Корона или принуден социјализам

by Fokus

Сето она што го имавме на ниво на подразбирање и не го ни мислевме, ниту забележувавме, преку ноќ стана важно и битно. Сите лажни големи нешта станаа небитни и неважни, а оние ситни мали убави работи кои го прават животот убав, станаа важни, но недостижни во мигот

Пишува: Звонко Давидовиќ

2020 година по Христа, планетата  Земја се ресетира, а човечкиот род е исправен пред заканата од корона вирусот. Седиме затворени во своите домови и сè уште затворени во стереотипите на своите умови. Вековната човечка алчност, умислена супериорност, бездушното силување на природата, грабањето и приграбувањето на природните ресурси, потценувањето и заробувањето на природата и лажните и искривени општествени вредности нè донесоа до ова што денес ни се случува. Разлутената природа и ранетата планета Земја, на која сме само неблагодарни гости, се ресетира, држејќи ни ја најголемата лекција во нашите животи.

За жал, некои луѓе никогаш нема да ја разберат лекцијата, ниту ќе извлечат поука, други бргу ќе заборават, а само еден мал број ќе ја сфати пратената порака.

ПЛАНЕТАТА ПРАЌА ПОРАКА

Мали сте и ситни, бездушни и безобразни, алчни и егоисти и се однесувате како да сте сами на планетава и како да сте ја создале вие. Гости сте и небитни сте за иднината и за бесконечноста на природата. Тоа е пораката што ни ја праќа нашата планета, која се ресетира и закрепнува од нашето дивеење. Избистрените води на Венеција, делфините и лебедите, враќањето на слоновите на Тајланд се само мал знак колку сме ја загадиле и опоганиле планетата и колку не ѝ требаме.

Од друга страна, со наш чекан нè удира по глава, па вирусот што сами си го создадовме, нè коси и нè затвора по домовите, ни го менува животот и однесувањето, а на малкумина и сфаќањето. Како што нè натера да се тргнеме од природата за да закрепне, така нè натера да се изедначиме меѓу себе, и покрај поделбите што ги правиме со векови.

Богат или сиромав, крал или просјак, премиер или чувар, лекар или пекар, црн или бел, муслиман или христијанин, паметен или глупав, станавме сите еднакви. Исти во едно деноноќие, исправени пред короната, која не бира, ниту избира. Корона, пред која и поради која сме сите исти. Сè повеќе верувам во статусот на една девојка, која напиша дека ние сме вирусот, а короната е прочистувач.

Без оглед кои сме, што сме и какви сме, сите седиме затворени во своите домови, мачкајќи се со истиот гел, кој ги прави рацете толку суви што се лизга сè низ нив и паѓа. Сите чекаме во редовите за намирници и маски, ракавици и лекови. Никој не може да отиде на викенд, или надвор од државата, сите истиот воздух го дишеме и стравуваме за своите деца и себе.

Иста болест нè коси, иста опасност нè демне. На ист начин збудалуваме дома, мерејќи ги собите, бројот на шпагетите во едно пакување, бројот на ливчињата во една ролна тоалет папир. Короната нè натера на еднаквост, братство и копнеж по слободата, која до вчера не знаевме да ја цениме. Ни воведе принуден социјализам.

ДА ИЗВЛЕЧЕМЕ ПОУКА

Сето она што го имавме на ниво на подразбирање и не го ни мислевме, ниту забележувавме, преку ноќ стана важно и битно. Сите лажни големи нешта станаа небитни и неважни, а оние ситни мали убави работи, кои го прават животот убав, станаа важни, но недостижни во мигот.

Ниту едни пари или позиција не можат да се споредат и да бидат поважни од саботното утринско кафе со пријателите во „Форца“. Ништо не може да ја плати или надомести прегратката или бакнежот со саканата, прегратката и ракувањето со пријателот. Ништо на светов не може да ја надомести слободата на безгрижната прошетка по паркот или кејот, безгрижниот разговор со гостите, неоптовареноста за своето здравје и живот.

Непроценливо богатство е можноста да се поздравиш и да застанеш да поразговараш со познаник што си го сретнал на улица. Сето тоа не знаевме да го цениме и негуваме и затоа сега го немаме. Сите богатства на светот, сета трка по пари и моќ станува смешна и глупава, кога вистинскиот живот застанува и кога остануваш сам со предметите што не зборуваат, не сочувствуваат, не комуницираат.

Се надевам дека сите ќе извлечеме поука од ова што ни се случува, дека она човечкото во нас повторно ќе се роди и ќе нè сплоти и дека ќе продолжиме со многу поквалитетен живот исполнет со љубов, братство, сочуство и солидарност. До тогаш чувајте се и верувајте дека по дождот секогаш изгрева сонцето.

 

Поврзани новости