Кочан оди кон затвор, „Трансмет“ кон стечај

by Фокус

Градежната компанија „Трансмет“ на семејството Кочан се наоѓа пред стечај.

Со одлука на скопскиот граѓански суд, на почетокот на оваа 2019 година отворена е претстечајна постапка на компанија, која всушност претставува претходна постапка за утврдување на условите за отворање на стечајна постапка над должникот. Со ова решение на Основниот суд Скопје – 2 за привремен стечаен управник се назначува Богољуб Макревски и се одредува општа забрана за располагање на целокупниот имот на друштвото.

Практично, судот го задолжува Макревски да го заштити имотот на должникот со сите соодветни средства, да дава согласност на органите на управување за водење на работењето до отворањето на стечајна постапка со цел, стои во решението, да се избегне значително намалување на имотот. Воедно, привремениот стечаен управник добил овластување да испита дали должникот има имот што може да се отвори и е доволен за спроведување на стечајната постапка, за намирување на побарувањата на доверителите итн.

-Рочиштето што требаше да се оддржи е одложено бидејќи судијата е на одмор. Предлогот за поведување на постапката е поднесен од тројца доверители, во меѓувреме може да има и други. Доколку должникот не ги исплати побарувањата до рочиштето, се оди кон стечај. Сметката на компанијата е блокирана и засега најверојатна опција е стечајот, бидејќи нема како да се наплатат побарувањата – ни изјави тој.

Инаку, ова не е прв да биде покрената иницијатива за стечај на „Трансмет“. Во ноември 2018 година, судот донел решение за претстечајна постапка, но судот во декември носи ново решение со кое ја запира постапката, бидејќи, како што наведува во одлуката, доверителот „Кооп Инженеринг“ од Куманово го повлекол предлогот за отворање на стечајна постапка.

Сопственици на компанијата се членовите од семејството Кочан, вклучително и Сеад Кочан, кој беше еден од осудените во случајот на СЈО со назив „Труст“ поради тендер за набавка на механизација за РЕК Битола на затворска казна од 4 години и 8 месеци. Оваа пресуда е правосилна бидејќи беше потврдена и од второстепениот Апелациски суд. Деновиве се очекува Кочан да добие упатен акт за издрживање на казната, меѓутоа тој може спасот да го побара во Врховниот суд со поднесување на вонреден правен лек.

Неофицијално, неговата „Трансмет“ има доспеани долгови по основ на ДДВ, данок на добивка, плати и придонеси…

В.С.

Поврзани новости