Која опција ќе му се понуди на Советот на јавни обвинители да избере уште седум обвинители за Јанева?

by lali 11:34
11:34

Иако синоќа не некои од членовите на Советот на јавни обвинители им било дојавено дека е можно денеска да има нова седница на која одново ќе се зборува за тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева и ќе се направи обид да се надмине ситуцијата во која и беа избрани само седум од предложените 14 обвинители, сепак се уште не е ништо закажано. Со таквата постапка практично беше прекршен Законот за специјално обвинителство. Тоа што утринава ништо не се случува низ советот, како што ни пренесуваат некои вработени, e како атмосфера на исчекување. Поголем број од членовите на Советот не се на работа, иако е редовен работен ден. Оттаму и претпоставките и прашањата – Дали некаде се одвиваат консултации? Дали се чекаат некои инструкции од партиски центри? Како странците сега ќе ја смируваат топката? Дали и да се промени нешто во однос на неизбраните обвинители СДСМ ќе го промени ставот и ќе се врати на преговорите?

Со оправдување дека скопското обвинителство е испразнето и дека ќе остане сосема без кадар ако на Јанева и се дадат сите 14 обвинители, Советот на јавни обвинители изгласа само седум од други обвинителства. Со тоа го преполови тимот на специјалната обвинителка. Таа најави дека нема да се повлече, иако законот е прекршен. Таквата нејзина изјава се толкува како сигнал дека таа верува оти одново главен збор ќе имаат странците, оние кои застанаа зад Јанева и кои целосно ќе ја мониторираат нејзината работа.

Едно е сигурно, притисоци ќе има за преговорите да се вратат на колосек, само што сега ќе мора да се најде начин како уште седуммина обвинители да се приклучат на тимот на Јанева, односно како да изигра Советот на јавни обвинители. Се споменува опција дека Јанева може да предложи други седуммина, а да не бидат од Скопје, па така на Советот да му биде полесно да ја голтне кнедлата. Во спротивно ако му ги вратат истите предлози ќе мора да оди сам против себе. Крајната, и најмалку веројатна верзија, е Јанева да се согласи со само седум помошници, затоа што тоа ќе значи застој во нејзината работа. Затоа има некои коментари  дека членовите на Советот на обвинители со потегот практично и удоволуваат на власта- ем да го намали тимот за поспори истраги, ем да ги намали парите (милион евра), ем да ги намали вработените кои ги побара Јанева (124). Но, колку и Јанева да се согласи да работи со седум обвинители, опозицијата нема да се врати на преговори.

- Advertising -

Што се однесува до скопските обвинители, ако Советот на обвинители сакаше навистина да го спроведе Законот за специјално обвинителство, тогаш на празните места кои би останале може да избере нови обвинители. Ако не веднаш тогаш за еден месец до два. Но ваквата опција сега тешко дека се разгледува. Сега е важно како Советот на јавни обвинители ќе избере дополнителен број обвинители, само тоа би било основа за продолжение на политичките преговори.

Поврзани новости