Кога власта плетеше лажни афери Фокус ги расплетуваше!

by Фокус

Текстот е објавен на 21 септември 2012 во неделникот Фокус во бројот 899.

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Скандалот кој ќе го наречам „фризиран шверц“ ни донесе барем две придобивки. Прво, ги разголи манипулативните техники на преродбениците – за да заштитат свој човек, подготвени се дури и официјален документ од Вашингтон да го фризираат. Второ, ја осветли јадната медиумска сцена- оние кои сладострасно секој ден ги почнуваа вестите со шверцот од бранково време, занемеа откако Фокус ги репринтираше оригиналите од Вашингтон, во кои, пак, покрај бранковите олигарси се регистрирани и камионите на комбинатот на грујовиот коалициски партнер, „Силекс“ на Љубисав Иванов Ѕинго. Демек, тој не е бранков!?

И сега, останува единствено и ние во бичиклистички стил да прашаме: Ќе истражи ли владата на Никола Груевски, кој ја ретушираше шверцерската историја на Република Македонија? И, секако, ќе сакаат ли да ги извадат од архивата на МВР документите што американскиот дипломат Виктор Комрас ги доставил до нашите власти! Колку да видиме кој е во право, а кој ја мавтосува јавноста!

Да, имам и трето „бичиклистичко“: Зошто во периодот на вмровската власт од 1998 до 2002 година, кога барем дел од шверцерските дубари не биле застарени, тогашниот министер за финансии Никола Груевски, под чиј надлежност била и Царината, не ги обзнани далаверите правени за времето на ембаргото кон Србија? Оти, да се разбереме од старт, дел од документацијата, на пример за чудни извозни зделки по воздушен пат, ги добивме токму од вмровски извори откакоа паднаа на легендарниот 15 септември! Ако не се согласувал со ваквата амнестија, можел да си поднесе оставка. Но, такво нешто не стори овој демохристијанин!

ДИМОВСКИ ЗАГРИЖЕН ЗА ИНФОРМАТИВНИТЕ ПРИОРИТЕТИ!

Но, да одиме со ред. Агитпропот на ВМРО-ДПМНЕ неколку недели, при изобилство фешти од портокалова владина продукција, одлучи секојдневно да нѐ занимава со бајата тема – кршењето на ембаргото кон Србија во средината на 90-тите. Нормално, мета е Бранко Црвенковски и неговите олигарси. Тие што се со ДПМНЕ, по дефиниција, по природа и општество, море и по душа и по тело, не влегуваат во оваа категорија! Власта троши седма година по ред, а нѐ враќа во времето пред две децении!

И сега, да си кажам – ако има криминал, бујрум, гонете го сосе шверцерите. Ако ви е до платкање на Црвенковски, уживајте си самите во сеансата. Оти, за разлика од храбрите вмровчиња а мангупчиња, од текстовите за оваа тема објавени во неделникот Фокус, може роман во три тома да се издаде. И особено ВАЖНО, тие биле пишувани кога не биле застарени за прогон, кога Црвенковски бил број еден според моќ. Значи, проектот на агитпропот да ни го одвлекува вниманието од нивните „преродбенички бисер чекори“, можат да си го остваруваат нивните ексклузивци од медиумска провиниенција. И да гуслаат до сто и една шверцерска и назад. Иако кај ваквите се е назад, та и антиката стана прашање на опстанок.

И си тераа така денови и недели. Примавме по една дневна доза аналгетик „бичиклин“, со кој преку извесен инсајдер во шверцерскиот филм – Магаш, „стрепевме“ дали грешниот Бранко ќе му се исповеда за овој дел од своето минато на агитпропот. Откако клетите сдсмовци го прикажаа Магаш како испробан глумец во српското реалити шоу „Прељубници“, следуваше веќе нешто поопипливо- писмо со пропратни документи од шефот на американската канцеларија за врски во Скопје, Виктор Комрас, кои што летото 1995 години биле адресирани до тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски.

Од ова коресподенција јасно се гледа дека шверцот на македонско-српската граница се гледал дури од Вашингтон. И ем црно на бело, ем доказите веќе се од респектабилна куќа, па овие ексклузивни откритија ни ги пласираше не портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ ами Дневник.

Потоа преку истото гласило, колумнистички се јави и директорот на агитпропот на ВМРО-ДПМНЕ, кој има официјален назив Центар за комуникации, Илија Димовски. И ептен ме разнежни, троа и ме наежи од принципиелната грижа за „информативните приоритети“ на она што тој го карактеризира како опозициски медиуми.

„Документите што излегоа како доказ, а потекнуваат од дипломатските преписки помеѓу странски амбасади и нашата држава, а во кои не само што стои јасно дека за тие амбасади е факт дека се шверцува нафта, туку стојат и точни фирми, камиони и регистарски таблички повторно за опозициските медиуми се нерелевантни и не можат да се најдат во нивните информативни приоритети. Заради таквиот однос, заради делење на одговорноста дали некој е од оваа или онаа партија, денес нашето општество нема изразена спремност брзо да расчистува со ваквите афери“, ќе навезе ептен срцепарателно Димовски.

И сега, откако по стоти пат ќе повторам дека информативните приоритети на Фокус биле и ќе бидат забеганостите и аферите на секоја актуелна власт,  ама додека е власт а не откако скоро седум години е бивша, решив да појаснам – кој, всушност, ја дели одговорноста „дали е некој од оваа или онаа партија“. И да им нафрлам топка за центаршут – да докажат дека тие не се селективни, како што, нели, ги бие глас, а да бидам искрена и јас така ги доживувам. Едноставно, нека ги побараат оригиналите од Комрас!

И така ми се роди идејата да се оправдам пред шефот на агитпропот, со некаков репринт на мојот последен текст за шверцот од бранково време, кој, пак, Фокус го објави откако Груевци имаа стаж од една година на власт, летото 2007. Да појаснам, за истата проблематика постојат уште стотици други текстови на десетина новинари во Фокус. Да не глумам лудило како некои од власта, провокацијата ми дојде откако Дневник ги објави документите од Комрас. Имено, истите ама како ексклузивни беа пласирани од Фокус, тогаш, пред пет години. И она што ме шашардиса, оти за разлика од оние кои први дознаваат, Фокус прв објавува и не заборава. Се далдисав оти исчезна од листите една фирма, која бајаги ја имаше во оригиналите – Силекс. Кој ли му подметна на Дневник ваков фризерај на фактите?

БРАНКО КУРТУЛИ БЛАГОДАРЕНИЕ НА ФОКУС И КАМИОНИТЕ НА СИЛЕКС!

Во тој текст од 6 јули 2007, кога Фокус ексклузивно го презентираше писмото на првиот дипломатски претставник на Вашингтон во независна Македонија, наведовме дека Комрас доставил и прецизна листа со податоци за камионите и вагоните што итале кон Белград. „Американците безмалку се шокирани од фактот дека за само 40-сетина дена, на режимот на Милошевиќ сме му испорачале околу 2.750 тони „масло за подмачкување“. Меѓу превозниците, рекордерот е шпедитерската куќа Макошпед со дури 63 пратки, потоа Силекс на газда Ѕинго со 20 регистрирани камиони, а брендот Фершпед на газда Штерјо заостанува со само 11 транспорти“, пребројавме тогаш.

Арно ама, ниту Бичиклиски го мотивиравме да потпрашува, ниту Димовски го потикнавме да филозофира за одговорноста. А кога е така, разбирливо ниту дворските медиуми не видоа вест во ексклузивно објавените документи. Можеби не читале Фокус? И така да е, насловот одеше во вестите на А1 телевизија, како редовен и платен оглас од Фокус. Во тоа време, во 2007 година, Велија Рамковски и Груевски беа „сродни“ души, односно А1 беше далеку од фазата кога премиерот јавно повикуваше да не ѝ веруваат на оваа телевизија, што започна после критичкиот гард на најгледаната телевизија кон преродбата.

Од друга страна, никако да „докучам“ како тоа Фокус не им беше инспирација за шверцерско ексклузивните документи, кога, еве, сега гледам дека партискиот спот од неколку минути, што неколкупати го фаќам на Канал 5 телевизија, (веројатно оди и на други фреквенции ама немам време и желудец за сите спортокалени ) главно се темели на насловниците на Фокус. Јасно ви е од вмровските платени прикази дека Бранко ни бил главна ѕвезда во Фокус, ама ни бил кога бил дрматор во државата. Е оти овие партиски „Застава филм приказује“, не ги илустрираат со прилози од Канал 5 или Сител, од времето кога биле со СДСМ во коалиција! Баш би било забавно! При тоа, малку е перверзно да ги користиш нашите ставови кон една претходна власт, а ваквите партиски огласи ем владини кампањи да не ги огласуваш во неделникот кој ти е главен адут контра Бранко! Веројатно затоа што добро знаат дека така нема да ни ја купат љубовта кон власта! Нема друга логика, нели, освен некоја спортокалена а скарана со здравиот разум.

Но, да се вратам на „кваката“ која е клучна во ваквиот шашав развој на реакции. Фактот дека во документите што ги објави Дневник недостасуваат единствено оние 20 камиони на Силекс што американците уредно ги регистрирале, а се друго се поклопува од фирми до регистрации на камионите, насочува во која грмушка се крие зајакот. Социјалистичката партија е дел од коалицијата на власт уште од 2006 година. Нашата екслузива од 2007, од писмото на Комрас, веројатно затоа беше максимално игнорирана, и покрај бомбомчето за Фершпед. Уф, да беше сал тој, ќе бевме тема за цитирање уште тогаш! Е, арно ама, после 5 години дури и на Илија Димовски и на Мартин Протоѓер може да им се случи да заборават некоја насловна страна на Фокус, освен оние со Бранко, се разбира.

И настана драматичен пресврт откако дневен Фокус го обзнани шверцерскиот фризерај. Да бидам искрена, откако Груевци си ја ретушираа сопствената партиска блиска историја, та Љубчо Георгиевски го маргинализираа до исчезнување, мислев дека нема да ме затечат со никаква друга лакировка. Но, ете, и јас наивно верував дека документ од Вашингтон нема да се дрзнат да го „улепшаваат“. И така наеднаш шверцот на Бранко исчезна од партиската и од медиумската агенда.

Ееееј, благодаренаие на Фокус, ем со сесрдна помош на камионите на Силекс, Бранко куртули! Најжалниот дел од целава „спрдачина“, барем од медиумски аспект, ми е МРТВ. Онаа де, засилена со свежи кадри. Но и овие за кои плаќаме претплата и натаму се „дрват“ повеќе на провладиниот портал Курир и на бичиклистички стории, а ваков скандал со фалсификување на еден официјален документ од Вашингтон не е во ранг ниту на „мечка се симнала до село“!

ДЕ ЃОЛЕ, ДАЈ ЕДНА ОРДЕН НА ДЕЈАН!

И додека разџавканите дворски медиуми како по команда ја заборавија наеднаш шверцерската приказна, што, еве, со должна разбирачка за нивните „одношенија“ со власта,  дури ќе го сметам за доблест – барем во овој пореметен и исчашен систем на вредности, агенцијата Нет прес и коментарот потпишан со Нетпрес, а чиј уредник е Дејан Николовски, славниот новинар што стигна до еден Магаш, ќе го урамам на ѕид во канцеларија. Уште повеќе, јавно апелирам Ѓорге Иванов да му додели еден орден за логично расудување, ем Валентина Стефановска да изваја негов лик, се разбира качен на коњ, што ќе го краси факултетот за новинарство. Луѓе мои, од сета историја на Фокус и неговиот придонес за шверцерската фаза на СДСМ, за што замислете и Илија Димовски нѝ одаде признание во својата колумна, Нетпрес од објавата за ретушираните листи за шверцот, од кои исчезна Силекс, ќе заклучи, внимавајте:

„Денеска весникот Фокус за прв пат по објавувањето на аферата Магаш излезе со текст на оваа тема и се приклучи кон медиумите кои тврдат дека во Македонија се шверцувало нафта“!

Е ова, бре, тешко дека некој друг јавно би го напишал! Патем, Нет прес со дотичниот Николовски е формирана во 2007 година, кога Фокус ги објави документите за шверцот. За сѐ она претходно, ич муабет да не правиме. Ајде уште еднаш да се цитирам што тогаш напишав.

„И тоа не беше прв пат да пишуваме за кршењето на ембаргото кон Србија од 90-тите години. Темата сме ја преџвакувале сто пати. Фокус веќе ги објави документите за авионските трансфери кон Црна Гора со цигари, но и транспортот со нафтата кон северниот сосед за време на санкциите, документирани преку инсајдерски информации од Царинската управа на Македонија и од Управата за контрола на летање на скопскиот аеродром. Дадовме доволно материјал со сериозни индиции дека во периодот на неконтролираното владеење на СДСМ, особено во текот на двете предизборни години, 1997 и 1998, режимот на Бранко Црвенковски испрал близу 2 милијарди долари преку шверц на нафта, цигари и бакар“, ова го напишав а не можат да ми го избришат како што тоа го сторија со камионите на Силекс!

Патем, и во овие авионски трансфери се јавува „вирус“, односно комбинат – бренд поради кој бадијала сега би ги репринтирале списоците. Во секој случај, немој некој  утре, односно после шест години откако Груевски ќе падне од власт, да се дрзне да нѐ прозива нас од Фокус, зошто не се палиме на будалаштините од преродбеничкото доба. Ниту некој од оние што сега вербално нѐ линчуваат, по судови нѐ мобингуваат, или, едноствано, молчат како морони, да се џилитаат со насловниците на Фокус преку кои ги детектираме „портокаловите шверцови“. Јасно ми е дека превртливоста веќе е третирана како доблест. Непринципиелноста и селективноста се  како чесност, ама го прекардашија до моронштина!

И само уште едно квиз прашање: Дали да беше Стојан Андов, Тито Петковски или Бранко Црвенковски на гости кај Слободан Милошевиќ, кога траеше војната на НАТО против Србија, сега овие секвенци ќе ги имаше во вмровските спотови против опозицијата? Да бидам искрена, можеби и не, оти сетики си мислам дека режимот на Слобо е позитивна инспирација на рекламериве!

Репринт – прв пат
МАСЛА ЗА „ПОДМАЧКУВАЊЕ“ НА ШВЕРЦ!

Една година откако власта беше концентрирана во ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, на 6 јули 2007 година, Фокус осамна со насловна страница „ЕКСКЛУЗИВНО“. Го објавивме заканувачкото писмо на американскиот амбасадор Виктор Комрас до министерот Љубомир Фрчкоски во 1995 година, со наслов „Престанете со дрското кршење на ембаргото кон Србија“. И уште еднаш ги искоментиравме шверцерските дешавки од 90- тите години од минатиот век.

„Интересно е дека иако официјален Вашингтон имал разбирачка за нашите маки, блокадата на југ од Грција, а санкциите на ООН на север кон Југославија, сепак се гледа дека македонските власти ја прекардашиле. Нивната толеранција или спремност малку да ни прогледаат низ прсти, малку и да се забошоти обврската што сме ја презеле со прифаќањето на резолуцијата 820 на Советот за безбедност на ОН, очигледно била злоупотребена без усул… Патем, писмената опомена ни е дадена во јули 1995 г., а два и пол месеци после овој жолт картон со црвена жичка, се случи атентатот на претседателот Киро Глигоров!

Уште нешто, дали овие што носеле „масла за подмачкување“ морале да подмачкаат некого за да добијат ексклузивно право да ја кршат резолуцијата на ОН? Ова имајќи на ум дека во тие времиња Србите беа во ситуација да плаќаат многу поскапо, по двојно, па и тројно повисоки цени. Прашања има уште многу, но, за жал, тие не трогнуваат никого од надлежните. Овде најгласна е тишината“, напишав во јули 2007 година, а молкот и на Груевци беше неподнослив!

Репринт – втор пат
СТАНУВАМЕ БЕЗБЕДЕН РАЈ ЗА ПРКРШИТЕЛИТЕ НА САНКЦИИ

Во Фокус од 13 јули 2007 година, ексклузивно објавивме уште еден документ од кој јасно се гледа дека меѓународните фактори одлично ги скенирале нашите шверцерски приказни и пред опомената од Комрас во 1995 година. Со јавноста ги споделивме нашите сознанија „црно на бело“, дека шефицата на шведската дипломатија, Маргарета аф Углас, како претседавач на Советот на ОБСЕ, со писмо од 10 август 1993 година, го предупредува претседателот Киро Глигоров дека со нашиот однос кон Белград, ризикот да станеме безбеден рај за прекршителите на санкции станал очигледен. Уште повеќе, зад овој апел едногласно застанале и државите од Европската Унија.

Во мојот текст тогаш го искоментирав и предлогот на шведската министерка за справување со шверцерите.

„Звучи помалку смешно предлогот на Углас да се монтираат препреки низ железничкиот премин, кои ефективно ќе ја спречат ноќната трговија меѓу Скопје и Белград. Имено, препреките би имале смисла доколку вагоните оделе без знаење на власта. Според изјави на инволвираните во ова „сценарио“, од Владата биле доставувани списоци до царината со фирмите чии камиони или вагони треба да се пропуштаат. Според меморијата на шефот на скопската царина од тоа време, Ванчо Лазаров, ( во изјава за Фокус) се наплаќало дури такса која што одела во буџетот, која за обичната стока изнесувала 2 отсто, додека за цигарите била 5 или 8 отсто од вредноста на стоката.

Но, ете, нема прецизна анализа колку германски марки легнаа на државна сметка од целава „тајна“ операција. Сите индиции говорат дека најголемиот ќар сепак го видоа оние чии фирми беа привилегирани на овие владини списоци. Се разбира, во пакет аранжман со властите во Белград кои добиваа дополнителен кислород“, пишуваше и прашуваше Фокус и во 2007 година, додека Груевци и нивната медиумска герила ја игнорираа темата!

Поврзани новости