Кој е човекот што ја убеди Франција да не ја блокира Македонија кон ЕУ

by Fokus

Ако не успеевме ние вчера да изнајдеме компромис, како ќе успееја во тоа лидерите на Самитот, прашува министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн во телефонско интервју за МИА а во сенка на десетчасовната трка за компромис меѓу земјите членки на Европската Унија (ЕУ) вчера во Луксембург кога беше донесен Заклучок на Македонија и Албанија да им биде дадена условена препорака за почеток на преговори со ЕУ во јуни 2019 година.

Како што пренесе дописникот на МИА, вчера околу пет часот попладне по напорни разговори, кавги, кревања на глас и многу фруструрации, и соочени со неможноста да постигнат договор за текстот за преговори со Македонија и Албанија, министрите за надворешни се подготвуваа да се откажат од секакви заклучоци за проширувањето, и да преминат на следните точки: Полска и Брегзит, кои чекаа на дневниот ред на состанокот. Постоела можност ова прашање да им биде испратено или на лидерите на Европскиот совет на 28 јуни за политичка дискусија, или на некој следен Совет за општи работи, во јули или септември годинава.

Франција и Холандија, и до некаде Данска, не попуштаа за датум а еден од најжестоките камења на сопнување, како што е често во ЕУ, беа формулациите и зборовите. Пред сѐ дали во текстот да стои зборот „одлучи“, односно „Советот одлучи да има отворање на преговорите. Германскиот министер Михаел Рот го напуштил состанокот доцна поладнето, довикувајќи дека дискусиите за Македонија се „разочарувачки“.Но, тоа беше пред да знае дека Луксембуржанецот Жан Аселборн, кој е министер за надворешни работи на Луксембург од 2004 и добар познавач на европските методи на преговарање, ќе се обиде да даде „последна шанса“ за изнаоѓање компромис “, пренесува МИА од Луксембург.

Знаете, морам да внимавам, не смее да се зборува за тоа што се случувало внатре на состаноците, но ајде, вели Аселборн во телефонско интервју за МИА.

„Си реков дека не можеме да го повториме она што се случи во 2016, тогаш немавме заклучоци. Кои би биле последиците за вашата влада, но и за грчката влада. Реков дека вашата земја е кандидат за членство од 2005, и дека сме на чекор да се реши спорот за името. За Албанија, дека ситуацијата е многу поразлична од пред седум, осум години, таму имаше мртви на изборите порано, сега е подобрена и културата помеѓу опозицијата и власта“, вели во интервјуто Аселборн.

Тој објснува дека не станува збор за „бесплатен билет за двете земји, туку охрабрување да останат на добриот пат на реформите, дека ЕУ ги охрабрува и придружува“.

Аселборн во обид да ги избалансира сите ставови потоа порачал дека до реалното отворање на преговори, во Македонија ќе биде направен скрининг на законодавството со цел подготовка на земјата за старт на преговори, дека ќе бидат поминати европските избори во јуни, така што може да се оди кон меѓувладини конференции на кои се отвораат поглавјата за преговарање во текот на целиот процес но само доколу условите се исполнети.

Во текстот на Заклучоците пишува дека „се отвора патот кон пристапни преговори“ во јуни 2019 година и штом таа одлука е одобрена може брзо потоа да се свика првата меѓувладина конференција.

„И потоа, се случи тоа околу зборот „одлучува“. Им реков: ако одлучам да одам на железничка станица, нема да кажам „одлучив да одам на железничка станица“, туку одам на железничката станица“, раскажува луксембуршкиот министер Аселборн.

Тој открива и дека вчера телелфонски разговарал со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој му се заблагодарил за напорите и за изнајдениот компромис, иако признал дека „не е идеален“.

И така, пишува дописникот на МИА од Луксембург, вчера се реши гордиевиот јазол за формулацијата на отворањето преговори за Макеоднија, во која од една страна Франција ја има сатисфакцијата датумот за преговори да биде после европските избори, а дотогаш да може да се огради од „одлучување“ да отвори преговори, иако формулација каква што е во заклучоците, односно „се согласува да одговори позитивно“ всушност значи исто што и одлучува.

За тоа дали до година министрите би можеле да ја приредат истата расправа како онаа вчера, кога ќе треба и конкретно да започнат преговорите, Аселборн е одлучен:

„Не, за ова сум одлучен, ова што го направивме е волја да се оди напред и не можам ни да замислам да ја имаме истата дебата следната година. Да не шпекулираме, сега сме на правиот пат, ова е премногу чувствително, и премногу важно, и треба да ја задржиме смиреноста и кај вас и во ЕУ“, вели Аселборн за МИА.

По вчерашната мачна дебата, Аселборн во интервјуто дури и се шегува дека добил и аплауз, „дури и од унгарскиот колега“, за кој вели дека „не сме баш секогаш пријатели“.

Имено, Аселборн е единствениот европски министер на функција кој отворено има побарано да се суспендира правото на гласање на Унгарија во ЕУ поради прекршување на демократските стандарди.

Прашан дали во кој било момент се разгледувала вчера можноста Македонија и Албанија да бидат одвоени, како што сугерираа неколку пати дипломатите во ЕУ, Аселборн вели дека тоа не се случило.

„Не, мораме да ги задржиме заедно, вчера тенденцијата беше дека не треба да се двојат, а и зошто ме прашувате сега? Што и да ви одговорам сега нема смисла, помина веќе. Сега сме на пат, фокусирајте се на вашата земја. На крајот на краиштата, реформите се пред сѐ за земјата и нејзините граѓани“, препорачува Аселборн.

Како што пренесува дописникот на МИА од Луксембург, компромисот постигнат вчера, „иако не е идеален, е доказ дека ЕУ сепак не се откажува од регионот, и дека и покрај отпорите на некои земји членки во одредени периоди, консензусот за европската перспектива на Западниот Балкан е жива, иако можеби некогаш доцни“.

Поврзани новости