Сведоштво на еден од најстарите македонски „удбаши“

by Фокус

Текстот е објавен на 10 април 2009 во неделникот „Фокус“ во бројот 719

Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ

Осумдесет и осумгодишниот Атанас Забазноски – Руски имал само 17 години кога во 1943-та година заминал во партизани во баталјонот „Мирче Ацев“, а по формирањето на Првата македонска бригада во селото Сливово станува борец на оваа бригада. За  време на антифашистичката и национално-ослободителна борба на македонскиот народ постојано бил активен борец – пушкомитралезец. Непосредно пред ослободувањето на Скопје бил распореден на должноста секретар на младината на 42-та дивизија со која заминува на Сремскиот фронт; како младински секретар воспоставува соработка со младинската организација во Земун, каде што во една прилика одржува говор.

– Говорот го завршив со вообичаената парола: „да живее другарот Тито“, а веднаш потоа додадов – „долу Версајскиот“ и „долу Букурешкиот договор“. Се разбира, веднаш бев сменет од функцијата секретар на младината во 42-та дивизија, а да не беше генералот Алексо Демниевски – Бауман, најверојатно ќе завршев и во затвор; тој ми рече дека многу сум згрешил, дека тоа што сум рекол „долу“ за Версајскиот и за Букурешкиот договор, другарот Темпо и „врвот“ го сфатиле како повик за самостојна Македонија, односно како јавна недоверба кон идната федерална Југославија.

Благодарејќи на Бауман поминав само со тоа што бев сменет од секретарската функција, но, шест години по ослободувањето, на 22 декември 1952-та година, со Указ на Президиумот на Народното собрание на ФНРЈ бев одликуван со Орденот Народен херој, како најмлад машки носител на овој орден во Југославија, се сеќава Забазноски, кој по ослободувањето ја завршува Високата школа на УДБ-а, потоа работи во КОС, а подоцна и во секторот за внатрешна безбедност, како началник на Државната безбедност во Кавадаречката, односно Охридската околија. За седумте години поминати во овие околии, Руски, како што вели, потпишал налог за апсење само на едно лице.

МУ ДОЗВОЛИВ НА САВО КОЦАРЕВ ДА ПОЛАГА МАТУРА

– Кај мене како началник на Државната безбедност во Охрид се јавија бивши затвореници кои имаа издржано по 6-7 години казна како ВМРО-вци. Дојдоа да ме информираат дека директорот на Охридската гимназија, Спасе Куљан не им дозволува да полагаат осми клас и матура. Веднаш му се јавив на директорот Куљан со образложение да им дозволи да полагаат; тој се согласи и ме упати да побарам дозвола од секретарот на КПМ на Охридската околија, Живко Брајковски, но тој се колебаше. Тогаш јас ја презедов одговорноста и одлучив на  гимназијалците да им се дозволи да полагаат. Секретарот Брајковски и директорот Куљан премолчано се согласија, но со напомена, ако се покрене прашање за тоа, јас да одговарам за одлуката.

Еден од гимназијалците беше денес познатиот адвокат Саво Коцарев. За таа моја одлука немав директни последници, но за мојата спортска активност во Охрид бев во неколку наврати опоменат од републичките раководители, па можеби затоа пред истекот на мандатот ме сменија и ме повлекоа во Секретаријатот за внатрешни работи на Македонија, како помошник началник на Четвртата управа, вели Руски, еден од сега само уште двајцата живи народни херои на Македонија, сеќавајќи се дека по враќањето од Охрид во Скопје, како помошник – началник на Четвртата управа на Државната безбедност, односно прислушната служба, всушност почнал да ја организира техничката оператива за следење и прислушување.

– Началник на оваа Управа беше Стојан Пановски. По својата основна должност оваа Четврта управа беше сервис на оперативните служби. Во прв ред на ДБ. Управата ја затекнав потполно неопремена за нејзината намена: имаше само два магнетофона со трака од кои речиси ништо не се слушаше. Во тоа време добро функционираше само контролата на писмените пратки, бидејќи располагаше со образован стручен кадар, кој одлично владееше со странски јазици. Инаку, редоследот во работењето на оваа служба беше во прв ред конспиративен, а редоследот за извршување на работите строго прецизен. Секој вработен знаеше само за она за што е задолжен.

При примањето на кадарот во прислушната служба се водеше сметка за неговата стручност и конспиративност, и затоа до ден денес никој од тогашните вработени ништо нема провалено или јавно проговорено за тоа време. Овде сакам да нагласам дека оваа служба е неопходна за секоја држава, а тоа значи дека никогаш не смее да биде злоупотребена за некој личен интерес, подвлекува Забазноски, сеќавајќи се на времето поминато во Четвртата управа на ДБ, притоа објаснувајќи како во првите децении по ослободувањето се прислушувале лицата за кои имало сомнение дека работат против државата:

– Функционирањето на работата на оваа служба беше организирано на следниот начин: оперативните служби даваа писмен предлог во кој се наведуваше личноста што треба да се прислушува и што се бара од прислушувањето или контролата на писмените пратки. Писмениот предлог се доставуваше до потсекретарот на ДБ. Откако тој ќе го потпишеше, ако го потпишеше, налогот ми го даваше мене како на помошник-началник за прислушување или на началникот на Четвртата управа. Потоа се пристапуваше кон техничкото решение, а добиениот материјал за дотичното лице им се даваше на оперативните служби.

Се разбира дека им се даваше само она што тие писмено го барале, а другиот снимен материјал се бришеше од лентата, како и од писмените поштенски пратки. Оние што го „симнуваа“ снимениот материјал имаа претходен стаж како оперативни работници во ДБ или крим-службата, а со такво искуство можеа полесно да оценат дали има и нешто друго во снимениот материјал што може да им користи на оперативните служби. Во секој случај, за околу две години, успеавме да стигнеме на рамниште на прислушувачките служби во другите републики, вели Руски во спомените.

ВЕСЕЛИНКА МАЛИНСКА И ПРИСЛУШУВАЊЕТО

Во своите спомени од тоа време, Забазноски го има зачувано и записот од 1966-та година кога е одржан познатиот 4-ти пленум на ЦК СКЈ (Брионски пленум – н.з.), и кога е донесена одлука за преиспитување на работата на Државната безбедност на Југославија. За таа цел била формирана и Сојузна комисија на чело со Крсте Црвенковски, која веднаш започнала со контрола на Сојузната служба на ДБ, а посебно на Службата за прислушување при Четвртата управа на Југославија.

– По дваесеттина дена телефонски ми се јавија од Управата со објаснение дека се формира Сојузна комисија од стручни лица во која ќе има по еден стручњак од секоја република. Таа комисија имаше за цел да ги провери и испита озвучените објекти, поконкретно кабинетот и резиденцијата на Јосип Броз Тито. Јас се консултирав со раководството во Републичкиот секретаријат за лицето кое ќе го испратиме во Белград, а тие се согласија тоа да биде еден наш службеник. По две-три недели дојде кај мене нашиот член на таа стручна комисија и ми раскажа што работеле како стручна група.

Посебно ми кажа дека Комисијата била повикана кај Маршалот, а тој се интересирал за нивната работа и за задолженијата што ги имале добиено. Кога нашиот човек му се претставил, Маршалот му рекол дека „во Македонија нема никаква потреба да се испитува овој случај“. Мене овој податок ме израдува не затоа што нема да се испитува, туку затоа што нема што да се испитува. Но бидејќи Крсте Црвенковски беше претседател на Сојузната комисија за испитување на работата на ДБ, односно на службата за прислушување, мислам дека тој за да се огради од секакви претпоставки и критики, нареди и ние да формираме комисија на ЦК СКМ на чело со Веселинка Малинска.

Се сеќавам дека Комисијата претрча низ сите оперативни одделенија за да се испита работата на УДБ-а и начинот на кој се проследуваат барањата за прислушување и контрола на писмените пратки. Потоа дојде на ред да се испитува и севкупната работа и организациската поставеност на службата за прислушување и контрола на писмените пратки. Комисијата со мене работеше најмалку 40 дена од пладне до полноќ. Се интересираа за нашата соработка со другите сродни служби во републиките, а посебно за соработката со српската прислушна служба и сојузната лабораторија. На оваа соработка немаше некој негативен коментар од страна на комисијата, но на последните средби Малинска почна да ме потпрашува за озвучувањето на резиденцијата на Маршалот.

Во првиот момент бев изненаден од каде знаат за такви информации, но подоцна сфатив оти знаат дека сум бил на состанок на кој  се зборувало за поставување телефонска линија по улицата „Румунска“ која немала врска со резиденцијата на Тито. Морав да им раскажам дека кога бев во припомош на службата во Белград, за време на одржувањето на Првата конференција на Неврзаните, слушнав од колегите дека во дворот на титовата резиденција стално има по неколку генерали, офицери и сигурно војници, кои го обезбедуваат цело време.

Бидејќи не ме прашаа зошто бев во Белград на Првата конференција на Неврзаните, дојдов до сознание дека пред мене имам партиски личности кои немаат баш никакви познавања од оваа служба. Интересно е тоа што тие ми донесоа лента каде беше снимен разговорот на Крсте Црвенковски со една редакција, и дека магнетофонот веднаш се вклучува штом ќе се дигне слушалката, и дека тој што го симнува разговорите не умее да ги одбира личностите, иако таа лента никој ја немаше преслушано. Ме обвинија зошто снимениот материјал не е веднаш симнат од лентата. Јас им ги дадов речиси сите материјали што ги имав во сефот.

За секој прислушуван објект посебно запишуваа и ме распрашуваа. Во еден момент им го дадов целото досие на снимен материјал од телефонските разговори на генералот Михајло Апостолски, а воедно им ги дадов и писмените налози за прислушување на генералот од Сојузниот секретар за внатрешни работи (станува збор за Александар Ранковиќ, човекот кој ги контролираше тајните служби до 1966 г. кога беше сменет по Брионскиот пленум на ЦК СКЈ – н.з.). Од нив никој не пројави интерес за оваа важна работа, па заклучив дека пред да дојдат кај мене веќе знаеле за тој случај, забележал Забазноски во своите спомени.

КАКВО ДОСИЕ ОД УДБ-А ДОБИЛ НИКОЛА МИНЧЕВ?

– Другарите од ЦК СКМ на чело со Веселинка Малинска веројатно знаеја зошто е прислушуван телефонот на Михајло Апостолски во шеесеттите години, па затоа воопшто не пројавија никаков интерес за досието со снимен материјал од телефонските разговори на генералот. Меѓутоа, без да ја знаат правата вистина, директно ме обвинија за прислушувањето на Крсте Црвенковски, и дека тоа сум го сторил јас на своја рака. Се обидов да им објаснам дека не се во право и дека вистината е сосема друга.

Имено, Крсте Црвенковски ме повика во неговиот кабинет и ме задолжи кабинетот да се озвучи за да може кога сака, и кога има потреба, да ги снима разговорите што се водеа кај него во кабинетот. Посебно ми нагласи дека за тоа не смее никој да знае, освен изведувачите на озвучувањето и јас. Инсистираше копчето за снимање да биде добро скриено, а магнетофонот да се постави во малата просторија за да не се слуша дека се снима. За изведување на ова задолжение одредив еден наш дипломиран електроинжинер од Службата.

Тој изработи проект и со двајца електро-техничари ја заврши работата. Откако завршија уште еднаш им потенцирав дека за тоа никој друг не смее да знае, односно дека треба да заборават што работеле во Кабинетот на Црвенковски. За жал, иако проектот за озвучување беше наш, нашата служба никогаш не доби лента за репродукција. Каде завршувале снимените материјали не знам, но знам дека Веселинска Малинска, на пример, со недели бараше некакво досие од некакво прислушување на нејзиниот домашен телефон. Факт е дека тој телефон со години беше приклучен на прислушување, но не за неа туку за нејзиниот сопруг.

Бидејќи нејзиното настојување не можев да го издржам, одлучив досието од прислушувањето на тој телефон да му го предадам на Никола Минчев, тогашен претседател на македонската влада. Што се случи подоцна со тој материјал, исто така не знам, вели Забазноски, кој во тоа време раководел со Службата за прислушување на ДБ.

Според Забазноски, најмладиот македонски народен херој, и долгогодишен службеник во Државната безбедност, прислушувањето, озвучувањето и контролата на писмените пратки во негово време се одвивало според строги правила и процедури.

Имено, писмениот налог доаѓал од оперативните служби, кои ги доставувале своите барања на потпис кај потсекретарот одговорен за ДБ. Притоа тој можел да го запознае со тоа барање Секретарот за внатрешни работи, но и не морал да го стори тоа, туку директно можел да го повика раководителот на Службата за прислушување или началникот на Четвртата управа. Откако налогот ќе стигнел во службата, веднаш се одржувале работни средби со оперативците што биле задолжени за налогот, а тоа најчесто биле началниците на соодветните служби во Управата.

НАРОДЕН ХЕРОЈ НА УЛИЦА?!

– Значи, ниту јас, ниту некој друг можел сам да однесе одлука за прислушување или пак да изврши некакво озвучување, но сепак токму јас бев избран да бидам жртвено јагне, односно да бидам виновен без вина за некакво прислушување на кабинетот на Црвенковски. Оние што можеби требаше да одговараат, ги наградија со пристојни политички унапредувања. Потсекретарот кој ги потпишуваше налозите го поставија за конзул во Солун, началникот на Четвртата управа го наградија со пратеничко место во Републичкото собрание, а на Секретарот на Републичкиот секретаријат во тоа време му доделија висока партиска функција во градот Скопје.

Мене ме оставија на располагање на Извршниот совет на Македонија. Цела една година одев кај поранешниот потсекретар за да му кажам дека платата ми е намалена за 30 отсто, дека ги намалија и примањата на сопругата, дека сум на крај на егзистенција, но тој, дури пред крајот на годината ме извести дека никој во Скопје не сака да ме вработи. Во фирмите каде што одев лично за работа, ми велеа дека треба да се јави некој од раководството по телефон и тие веднаш ќе ме примат на работа.

Еден ден случајно го сретнав пријателот Салтир Путински, кој беше директор на претставништвото на фирмата „Интерекспорт“ од Белград, и наредниот ден бев примен на работа. Ако тој не ме примеше за неколку дена ќе останев на улица без никакви примања. За жал, ова малтретирање допре и до нашата ќеркичка, која во тоа време почна да учи во „Јан Амос Коменски“.

Училиштето ни беше стотина метри од нашето живеалиште. По два месеца дознавме дека учителката не само што ја запоставува туку на невиден начин ја малтретира, прикажувајќи ја пред дечињата како некој што носи несреќа. По неколку посети кај директорот, тој искрено ни призна дека е немоќен ништо да измени и дека најдобро е детето да го префрлиме во друго училиште. Учителката знаеше од нејзиниот сопруг дека јас веќе не работам во ресорот на внатрешни, а знаеја дека токму јас на телевизија го кажав предавникот за нападот на Кавадарци во војната, кој бил нивен многу близок роднина.

Бидејќи случајот имаше политичка конотација, отидов во Градскиот комитет на СКМ и ја образложив ситуацијата со нашето дете, но и од таму не презедоа никакви мерки. Откако видов дека нема никаква помош го префрливме детето во друго, многу пооддалечено училиште до нашето живеалиште, и таа таму набрзо стана одлучен ученик, се сеќава Забазноски на она што се случувало откако бил жртвуван како одговорен за наводното прислушување на некои македонски политичари, меѓу кои, некои, како во случајот на Крсте Црвенковски, на пример, сами барале озвучување на своите кабинети за да ги снимаат оние што потоа би можеле со таквите снимки да ги „држат в раце“.

Дали тие снимки од кабинетот на Црвенковски се во Архивата на ЦК СКМ или не, допрва треба да се утврди, доколку, се разбира, симнатиот материјал е доставен заедно со онаа архива што е предадена во Државниот архив на Република Македонија.

Средба во детството
БЛАЖЕ КОНЕСКИ НЕ СИ ИГРАШЕ СО ДЕЦАТА!

Семејството Коневци живееше близу до Соколаната во Прилеп. На ширината кај мостот на реката Дабничица беше нашата куќа. На оваа ширина како ученици во основното училиште се собиравме и игравме грошеви. Ги удиравме од ѕидот и кој грош поблиску ќе падне до одбележаната линија, тој добиваше. Игравме во грошеви, а не во пари. На оваа ширина понекогаш доаѓаше и Блаже Конески. Тој не играше со нас. Ќе погледаше малку молчејќи, ќе прошеташе што се вели за да ги испружи нозете и да земе чист воздух, и толку. Тој беше постар од нас.

Во една прилика кога игравме дојде Блаже да нѐ гледа и во тој момент од дома излезе мајка ми Зора и кога го виде Блажета како шетка, ни се сврте и ни рече: „Доста играте, седете учете! Гледајте детено на Коневци како постојано учи и не игра грошеви!“

Партиски прекршок
МЕ ИСКЛУЧИЈА ОД ПАРТИЈАТА ПОРАДИ СВЕТСКОТО КАЈАКАРСКО ПРВЕНСТВО!

Иако во 1975-та година успеал да организира одлично Светско кајакарско првенство на диви води на Треска и Радика, народниот херој Атанас Забазноски – Руски, волонтерски директор на првенството, наместо признание за беспрекорно организираното првенство добива исклучување од Комунистичката партија на Македонија со образложение дека не одел на партиски состаноци:

– Веднаш по завршувањето на светските првенства во 1975 година, на пазарчето Буњаковец ме сретна функционерката на ЦК СКМ Ката Лахтова. Таа ме извести дека сум исклучен од партијата, поради мојата неактивност во основната партиска организација и оти моето партиско досие е ставено во пасива. Јас на ова известување немав никаков коментар. Подоцна разбрав дека таа била претседател на таа комисија или форум. Отидов во ЦК СКМ и во Градскиот комитет на Скопје за да се распрашам за мојот случај.

Ми потврдија дека тоа е точно. Ми образложија дека тие ја следеле мојата партиска неактивност многу отпорано и затоа сум бил исклучен. Отидов и кај раководителот на архивата за да му го објаснам поопширно значењето на Светското првенство, како и поранешната моја спортска активност. Воедно му кажав дека светските првенства во Македонија беа следени од многубројни телевизиски екипи, а со тоа е извршена голема афирмација на Македонија во светот и оти тоа е мојата национална и партиска активност.

Револтиран, му реков дека целиот ЦК СКМ неброени пари да плати нема да ја пренесуваат нашата земја преку светски телевизиски куќи. Тој на ова ми одговори дека мојата спортска активност да си ја чувам за себе, зашто тоа е хоби, а не партиска активност.

Колку им пречеше мојата спортска активност можев да видам уште кога бев началник на ДБ во Охрид. Тогаш високиот полициски раководител Елисие Поповски-Марко ме сретна во Клубот во Скопје, ме седна до него, ме испраша за мојата работа во Охрид, а потоа ми рече: „Не треба да играш фудбал на игралиште; по тебе викаат – уа УДБА“. Јас му одговорив оти тоа не ми пречи, се сеќава Забазноски на времето кога бил исклучен од Комунистичката партија.

Поврзани новости