Која е СГС, фирмата што ги обезбедува клучните објекти во земјава?

by Фокус 09:37
09:37

fokus-arhiva-1-150x1501

Текстот е објавен во „Фокус“ број 869, од 24 февруари 2012 година

Ако се обидете да ја склопите шемата на инволвираност, таа почнува од обезбедување, до мобилна телефонија, па преку фирма за консалтинг, до Ватерполо федерација, па дури и до Националната платежна картичка. Ликовите се исти, бизнисите различни. No, сите водат до една личност, до највисоката структура во МВР, кога е во прашање контраразузнавањето!

- Advertisements -

Пишувала Мери ЈОРДАНОВСКА

Додека обезбедувачите на агенцијата за обезбедување „Секјурити Груп Сервисис“ (СГС) верно ја чуваат Триумфалната порта и останатите стратешки објекти во државата, на виделина излегува чуден сплет од личности кои директно или индиректно се поврзани со оваа нова агенција која успеа да му земе дел од бизнисот на Дејан МитревскиУрко („Лупус“) и на Бранко Бојчевски („Оса“). Ако се обидете да ја склопите шемата на инволвираност, таа почнува од обезбедување, до мобилна телефонија, па, преку фирма за консалтинг, до Ватерполо федерација, па дури и до Националната платежна картичка. Ликовите се исти, бизнисите различни. No, сите водат до една личност, до највисоката структура во МВР, кога е во прашање контраразузнувањето.

СЛУЧАЕН СПЛЕТ ОД ЛИКОВИ?

За почеток, да повториме неколку детали. Доколку прошетате низ трговскиот центар „Рамстор“, плоштадот Македонија, Музејот на холокаустот, Музејскиот комплекс на ВМРО, ќе забележите лица со црни униформи на кои пишува СГС и со амблем кој потсетува на шлемот од македонската фаланга. Станува збор за новите обезбедувачи, агенција која е отворена лани, а се наоѓа во центарот на Скопје, спроти зградата на „Кјуби“, на улицата 11 Октомври. Таму се паркирани и нивните возила, петнаесетина бели „голф 6“.

Нашите извори велат дека директорот на УБК, Сашо Мијалков, неколкупати бил виден како влегува во седиштето на агенцијата. Отворена е некаде кон крајот на 2010 година, а во последнава година успева да склучи договори за обезбедување со голем број клучни објекти, но и да им ги земе од надлежност објектите кои до сега ги обезбедуваа „Лупус“, „Оса“ и останатите агенции.

Овие информации ни отворија работа да провериме, кој, всушност, се крие зад оваа агенција, која со влог од само 5.000 евра успеа да се инфилтрира на пазарот и да земе дел од бизнисот на Урко, инаку досега најверниот играч на Мијалков.

Управител на СГС е Мирољуб Давидов, но, многу поинтересно е она што следува понатаму. Така, основач на Агенцијата за обезбедување СГС, според податоците од Централниот регистар, е друштвото за консалтинг и посредување НВСП дооел – Скопје. Оваа фирма е основана во 2006 година, основна дејност на компанијата е посредување и консалтинг, а секундарна дејност е дистрибуција и продажба на разни видови производи. Од 2009 година НВСП е официјален дистрибутер за мобилните телефони на „Алкател“, и тоа за мобилните оператори Те-Мобајл Македонија и за ВИП.

И тука доаѓаме до одредени личности, кои едноставно е невозможно да не ви паднат в очи. Сопственик на НВСП (односно, основачот на СГС), е Владислав Стајковиќ, кој освен што е сопственик на фирмата, е и познат ватерполист. И не само тоа. Тој е овластено лице и на фирмата „Мобико ДООЕЛ“, каде газда е токму Жарко Луковски, главен извршен директор на Те-Мобајл и поранешен претседател на одборот на директори на „Македонски телеком“.

Што следува понатаму? Брат на Владислав Стајковиќ е Небојша Стајковиќ. Ако ги пребарате на интернет, за нив ќе ви излезе само податокот дека и двајцата биле дел од ватерполо клубот „Орки“, каде Небојша Станковиќ бил претседател, а Владислав член на управниот одбор. Но, според нашите информации, и двајцата се верни играчи на Луковски, кој, патем, како што веќе пишуваше „Фокус“, е старосват на Орце Камчев, на чија свадба, пак, кум бил никој друг, туку Сашо Мијалков, директор на УБК и прв братучед на премиерот Никола Груевски.

Да се вратиме на браќата Стајковиќ. На веб-страницата на Те-Мобајл, односно во годишниот извештај за 2010 година за „Македонски Телеком“ АД Скопје и Те-Мобајл Македонија, ќе го видите и името на Небојша Стајковиќ, како неизвршен член на одборот на директори. Таму се наведува дека тој бил советник на министерот за информатички технологии, член на Меѓународната организација на ватерполо судии и претседател на Ватерполо федерацијата на Македонија. Нашите информации, дека има работено и во шестата управа на МВР, сѐ уште остануваат непотврдени. И така, стигнуваме до одредена поврзаност која води од СГС кон НВСП, па потоа кон Мобико, Те-Мобајл и до МВР. Но, ова не е сѐ. Во игра се уште многу други фирми, за кои „Фокус“ пишуваше минатата година.

ИСТОРИЈАТА СЕ ПОВТОРУВА

Според она што лани го истражуваа колегите од „Фокус“, Владата пред речиси три години набавила 55.000 компјутери од фирмата „Ком трејд“ на српскиот Бил Гејтс, Веселин Јевросимовиќ. Овој бизнисмен често бил гледан во друштво со српскиот вицепремиер Ѓелиќ, човекот кој учеше како се воведува ДДВ токму од нашиот премиер Груевски. Она што е интересно е дека под називот „Ком трејд“, пред цела една деценија се јавува и името на Жарко Луковски, а и на Небојша Стајковиќ.

„Имено, на сајтот на фирмата ’Логин системи’, сѐ уште стои записник од средба на компјутерските фирми во Македонија, која се одржала во 2000 година, а собирот бил всушност иницијатива за формирање на ИТ-здружение. Еден од присутните на таа средба е

Жарко Луковски, кој во записникот е напишан како претставник на ’Ком трејд’, но никаде не пишува за која фирма точно станува збор. Упатените добро знаат дека човек со исто име и презиме во моментов е главен и извршен директор на Те-Мобајл Македонија!“, пишуваше „Фокус“.

Пребарувајќи ја оваа фирма, се потврди дека човекот за контакт на оваа компанија е Небојша Стајковиќ и дека седиштето на фирмата е на булеварот Партизански одреди 101, истата адреса на која се наоѓа фирмата „Мобико“ на Луковски.

„Пред да донесуваме какви било заклучоци, наше е да споменеме уште неколку интересни информации. Значи, Стајковиќ, кој се јавува како контакт-лице на старата ’Ком трејд’ е, всушност, еден од двајцата ватерполо судии од Македонија кои ги има на сајтот на Европската пливачка федерација ЛЕН, а ние без да алудираме на некакви врски, ќе спомнеме дека со пливање се занимаваат и бизнисмените кои се вртат околу ’Виста груп’, кои ние ги пишувавме како дел од пајажината на Националната платежна картичка! Дополнително, ако се суди според сајтот на Телекомот, каде, нели, еден од директорите е Луковски, може да се види дека овој телекомуникациски гигант соработува со денешната ’Ком трејд’, која е претставник на фирмата на Јевросимовиќ. Имено, ако на сајтот на Телеком разгледувате некој лаптоп, ќе видите дека овластен сервис на овие апарати е фирмата ’Ком трејд’!“, пишуваше „Фокус“.

Уште поинтересно е дека за телефоните купени од Телекомот, овластен  сервисер, меѓу другите, е и фирмата „Мобико“ на Луковски.

ПЛИВАЧИ, ОБЕЗБЕДУВАЧИ… И ВМРО-ДПМНЕ!

Кога веќе ги зачнавме пливачите, редно е да се напомене уште една информација за која веќе пишуваше „Фокус“, за нивната поврзаност со аферата Национална платежна картичка поврзана со премиерот Груевски. Имено, станува збор за фирмата „Виста процесинг“, регистрирана во 2001 година, во сопственост на синот на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благородна Дулиќ и на Стефан Пулејковски, инаку поранешен претседател, а актуелен генерален секретар на Пливачката федерација на Македонија. Чисто информативно, да споменеме дека ватерполо клубот „Орки“ на Небојша Стајковиќ, кој сега постои само на хартија, е член на оваа федерација.

Како што пишуваше „Фокус“, фирмата „Виста процесинг“ во 2002 година добила бизнис од три милиони евра од Министерството за финансии, кога министер беше токму Груевски, а парите биле добиени за потребите на НПК, каде што директор беше Владимир Мијалков, првиот братучед на Груевски. Фирмата отишла во стечај само една година откако го добила бизнисот тежок три милиони евра.

Во целата оваа приказна измешани се навистина многу ликови, директно и индиректно, случајно или неслучајно. Се почна од новата агенција за обезбедување СГС и информациите дека зад неа стојат високи структури во МВР, поради наводно заострените односи меѓу Мијалков и Урко. Но, ако се прочепка подлабоко, во оваа приказна навистина се се врти околу ВМРО-ДПМНЕ, пливачите, обезбедувачите и контраразузнавачите!

Кој е основачот на СГС

ШТО И ДА ВИ ТРЕБА, ОБРАТЕТЕ СЕ ВО НВСП!

Кога ќе ја отворите веб-страницата на фирмата НВСП, инаку основач на агенцијата за обезбедување СГС, има неколку работи кои ви паѓаат вo очи. Така, на листата на клиенти е наведена фирмата „Ком трејд ИТ“, токму онаа во која споменавме дека уште пред цела една деценија се јавува и името на Жарко Луковски, а и на Небојша Стајковиќ. Освен тоа, оваа компанија е диструбутер за телефоните „Алкател“, токму за Те-мобајл, каде Луковски е директор.

А, кога ќе разгледате на кои се полиња работи НВСП, не е ни чудно што токму оваа фирма за консалтинг се јавува како основач на новата агенција за обезбедување која го зазеде приматот во државата. Нивниот спектар на услуги ви ги пренесуваме токму онака како што стои на веб-страницата:

– консалтинг услуги, советувања, медијација и адвокатски услуги;
– архитектски дизајн и конструкциски проекти за безбедни градби;
– услуги на полето на проценка на ризик и закана и програми за заштита на ВИП, проценка на ризикот и типот на потенцијалната опасност;
– обезбедување на резиденции и простории, надзор и контра-надзор;
– приватни известувања и безбедносни анализи, проценки и извештаи;
– планирање, организација и преземање мерки преку IT системи, мрежно надгледување и протокол;
– бизнис менаџмент, нарачување и продажба на специјална опрема, итн.

Со што, всушност, нe се занимава оваа компанија?!

Поврзани новости