Кои се анонимните лица, кои под превезот на ВМРО-ДПМНЕ протестираат во името на целиот народ?

by Фокус


Текстот е објавен на 28 декември 2012-та година во неделникот „Фокус“

Пишувала
Мери ЈОРДАНОВСКА

Најголемaтa пропаст што може да ja доживее една држава е да го задуши јавното мислење, слободата на говор, слободата јавно да се каже она што се мисли. Без разлика колку закони и какви институции имаме, кога се нема последново, државата го допира дното, бидејќи во неа останува да метастазира само политиката.

Но, најстрашно од сѐ, е она што се случува во државите со диктаторски режими, на кои се повеќе наликува Македонија. Во времето на фашизмот, под капата на некакви неформални групи, демек своевидни граѓански здруженија, се криеле од десетина до петнаесет лица – сите тие анонимни, навидум обични граѓани кои се обидуваат да го наметнат мислењето кое и ним им е наметнато и исцитирано како лекција по биологија за прво одделение што треба да ја прераскажат од збор до збор.

Тоа се лица кои најчесто не знаат точно што бараат, лица што добиле скромни ветувања, лица што имаат доволно храброст да излезат во јавност понекогаш и без објаснување против што протестираат, флејтистки што одгледуваат калинки, пензионери кои немаат за живот, но се задоволни и со корката леб, оние преку кои се замаглува вистинската слика за она што се случува во реалноста.

Тоа е веќе испробана практика во земјите со диктаторски режими, каде што наводно под капата на граѓански иницијативи и контрапротести се вперува прст кон еден виновник, за да се сокрие вистинскиот!

КОНТРАПРОТЕСТАНТИ ВО ШЕСТ ТОЧКИ

Не смее да се занемари фактот дека овие навидум анонимни лица треба да нѐ загрижуваат многу повеќе од досега. Бидејќи за нив, следејќи ги нивните изјави и постапки, се доаѓа до неколку заклучоци:

1. Со нив е најлесно да се манипулира и да им се вкорени одредено мислење, бидејќи немаат цврсто изграден став.

2. Се задоволуваат со подадени 500 денари или ветување за вработување на мајката, стрината, тетката.

3. Не зборуваат од душа, туку за револтот читаат од лист хартија напишан од некој трет, што уште повеќе зборува за нивната подготвеност за покорување.

4. Подготвени се на насилство, не знаејќи ни сами што бранат.

5. Никогаш не признаваат дека се активисти пратени од партијата, туку се кријат зад наводни спонтано формирани здруженија и фронтови.

6. И, во случајов со нашата држава, како по правило – за сѐ им е виновна опозицијата.

Во овие шест точки е вметнат сиот психолошки профил на лицата што во јавноста почнаа масовно да се појавуваат во последниве години.

Фашистичка Германија била голема, па успевале да се инфилтрираат различни лица. Но, кај нас почнаа да се вртат истите, па многу лесно би ги ставиле во феноменот „протести против протестите против она што порано го правеше опозицијата“.

Синдромот на враќање во минатото (криво ни е времето пред една деценија) како по правило е бегање од сегашноста и од иднината, како одбранбен механизам, кој дејствува по принципот: Аха, ама и ти така правеше порано!

Во психологијата постојат повеќе термини за тоа, еден од нив е и шизофренијата, па токму затоа ослободувањето на духовите од минатото (наместо нивно упорно повторување) е првиот лек што се препорачува за овие состојби. Но, во нашиот македонски случај, го имаме обратното. Наместо да се лекува, болеста се шири, па завчера имавме можност да видиме толпа народ која сѐ уште живее и протестира против духовите од минатото.

Рака на срце, дијагнозата не може во целост да се препише на оној што протестира, туку на оние што ја даваат наредбата за на крај со аплауз привидно да ја завршат борбата со духовите. И така, до наредната шанса кога повторно ќе ни треба виновник од минатото за она што се случува во сегашноста.

МЕТОДИТЕ СЕ ЗАОСТРУВААТ

Колку што ме служи памтењето, сѐ почна со невладината организација „Гласот на светлината“, која пред шест и пол години со малкумина луѓе цврсто беше против продажбата на ЕСМ и со месеци го блокираше сообраќајот во Скопје. По промената на власта во 2006 година, првите луѓе на оваа организација, Ромео Јосифовски и Марина Христова, се вработија во МЕПСО и во Катастарот. Но, тогаш сѐ уште го немавме сфатено овој синдром, сѐ додека не се случи апсењето на Зоран Заев во 2006 година.

Тогаш се родија две инстант невладини организации,

„Право и правна држава“ контра „Правда за праведните“. Едните протестираа пред судот, другите пред истражниот затвор, па потоа се менуваа, едните штанцаа маици „И јас сум Заев“, а веднаш утредента се појавуваа другите со маици со натпис „И јас сум Зоран Заев, и јас сакам 8 милиони евра“. Дејствуваа буквално исто, само ставот им беше различен. Едните бараа слобода за Заев, а другите бараа тој да биде зад решетки и се бунтуваа против Бранко Црвенковски кој ја потпиша аболицијата.

Освен идентичната ситуација со која Македонија се соочува во моментов, имаме уште една коинциденција: Кривичната пријава против Заев излезе и за време на парламентарната кампања, но од прашање познато на нашата полиција истиот ден беше повлеченa…

По изборите за да продолжи борбата за правна држава, Заев се апси спектакуларно. СДСМ излегува пред судот и најавува дека излегува од Собранието, го бојкотира. Парламентарното мнозинство го користи бојкотирањето да ги изгласа сите закони во невидена брзина, без ниту едно отворање уста освен на спикерот на Собранието. Тогаш набрзина беа изгласани педесетина закони.

Нешто слично како сега со буџетот, со „мала“ разлика што сега опозицијата беше насилно исфрлена и претепана. Но, никој не рече дека методите што се користат не треба да се заоструваат!

ПОСТОИ „НАРОД” И „НАРОД”

И, така, се редеа спонтаните граѓански здруженија и фронтови, кои власта си ги сфати како добар механизам за правење бури во јавноста, бидејќи сфати дека има такви кои лесно ја прифаќаат нивната игра. За многу кратко време, се запознавме со „Младите знаат“, која организираше масовни протести против Грција за проблемот за името.

Се појавија 2-3 пати и оттогаш ги снема. Но, тие беа децидни во своите барања, кои, се разбира, си ги читаа од лист хартија:

„Време е да се соединиме за да го одбраниме она што ни е свето на сите нас, идентитетот на нашиот народ и името на земјата Република Македонија. Не станува збор за минирање на патот на нашата држава кон НАТО и ЕУ во овие тешки времиња, напротив сакаме да ги поддржиме сите оние што сакаат Македонија да ги добие заслуженото место и привилегии, кои ги носат членствата во овие организации, но никако по цена на менување на името и идентитетот. Ние сме народот, сите за неа, за Македонија“.

Зошто ја цитирам токму оваа изјава? Бидејќи и тука станува збор за истиот механизам што го користи и ВМРО-ДПМНЕ. Граѓанските здруженија упорно повторуваат дека „тие се народот“, а ВМРО-ДПМНЕ како по правило не потсетува дека „се избрани од народот“, како тоа да е вечното право што им го дал за да прават што сакаат.

И едните и другите во своите излагања и реплики во целост ги занемаруваат и се слепи да ги видат неистомислениците, кои, нели, во секоја демократска држава исто така треба да спаѓаат во „народ“.

Премиерот Никола Груевски ни вели дека тој е премиер и е избран да се залага за правата на сите граѓани, но искрено се прашувам на кој „народ“ тука мисли, бидејќи повеќе од очигледно е дека имаме „народ“ и „народ“!!!

ТАКА РАЗМИСЛУВАЛ И ХИТЛЕР

Eте така се редеа невладините организации, граѓанството, народот, фронтовите, секогаш кога опозицијата ќе кренеше глас. Критичките медиуми секогаш во нив ќе распознаеја по некој припадник на ВМРО-ДПМНЕ, некој што зел субвенции, некоја професорка која по дома одгледува калинки, но во секој случај, овој метод на зашеметување на јавното мислење како тоа да е едно и неприкосновено – остана.

А, како што поминува времето, така сериозно почнуваат да загрижуваат неколку работи: порано, зад маската на овие спонтани и невладини протести гледавме земјоделци, стечајци, пензионери. Сега гледаме и уметници, професори, глумци, па сите тие обединети во едно, па на секој протест прават контрапротест…

Сето тоа оддава слика дека методите за тоа – кој е народот, се заоструваат, а, од друга страна, во сенка се ставаат вистинските невладини организации и она „обичното“ граѓанство, кое веќе живее во страв дека ако заземе страна по одредено прашање, веднаш ќе биде партиски обоено. Ако не си со едните, тогаш мора да си со другите – во поглед на секое прашање!

На тој начин изумира вистинското граѓанство. Така се губи идентитетот и сликата за тоа кој е кој.

На крајот на краиштата, чуму сето тоа, кога едноставно може да се грабнат партиските знамиња и да се замине на протести?! Нема ништо срамно во тоа. Но, срамно е да се урива угледот на граѓанското општество кое треба да биде имуно на политички влијанија. Така згаснува индивидуата, така згаснува вистинската критичка мисла и сѐ се претвора во името – „народ“. Да, така размислувал и Хитлер!

КОЈ СЕ КРИЕ ЗАД ФРОНТОТ НА НАРОДОТ?

„Народот бара деблокирање на буџетот“, беше насловот на речиси сите провладини медиуми откако се формираше Иницијативата „Фронт за народот, фронт за Македонија“, кој беше составен како 3 во 1 – земјоделци, пензионери, актери, бизнисмени..!

Народот ќе го брани парламентот од Црвенковски, „Граѓаните подготвени да го бранат Собранието“, осамнаа деновиве насловите на „Нетпрес“, „Пулс 24“..!

Според нашите проверки, оваа граѓанска иницијатива воопшто не е заведена во Централниот регистар на Македонија, но очигледно немале време, бидејќи за еден ден успеаја да се мобилизираат (наводно преку Фејсбук), да одржат прес-конференција и да се појават на контрапротести. Ама, и да се обиделе да се регистрираат, којзнае дали ќе им успеело, бидејќи и онака дел од вработените во регистарот наместо на своите работни места, присуствуваа на контрапротестите пред Собранието.

Најгласни на фронтот беа актерот Роберт Велјановски, инаку внук од брат на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан и лидерот на кавадаречките лозари Љупчо Аризанов, за кого порталот „Мојот град“ веќе објави дека зема субвенции од државата за напуштени лозови насади. На секој протест на лозарите редовно се протестира против Бранко Црвенковски, бидејќи винариите во државата биле продадени во времето на СДСМ и дека сега тие се под нивна контрола.

Минатата година во „Дневник“ излезе и информација дека првиот лозар и го штити грбот на власта, коментар кој почнал да се шири меѓу кавадарчани кога го виделе Аризанов како гордо стои зад заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Перица Ивановски и градоначалникот на Кавадарци Александар Панов. Така што, Аризанов не е лице за кое може да се каже дека нема историја на контрапротести, напротив, и покрај маките на лозарите во сегашноста, нему со години му е виновно минатото!

КАЛИНКАТА НА БЕТИ

Синоним за одгледување калинки стана загрижената земјоделка Бети Станковска, инаку професорка по флејта на Факултетот за музички уметности, која излезе на контрапротестот пред Собранието во септември годинава. На прашање на новинарите, дали е земјоделка, Станковска одговори:

– Одгледувам калинки, сливи и цвеќиња, но за домашна употреба, објаснувајќи дека е меѓу земјоделците за да реагира бидејќи кога биле на власт, СДСМ не им давале субвенции.

За разлика од стечајците кои протестираа, високите потпетици и брендираните очила за сонце „ги красеа“ речиси сите земјоделки – контрапротестантки.

Калинката на Бети стана добар и јасен синоним за она што се случува во Македонија. Колегата од „Утрински весник“ Наум Котевски добро го опиша овој синдром, споредувајќи го со протести што се случуваат во другите држави.

„ Ако сакате да се уверите кој е еден од најлесните начини како да се самоповредите до неиздржлива болка, вклучете се на интернет и споредете ги фотографиите од долгите студентски протести во Квебек и оние што се случија деновиве пред домот на демократијата во нашата престолнина.

Од визуелниот шок ќе удрите силно со главата во земја, а во балончињата над вашата глава, како на некој паднат стрип јунак, ќе пишува: „Кому ли толку му згрешивме, што нашата граѓанска свест е на такво неподносливо ниво. Иако, премиерот Никола Груевски неодамна рече дека протестот е еден од најзначајните текови на демократското општество, нам веќе подолго време ни се случува софистицирано задушување на искрените барања, кои треба иронично да се заменат со протести со кои ништо не се бара, и со кои треба да се убеди народот дека треба ним да им се верува. Или понижените и навредените да се претстават како бандити. Калинката на Бети бездруго ни праќа симболична и предупредувачка порака, дека секогаш треба да имаме на ум дека таа има „способност да крвари“!

ДВЕТЕ СТРАНИ НА ЗАКОНОТ

Најдобар пример за еднаквоста, пардон, за нееднаквоста на луѓето пред лицето на законите ни се појави на последните инциденти пред Собранието кога освен протестанти и контрапротестанти, видовме и голотија.

Лицето што го гледате од левата страна на сликата беше еден од најбурните кои протестираа против блокадата на донесувањето на буџетот. Го туркаше новинарот од ТВ 24 вести, им се закануваше на новинарите, за на крај да кулминира со соблекување на фармерките и држење на половиот орган. Сликите не лажат дека на сето ова, полицијата му се смешкаше!

Од друга страна, човекот што го гледавме во Градскиот трговски центар како свири гитара за да заработи по некој денар, а беше од другата страна на протестите, пред полицијата се соблече по гаќи. Да потсетиме дека тој е еден од бранителите во 2001 година, кој се појави и на протестите на „Аман“ пред Собрание. Тој дојде со неговиот кум, кој на протестите покажа решенија за одземање на станот каде што тој живее со неговите три деца, стан што го добил после кризата во 2001 година.

Гитарата на овој човек остана пред Собранието, додека полицијата го приведуваше во станица. Нему барем му ја знаеме маката. Другиот, анонимниот но најгласен граѓанин за кој важеше друг полициски третман – насмевка – не знаеме ни како се вика, ниту пак против што протестира, бидејќи го гледавме и меѓу пензионерите и меѓу земјоделците и меѓу уметниците, а во своите говори спомнуваше се, освен блокадата при донесувањето на буџетот. Сериозно е прашањето, дали навистина човекот знаеше зошто е всушност таму, како што не знаеја ни повеќето Роми што ги прашавме:

– Поим немаме зошто сме тука, едноставно нѐ викнаа! – ни одговорија тие.

КАКО ЛИ ДА КАЖАМ ПРОТИВ ШТО ПРОТЕСТИРАМ?

Уште една контрапротестантка го закити граѓанското движење со бисери, по смртта на младиот Мартин Нешкоски кој загина од раката на полицискиот припадник Игор Спасов. Додека младите се собраа на социјалните мрежи и на Македонија за првпат и се случија спонтани невладини протести, како по правило, се појавија луѓе кои излегоа на контрапротести.

Посебно обележје на ТВ „Сител“ остави јавувањето во живо со Елена Милановска, кога разговорот течеше вака:

– Со каква цел се собирате овде пред Споменикот на Мајка Тереза?

– Значи вака… нашата цел не е политичко здружување, значи нашата цел е да ја расветлиме целата вистина околу случајот со Мартин Нешкоски.

– За што се протестира, од што се незадоволни?

– Значи незадоволни сме и револтирани сме од некои луѓе кои што се политички… леле како да кажам… стоп, стоп… да, обоени. И вмешуваат раце во протестите, а не би требало да присуствуваат на нив.

– Може да прецизираме на кого се мисли, кои се политички обоените?

– Aааа….

– Мислите на Социјалдемократскиот….

– Да, да, на СДСМ!

Од фотографијата добро може да се види дека неполитичкото здружување на Милановска значи и фотографии со партиски знамиња на ВМРО-ДПМНЕ!

Поврзани новости