Меџити: Со изјава како вчерашната во Куманово, не би ја поддржале Силјановска Давкова

by Fokus

Со изјави како вчерашната од Куманово, коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците не би ја поддржала претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова во вториот изборен круг, рече вечерва на ТВ Сител лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, чија партија е дел од коалицијата „Вреди“.

Тој се осврна на вчерашната изјава на Силјановска-Давкова кога, алудирајќи на воениот конфликт во 2001 година, рече дека некои дела, т.н. дела против човештвото, никогаш не застаруваат.

Меџити ги оцени за непожелни ваквите изјави и побара од нив да се огради структурата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ја слушнавме изјавата од Куманово која, за жал, нè враќа во минатото. Непожелна изјава во однос на УЧК. УЧК е светост за Албанците и мислам тоа може да доведе до унифицирање на Албанците и мислам дека не треба да се враќаме на тоа. Имаме многу работа како да војуваме против корупцијата, како да обезбедиме подобра иднина за младите, со добра стратегија да ја запреме алармантната миграција на младите, а не да се враќаме на такви теми кои ги оживуваат старите духови“ – изјави Меџити.

Прашан дали опозиционерите од албанскиот блок ќе застанат зад Силјановска-Давкова во вториот круг од изборите за претседател, Меџити рече дека коалициските партнери во „Вреди“ сè уште не разговарале на оваа тема, но оти очекува тоа да го сторат деновиве. На прашањето дали нивните ставови се приближуваат до одлука за поддршка на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Меџити вели:

„Со такви изјави не. Очекуваме оградување од структурата и од ВМРО-ДПМНЕ на таквите изјави. Не кажав дека ќе одиме на бојкот или нешто слично, но не сум среќен заради таквите изјави. Со таквите изјави нема да добие поддршка од втората заедница во државата“.

Поврзани новости