„Кога пилите ќе стивнат“ утре на улицата „Орце Николов“

by fokus

Граѓанската иницијатива Зелен хуман град за утре во 13 часот закажа протест против сечата на дрвјата и за зачувување на белите дробови на главниот град. Протестот ќе се одржи под мотото „Кога пилите ќе стивнат“ на улицата „Орце Николов“.

-Ги повикуваме нашите сограѓани и сите оние кои сакаат зелено и хумано Скопје со нивните семејства да ни се приклучат на овој перформанс, преку оставање на цвеќиња од сите бои на местото на исечените дрвја. По овој симболичен гест, ќе го преместиме протестот кај дрвјата во близина кои сè уште стојат, но се планирани за сечење. Таму ќе правиме селфија со хаштагот #КогаПилитеЌеСтивнат и ќе ги преплавиме социјалните мрежи со пораки до надлежните дека повеќе не смее да падне НИ ЕДНО ЗДРАВО ДРВО, ИЛИ ДРВО КОЕ ИМА ШАНСИ ДА СЕ ИЗЛЕЧИ! Им упатуваме јасна порака на властодршците: масакрирањето здраво зеленило во еден од најзагадените градови во Европа е НЕДОЗВОЛИВО!“, стои во повикот за протестот.

Демонстрантите со една минута молк ќе им оддадат почит на паднатите дрвја, ќе остават цвеќиња и ќе испратат и порака дека повеќе не смее да падне ниту едно друго дрво на улицата.

Барањата кои Зелен хуман град ќе ги испрати од утрешниот протест:

  1. Да се сопре извршувањето на решението издадено од Град Скопје со кое се овозможи масакрот на улица Орце Николов со цел да се спасат преостанатите дрвја кои сè уште не се исечени;
  2. Веднаш јавно да се објават сите документи кои содржат стручни аргументи врз основа на кои градоначалникот на Град Скопје го донел решението за сечење на десет дрвја.3;
  3. Итно да се измени Статутот на Град Скопје со додавање одредби за зголемена транспарентност, ефективна вклученост на јавноста и задолжително објавување на решенијата за сечење зеленило на веб-страницата и на официјалните профили на социјални мрежи на Град Скопје на денот на нивното донесување;
  4. Град Скопје и општините во Град Скопје да воведат статутарни одредби за задолжително да организираат презентација на проекти за уредување улици и јавни простори од страна на проектантите и одговорни лица во општините, како и можност за партиципација на јавноста;
  5. Зелениот катастар на Скопје веднаш да се ажурира со сите неопходни информации и отсега натаму тоа ажурирање да е задолжително тековно;
  6. ЈП Паркови и зеленило во согласност со тековно ажурираните информации на Зелениот катастар, задолжително да изработи план за лечење на дрвјата кои со професионална нега може да се спасат и истиот доследно да го применува;
  7. Итна независна ревизија на проектот за реконструкција на улицата Орце Николов и објавување на проектантот и ревидентите на проектот;
  8. Да се поднесат пријави по службена должност против сите кои ги прекршиле законите, кои ги пречекориле своите законски овластувања и кои несовесно работеле во службата.

 

Поврзани новости