Конечен триумф на незаконскиот проект „Скопје 2014“

Работната група нотираше дека спомениците се дивоградби, а Владата достави насоки до Центар, меѓутоа тие никогаш не беа урнати, дислоцирани и избришани.

by Фокус

Иако власта најавуваше дека на Триумфалната порта ќе постави бројчаник, кој ќе покажува како се враќаат украдените пари паралелно со завршувањето на судските процеси за финансиски криминал, на крајот овој споменик остана да го симболизира триумфот на „императорот“, пишува најновиот број на неделникот Фокус.

„Овој споменик потсетува на познатите историски монументални градби што биле градени во слава на големите римски императори, кои после извојуваните победи влегувале во градот церемонијално поминувајќи под овие специјално изградени „триумфални арки или капии“, се наведува во елаборатот за споменикот изготвен од работната група за „Скопје 2014“.

Инаку, ова експертско тело, формирано по политичките промени со решение на министерот за култура, нотираше дека сите анализирани споменици поставени во центарот на градот (Александар, Филип, Самоил, Ченто…) се дивоградби, поради што се предлага нивно уривање или дислокација.

Притоа, од сите споменици се издвојува токму Триумфалата порта, заедно со споменикот Мајка Тереза, од причина што, освен што се изградени спротивно на низа закони (за меморијални споменици, за просторно и урбанистичко планирање, за буџет…), тие се лоцирани среде сообраќајници, каде впрочем се формирани градежни парцели на земјиште за општа употреба.

Врз основа на ваквите наводи на работната група, Владата лани изготви и достави Мислење, со насоки до Општина Центар како да се постапува при изготвување на новиот урбанистички план „Мал ринг“, каде всушност се лоцирани најголем дел од споменатите споменици од „Скопје 2014“.

Меѓутоа, овој план тој никогаш не беше донесен. Имено, планот ја минал фазата на јавна анкета и требало да оди на одобрување во Град Скопје и Министерството за транспорт. Сепак,  процедурата не беше заокружена пред Уставниот суд да го укине мораториумот, со што на сила се врати стариот ДУП.

На тој начин, веќе може да се констатира дека контроверзниот проект „Скопје 2014“ е речиси завршена приказна, особено откако на последните локални избори се делегетимираа политичарите од левицата, кои за време на кампањата ги воскреснаа најавите за дислокација на спомениците изградени во рамки на проектот тежок половина милијарда евра, реализиран во времето на Никола Груевски.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

В.С.

Поврзани новости