Пратеничката група на Левица преку соопштение најави дека утре повторно ќе поднесе предлог-закон за зголемување на субвенционираниот студентски оброк, обвинувајќи ја министерката за образование Весна Јаневска дека не ја исполнува законската обврска за усогласување на износот со инфлацијата.
Од партијата реагираат на односот на министерката кон студентските протести, тврдејќи дека наместо да одговори зошто оброкот со години не е усогласен со инфлацијата, таа ја доведувала во прашање оправданоста на студентскиот револт.
Според пресметките на Левица, кои, како што наведуваат, биле објавени уште во август, студентите досега биле оштетени за околу 400 милиони денари.
Од партијата потсетуваат дека досега поднеле законски измени и амандмани, иницирале судска постапка и доставиле претставка до Народниот правобранител. Тврдат и дека парламентарното мнозинство ги одбило нивните претходни предлози за зголемување на студентскиот оброк.
Левица оценува дека најавените нови модели за октомври 2027 година не можат да го надоместат досегашното неисполнување на законската обврска и бара Јаневска да одговори зошто не постапила според законот.