Кога е во прашање односот кон традиционалните вредности, помеѓу сдсмовците и вмровците нема суштински разлики!

by Фокус 14:00
14:00

Текстот е објавен на 26 јуни 2009, во неделникот „Фокус“ број 730.

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

- Advertisements -

Македонија е релативно конзервативна средина, ама во која се повеќе се зајакнуваат традиционалните вредности. Огромното мнозинство или дури 83,3 отсто од граѓаните се сметаат за религиозни. Не постои значајна разлика врз идеолошка основа меѓу десницата и левицата, односно меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Ваквиот кроки-портрет на македонското општество призлезе од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) што го спроведе Институтот за социолошки и правно-политички истражувања (ИСППИ). Анкетата за „Односот кон традиционалните /секуларните вредности“ била реализирана во март 2009 година на репрезентативен примерок од 1600 испитаници. Ваквата дијагноза на македонското општество, меѓутоа не беше експлоатирана во јавноста изминативе недели, иако таа дава објаснување за разни феномени на нашата транзиција, што секако или особено ја красат и оваа власт на Никола Груевски.

За појаснување, преку прашалникот од оваа анкета граѓаните се изјаснувале за степенот на оправданост на разводот, абортусот, хомосексуалноста, еутаназијата, проституцијата, самоубиствата и домашното насилство.

РУРАЛНА И РЕЛИГИОЗНА

Не е спорно дека Груевски игра на картата на традиционалното. Сите гледаме колку енергија и упорност покажува оваа владеачка гарнитура да ја „протне“ веронауката во училиштата! Каква решителност пројавува за проектот „црква на плоштадот“?! Колку фанатички ја туркаше кампањата за „трето дете“! Како на чуден начин се форсираа некакви флаери од анонимен нарачател за забрана на абортусот! Собрано сето ова на купче покажува дека Груевци го погодиле нервот на народот. И според аналитичарите општествата кои важат за блиски до традиционалните ја нагласуваат важноста на односите родител – дете, почит или послушност кон авторитетот, заедно со апсолутни стандарди и традиционални семејни вредности, и ги одбиваат разводот, абортусот, еутаназијата и самоубиството. И како финален производ „овие општества имаат високо ниво на национална гордост и националистички поглед“.

Ваквите фрапантно високи проценти за односот на македонските граѓани кон традиционалните вредности, особено што се безмалку идентични кај симпатизерите и членовите и на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, социологот проф. д-р Петар Атанасов од ИСППИ, кој учествувал во анкетата, ги објаснува на следниов начин:

– Високите резултати во правец на традиционалните вредности веројатно се должат на нашата општествена историја која е главно рурална и религиозна. Нашиот народ долго време живееше на традиционален начин. Ова се чини не успеало да биде надминато ниту од половина век комунизам и атеизам. Блиските резултати на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од аналитички аспект се доказ дека во двете партии членовите имаат исти вредности. Поточно, членовите се од истите социјални слоеви кои се доминантни во општеството – смета Атанасов.

Ако се направи споредба со земјите во регионот, тогаш појаки традиционални вредности од Македонија имаат Босна и Херцеговина и Романија. Во Европа, пак, како општество со најјаки традиционални вредности се смета Полска. Она што дури збунува е што истражувањата покажале дека посилни секуларни вредности од нас имаат Албанија, Бугарија и Србија. Значи, македонските граѓани покажуваат повисок процент на конзервативност дури и од оние во Албанија? Зошто македонските Албанци се поконзервативни од оние во Албанија?

– Македонските Албанци за разлика од Албанците од Албанија имаат постојан и редовен верски живот. Во Албанија религијата беше забранета. Македонските Албанци исто така имаат силни врски во семејството, главно живеат во рурални подрачја и се многу порелигиозни од Македонците – одговара Атанасов.

ПАРТИИТЕ СЕ ТЕМЕЛАТ НА ОДНОСОТ ПАТРОН-КЛИЕНТ

Истражувањата покажуваат дека најголем дел од населението во Македонија односно 83,3 отсто се сметаат за религиозни, додека 14,8 отсто се нерелигиозни, а како атеисти се декларирале само 1,1 осто. За оваа фрапантна бројка на „верници“, Атанасов анализира:

– Ова може понатаму да се расчленува и анализира по неколку линии, на пример, квалитет, степен, практики, итн., но сепак покажува некаков тренд. Оваа „трајност“ е последица на многу фактори, меѓу кои секако мора да се вклучат и долготрајната социо-економска криза и бесперспективноста или немањето значаен севкупен развој. Во Македонија релативно доцна почнуваат поинтензивно процесите на урбанизација и модернизација. Овие процеси носат на долг рок секуларни вредности. Секуларизацијата во некои европски држави се интензивира дури во втората половина на 20. век, како на пример во Шведска или Британија.

Кај нас, очекувано анкетата потврди дека најсилна поддршка на секуларните вредности има во Скопје. Оттаму, јасно е дека само во главниот град можеше да се најде популација која ќе се спротивстави на изградба на црква на плоштадот. Но, она што е ептен куриозитет е дека истражувањето од март оваа година покажа дека всушност и не постои значајна разлика меѓу СДСМ-овци и ВМРО-вци кога е во прашање религиозноста. Дури 84,9 отсто од ВМРО-вците односно дури 79,2 отсто од анкетираните СДСМ-овци се верници. Се на се, и на другите прашања од анкетата нема драматични разлики.

Сашо Клековски, од Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС кој е и нарачател на истражувањето за Односот кон традиционални /секуларни вредности, додава дека и од други истражувања како „Општествената одговорност на граѓаните“ или „Доверба во граѓанското општество“ се доаѓа до сличен портрет на партиите.

– Од сите овие истражувања може да се заклучи дека политичките партии во Македонија не се засновани на социјален договор или идеологија туку на односи: патрон- клиент – смета Клековски.

Резултатите до кои дојде МЦМС сепак ја обесмислуваат де факто поделбата на партиската сцена во Македонија на левица и десница.

„Во основа не се работи за левица или десница. Кај нас основната поделба е меѓу традиционалното и модерното општество. Не меѓу оваа или онаа идеологија. Политичките идеологии во Македонија немаат ниту долга историја, ниту самостоен развој. Малку социјалисти, малку револуционери, малку комунисти. Модернизмот кај нас главно дојде преку ‘левицата’, преку југословенската комунистичка партија. Нашата ‘десница’, исто така, никогаш не беше самостојна, таа секогаш беше под силно влијание на Бугарија. Македонците многу се измачија да создадат своја самостојна држава. За некаква сопствена левица или десница немаа ниту време, ниту сили, ниту можности. Ние, всушност, во социјализмот, сите бевме централно од левицата и лево од националното. Ова никогаш не се избистри до крај. Идеологијата на комунистичката партија на Македонија беше само копија на југословенската. Првпат во поново време за некаква национална идеологија зборуваше Љубчо Георгиевски. Но тоа е веќе позната историја“ – е објаснувањето на Атанасов за немањето автентична левица и десница во Македонија.

ЛЕВИЦАТА ИМА ПОГОЛЕМ ПРОБЛЕМ

Сашо Клековски, пак, токму во водењето на Груевски гледа свртување кон традиционалните вредности.

– ВМРО-ДПМНЕ е прва партија која прави чекори во дефинирање на партијата како народна или партија со традиционални вредности, во последните три години. Тоа може да се види во ставовите за семејството, противење на абортусот и на хомосексуалноста, нагласувањето на религиозноста. Друго прашање е колку ваквата идеологија е споделена во партијата. Важно таа е декларирана и понатаму ќе се очекува членовите на ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржуваат – коментира Клековски.

Всушност, резултатите од истражувањето потврдуваат дека поголем проблем имаат во СДСМ. Сетете се само колку врева дигна опозицијата за „анонимната“ кампања против абортусот?! А разликата меѓу СДСМ-овците и ВМРО-вците за (не)оправданоста на абортусот е само 6 проценти.

– Како партија со социјалистичка ориентација, СДСМ треба јасно да ги декларира своите секуларни-рационални позиции. Но, СДСМ тоа не го прави или не го прави тоа јасно, веројатно соочени со традиционализмот на своите симпатизери и гласачкото тело во Македонија – го лоцира проблемот Клековски на нашата условно речено левица.

Но, проблемот е уште позамрсен кај албанските политички партии во Македонија. Иако и тие се декларираат за лево (ДУИ) или десно од центарот (ДПА), сепак досега тешко дека ќе пронајдете нешто адекватно во нивните политики на ваквата самопрогласена идеологија.

– Секако, најголем проблем во идеолошката трансформација ќе имаат партиите на заедниците. Нивен приоритет е напредување на своите етнички заедници. Затоа овие партии лесно ќе склопуваат коалиции и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ – согласен е извршниот директор на МЦМС, Сашо Клековски.

Со разликите евидентирани меѓу етничките Македонци и етничките Албанци, како и меѓу граѓаните од православна христијанска и од исламска вера, експертите го објаснуваат различниот степен на религиозноста. На пример, религиозноста не е фактор кој влијае за ставот само по прашањата на проституцијата и самоубиството. Тука ставовите се слични и кај религиозните и кај нерелигиозните граѓани. Останува дилемата: зошто социјалниот интерес не успева да ги спои интересите на Македонците и Албанците?

– Во Македонија организирањето врз основа на социјален интерес, покрај во спортот и културата, присутно е во дел од граѓанското општество. Два најистакнати примери за тоа се Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Фармерската федерација на Македонија (ФФМ). И во СОНК и во ФФМ успеваат да истраат на социјалните интереси на наставниците и фармерите, и покрај партиските и етничките разлики и спротивставености на нивните членови – е ставот на Клековски.

Има уште еден феномен. Ем базата на двете најголеми партии е од ист калап, ем од друга страна анимозитетот меѓу нив е од силен интензитет. Се третираат меѓусебе како непријатели, а не политичи конкуренти. Чуму, кога споделуваат исти вредности?! Очигледно, оваа „гачка“ на партиските елити за штанцање непријатели ја дава само неопходната „идеологија“ за диференцирање на членството. Така полесно се хомогенизираат партиските војници, ем им се крева адреналинот за истребување на „непријателот“. А кога идеологијата не е врзивното ткиво, тогаш не е чудно што со леснотија добиваме шетачи од едната до другата „групировка“. Тука е најсилен само интересот да се биде „горе“.

Петар АТАНАСОВ
АНТИКВИЗАЦИЈАТА Е ПОЛИТИКА НА ИМПРОВИЗАЦИИ И ФРУСТРАЦИИ

ФОКУС: Дали ваквата „забеганост“ на Груевски по прашања како веронаука во училиштата, изградба на црква, но и свртеност кон ваквите традиционални вредности, му го донесе, покрај другото, високиот рејтинг?

АТАНАСОВ: Не е толку едноставно. Премиерот Никола Груевски има неколку „сидра“ на владеење. Првото е месијанското – спасувачкото. Второто е ветувањето за економска преродба. Како трето може да го именуваме етничкиот национализам и тоа преку две линии: конзервативните вредности и црквата. Сите три сидра му носат висок политички рејтинг. Идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ денес може да се окарактеризира како мнозински популизам. Ова на краток рок носи атрактивност, но на подолг рок не носи шанси за поголем успех. За успех на ова поле потребни се многу предуслови кои ние ги немаме. Народот успехот го мери преку својот џеб и чувството на безбедност, а државата својот успех го мери преку националниот производ и политичките интеграции. На ниту едно поле Владата не направи забележителен успех ниту направи некаков пресврт.

За жал, Владата односно Премиерот својот политички кредит неповратно го троши преку антиквизацијата. Антиквизацијата не е сидро, таа е политика на импровизации и фрустрации. На пример, нашиот спор со Грција се држеше како спор со низок интензитет. Кога Владата го подигна интензитетот на спорот ние доживеавме пораз во Букурешт.

 Воденичните камења на Боцевски
ЛИБЕРАЛНИОТ ПУБЛИЦИСТ ЗАВРШИ КАЈ ПОПУЛИСТИТЕ

„Тешко е да се биде либерален публицист во Македонија, бидејќи си постојано ставен помеѓу два воденични камења. Од една страна, тука се националистите, популистите, нео-тоталитаристите, клерикалците и другите „романтичари“ кои паразитираат на националната економска, духовна и интелектуална беда, а од друга страна, тука е квази-елитата која што е највиновна за националната беда, а своите акции ги крие зад обландата на либералната реторика (токму затоа либералната, граѓанската, западната и европската реторика им е згадена на многумина од граѓаните во Македонија, а тие сентименти ги злоупотребуваат „романтичарите“). Да ги поддржиш првите, си се изгубил себе си како личност, а ако ги подржиш вторите си ги издал и измамил своите сограѓани и, повторно, го губиш својот интегритет како личност. Во едно ненормално општество, најненормално е да си нормален“.

Овие рамислувања, што би ги потпишала со двете раце, сепак се авторство на Ивица Боцевски додека беше само либерален публицист меѓу два воденични камења. Откако стана министер во владата на Груевски, „квази-елитата“ го прогласи за јаничар, што потврдува дека двата партиски табори иако испилени од исто тесто, го форсираат непријателството како модус вивенди на политичката сцена. Од друга страна, останува енигма и дали Боцевски со приклонувањето кон „националистите, популистите, нео-тоталитаристите…“ успеа да се сочува себе си како личност. Или само сфати дека не е исплатливо веќе да останеш нормален во ненормално општество?!

Поврзани новости