

Привилегиите на пратеник што ги имаше Наумовски несомнено му овозможија и влијание во бизнисот. Тој поддршката ја доби и од сегашниот лидер на ДПМНЕ, Никола Груевски, а во јавноста се шпекулира дека неговата блискост со одредени локални моќници му овозможила издигнување на бизнис-империјата.

Неговото име честопати е мета во јавноста, како за неговите кошаркарски успеси, така и за неговите бизнис-планови, особено откако во 2010 година купи две парцели во скопски Аеродром за изградба на аква-парк и спортски терени. За тоа, што и колку поседува Наумовски постојат разни шпекулации, но тој досега ништо јавно не потврдил.

Како и да е, освен за неговите активности како кошаркар и пратеник за кои редовно известуваа медиумите, до редакцијата на „Фокус“ пред неколку дена се обрати неговата поранешна сопруга Сања Обрадовиќ, со која бил во вонбрачна заедница цели 12 години и со која има три деца, за да раскаже непознат дел од неговиот живот. Како што тврди Сања, нејзиниот живот и животот на нивните деца Наумовски го претворил во пекол, ги оставил на улица без пари и речиси три години не ѝ платил алиментација, што според нејзините пресметки изнесува 72.000 евра. Но, како што вели таа, власта преку „независното“ судство во Македонија и адвокатите го штитат само затоа што е нивни човек.

НÉ ИЗБРКА ОД МАКЕДОНИЈА И МЕНЕ И ДЕЦАТА

 Како што вели таа, нејзиниот семеен живот со Наумовски бил окончан во мај, 2012 година по 12-годишен заеднички живот. По разделбата, Сања не сакала пред медиумите да ги објаснува вистинските причини за одлуката да стават крај на заедничкиот живот, па правела сѐ што е во нејзина можност, сето тоа да помине без преголема помпа во јавноста. Дури тврдела дека и покрај разводот ќе продолжат да се „сакаат“ и да одржуваат коректни односи поради децата.

Но, три години подоцна, доведена до финансиски колапс, разочарана од него и од институциите во земјава, таа одлучи за „Фокус“ да ја раскаже својата приказна – со какви проблеми се соочувала во бракот со поранешниот кошаркар, како дошла до финансискиот крах и до принудното напуштање на Македонија зашто немала повеќе пари.

Обрадовиќ е Србинка по потекло и тврди дека тука дошла да живее поради Наумовски. Таа додава дека во моментов е персона нон грата во земјава и сето тоа благодарение на нејзиниот поранешен сопруг, кој ја избркал и ја принудил да ја напушти државата.

Од мојот 12-годишен живот со мегаѕвездата и бизнисменот Петар Наумовски, јас од Македонија си заминав само со 30 кутии, без работа и без денар во џебот, доведена до просјачки стап. Три години се борев со него и бев принудена со децата да одам под кирија затоа што во куќата што живеевме ја исклучија и водата и струјата. Буквално нѐ остави на улица – истакна Обрадовиќ.

Таа пред десетина дена си заминала од Македонија со нарушено здравје, не можејќи повеќе да плаќа кирија и да ги издржува децата, бидејќи, како што тврди, нивниот татко на сите пари што ги има, не дал денар за нив. Обрадовиќ вели дека откако се разделиле, тој потпишал и нотарски договор дека ќе се грижи за децата. Но, ништо од тоа не испочитувал.

Веќе три години не сме заедно, а тој не се запрашал дали неговите деца имаат што да јадат. Имаме три деца, од кои постариот син остана да живее со него, а помалите две се со мене. Тој требало да плаќа по 500 евра за двете деца и 500 евра за трошоци на куќата, што би значело некаде околу 1.500 евра месечно. Тој веќе три години не платил алиментација, при што со камати таа сума достигна околу 72.000 евра. Па, зар некој како него, со толку пари треба да си дозволи да не даде пари за децата – прашува реторички Обрадовиќ.

Таа подолг период работела во амбасадата на Србија во Македонија, но за три месеци ѝ истекувал договорот на дело, па не знаела дали ќе може да продолжи со работа таму. Од тие причини си дала отказ и морала да замине, а двете деца ги добила на делумно издржување.

Ќерка ми не ја слушнал неколку месеци. Се однесува како децата да не постојат и многу ретко ги гледа. Не им купил ниту прибор со моливи за училиште, а не да се надеваат на нешто повеќе. Тој не се грижи за своите деца, ама затоа многу се грижи за децата во Македонската кошаркарска федерација. Постариот син остана со него, не можејќи да ја поднесе сиромаштијата во која живееме. Нѐ остави без леб, а јас моментално сум без работа, па може да замислите како живееме. Тоа ми остана од животот со мегаѕвездата и експертот за манипулации  – додава неговата поранешна сопруга.

Според Сања, нејзините проблеми влијаеле врз целото нејзино семејство, а мајка ѝ доживеала шлог.

Ме уништи мене, моите деца и моите родители. За жал, агонијата сѐ уште трае – истакна Обрадовиќ.

НЕ МОЖЕВ ДА НАЈДАМ АДВОКАТ

Но, тука не завршуваат нејзините проблеми. Таа веќе неколку години води битка со надлежните институции, судот и со Јавното обвинителство бидејќи, како што тврди, поради моќта на Наумовски и заштитата што ја добива од власта, таа не може да ја истера правната битка. Според неа, сите надлежни институции ѝ се затворени, а адвокатите не сакале да ја застапуваат бидејќи се работи за човек близок до врвот на партијата на власт.

Сите институции ми беа затворени. Од таму ми велеа дека се работи за моќен човек и да не се трудам да барам правда, бидејќи нема да ја добијам. Судскиот спор поради неплаќањето алиментација трае една година и два месеца, а пресудата се чека цели пет месеци. Предметот сигурно се чува во фиока, а јас против него со години правно не можам да излезам на крај – тврди Обрадовиќ.

Таа додава дека е огорчена и разочарана од македонското судство, а не може ни да сфати какви се тие адвокати кои не смеат да ја застапуваат.

Не ми се верува дека никој од адвокатите не сакаше да ме застапува. Каква моќ треба да поседуваш за да имаш сѐ под своја контрола – прашува Обрадовиќ.

Откако била одбиена од повеќе адвокати, единствениот што се нафатил да ја застапува е Петре Шилегов. Тој е ополномоштен сега да ги брани нејзините права, но, според неа, нема да биде ништо чудно, ако во провладините медиуми биде етикетирана како „сдсмовка“ или „соросоид“, само затоа што јавно си ги кажала проблемите што ги има со човекот близок до владејачката структура.

Шилегов тврди дека во наредните неколку дена ќе поднесе една од кривичните пријави.

Планираме да поднесеме две кривични пријави. Едната ќе биде за неплаќање алиментација за децата речиси три години, а тоа се околу 72.000 евра. Се спрема уште една кривична пријава, ама засега нема да откриваме за што се работи – истакна Шилегов.

Од друга страна, поранешниот кошаркар Наумовски во изјава за „Фокус“ ги демантира сите обвинувања упатени на негова адреса и тврди дека за алиментацијата за децата, судот ќе донесе пресуда.

Тоа се големи невистини за кои судот ќе донесе пресуда. А, за сѐ друго не сакам да зборувам затоа што фамилија е во прашање. Меѓутоа, Господ е сведок за сѐ – вели Наумовски.

Што точно се случува во семејството на поранешниот кошаркар и пратеник Пеце Наумовски, „Фокус“ не може да суди. Сепак, редно време е институциите во државата да се ослободат од партиските пранги и да почнат да ја извршуваат работата за која се поставени. Или, повторно се враќаме на познатата поговорка „Таму кај што е моќта, таму е и силата!“

Рамка1

КАВГИ И МЕСТЕНКИ И ПРИ ИЗБОРОТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МКФ

Поранешниот кошаркар и пратеник Наумовски пред пет месеци, во април, се закити со уште една функција. Тој стана новиот претседател на Македонската кошаркарска федерација, чиј мандат трае во наредните четири години. Но, и тој избор не помина без кавги и местенки за што обвини и поранешниот прв човек на МКФ, Даниел Димевски, за кого во април беше покрената иницијатива за негова смена.

Според неговите обвинувања, иницијативата за негова смена дошла од моќници во локалната политика, кои ја злоупотребуваат својата градоначалничка позиција.

Ваквото мешање на политиката во спортот е недопуштено и најстрого казниво согласно Статутот на ФИБА и ИОК. Секое продолжување на ваквото недопуштено однесување на локалните моќници ризикува суспендирање на македонската кошарка од сите меѓународни натпреварувања, вклучително и репрезентативните. Се наметнува прашањето кој стои позади ова и зошто? – прашуваше пред неколку месеци Димевски.

Неговото име не се појави при изборот за прв човек на кошаркарската федерација, а битката се водеше меѓу Наумовски и досегашниот член на Управниот одбор на МКФ, Абдураим Бајрактари, кој иако беше поддржан од десет члена, поради незапазување на процедурата се повлече од трката за претседател.

Новиот претседател по избирањето на функцијата најави и искоренување на непотизмот, кој години наназад владее во одредени тела и организации.

 Рамка2:

Сања ОБРАДОВИЌ:

БЕВМЕ ВО ЦРКОВЕН БРАК ЗАШТО ПЕЦЕ БЕШЕ ОЖЕНЕТ СО ДРУГА

Сања Обрадовиќ за првпат во јавноста признава дека живеела во бигамија со Наумовски, затоа што тој пет години бил женет со некоја Италијанка.

Ние имавме само црковен брак, не бевме венчани во матично. Јас се жртвував за него. Правевме свадба, но таа се криеше од јавноста за да не пукне афера дека е женет со документи за друга, а прави свадба со мене. За цело време на свадбата имаше обезбедување, за да не се снима ништо – тврди Обрадовиќ.

Рамка2:

НАУМОВСКИ ЗА АКВА-ПАРКОТ ВО „БОМБИТЕ“ НА ЗАЕВ

Во 35-та „бомба“ што ја објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев се споменува и Наумовски околу изградбата на аква-паркот во Аеродром. Според објавените аудиоснимки, телефонскиот разговор се одвива меѓу поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протогер:

МП: Миле.
МЈ: М?
МП: А, бе зошто Аква парк да правиме? Нели Пеце прави?
МЈ: Нема да го прави Мартин. Тој ќе го прави во фази, не знам што ќе прај таму.
МП: Што ќе прави Пеце?
МЈ: Па не знам, во фази сакал да го прави, не знам. Ивица ги знае деталите, оти кај него треба да добие одобрение за градење.
МП: Миле ништо не те разбрав, извини, стварно не те разбирам.
МЈ: Ивица ги знае деталите, оти кај него има поднесено барање за одобрение за градење. Ама не знам како ќе изгледа неговиот Аква парк. Можеме да го видиме проектот, кај Ивица е.

Поврзани новости