Заев и Гаши ќе кажат колку ресори добива Алтернатива

by fokus

Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши денеска во Клубот на пратениците ќе ја потпишат програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

Се очекува Заев и Гаши да кажат и кои ресори ќе ги преземе Алтернатива.

Одлуката за влегување на Алтернатива во владината коалиција беше донесена синоќа во Тетово на седница на Цантралниот совет, највисокото тело на партијата.

Договорено е Владата да побара меѓународна истрага за случаите каде, според Алтернатива, има сомнежи за политичка импликација како што се Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу итн.

На состанокот на Централниот совет на Алтернатива му претходеа три средби на Гаши со премиерот и претседател на СДСМ во оставка Зоран Заев на кои се дискутираше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на парламентарното мнозинство од нивните четворица пратеници.

Разговорите за ново парламентарно мнозинство и за влез на Алтернатива во владината коалиција следат по неуспешната иницијатива во Собранието од страна на опозицијата за гласање доверба на Владата и повлекувањето на Беса од владиниот кабинет.

И Алтернатива беше дел од опозицискиот блок потпишан за гласање недоверба на Владата, но Централното претседателство на партијата минатиот петок го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза.

Поврзани новости