Одговорност за автобуската несреќа мора да има и ќе има, каде и да е направен пропустот, најавува Благој Бочварски, прв човек на Министерството за транспорт и врски, кое е надлежно за издавање на лиценците за меѓународен превоз, а ваква лиценца имала агенцијата „Беса транс“, чиј автобус се запали на автопатот „Струма“ во Бугарија и изгореа 45 патници.
Како што објаснуваат од Министерството за Фокус, компанијата имала лиценца како правно лице, врз основа на која обезбедила и таканаречен извод од лиценца за неколку автобуси, но, истакнуваат од таму, друштвото немало ваков извод од лиценца за автобусот кој изгоре во Бугарија.
„Компанијата поседува уредна и комплетна документација како правно лице и за автобусите за кои добила извод од лиценца, што оди во пакет со сертификат за возач. Но, немала ваков извод за автобусот кој изгоре, а како автобусот возел и поминувал на граница без ваква лиценца треба да одговорат други институции“, велат од Министерството.
КАДЕ ЛЕЖИ ОДГОВОРНОСТА?
Инаку, автобусот без неопходната лиценца поминал три држави на пат кон Турција, без притоа цариниците на граничниот премин да утврдат дека границата ја минал автобус кој не смеел да биде учесник во слободен сообраќај. Ниту Државниот инспекторат за транспорт, кој има надлежност и овластувања за врши контрола на транспортерите, не успеал да го лоцира спорниот автобус.
Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини одговорноста ја префрла на Царинската управа, истакнувајќи дека оваа година на агенцијата и биле направени четири вонредни инспекциски надзори, при што утврдиле само непочитување на ковид протоколите, додека автобусите што ги прегледувале имале комплетна документација, лиценца, извод од лиценца, сертификат за возачи.
-Прашањето е кога е купен автобусот, дали работел цела година, колку време работел – тоа треба да го каже Царинската управа зашто таа води таква евиденција. Ако авотбусот немал извод од лиценца, Царинската управа требаше да му забрани излез од Севрна Македонија, вели Хусеини.
Царината пак соопшти дека од рано утрово секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на Граничниот премин Деве Баир за да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез од државава.
-Предмет на контрола е и постапувањето за конкретниот превозник и возило и во претходниот период на истиот граничен премин. За наодите од контролата јавноста ќе биде навремено информирана, соопшти Царинската управа.
ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОДАВСТВОТО?
Сепак според Законот за превоз во патниот сообраќај на кој се повикува и Царина, двете институции требало да утврдат дека автобусот вози во странство без извод на лиценца за меѓународен превоз. Во Законот се цитира што точно треба да поседува возило при вршење на слободен превоз на патници во меѓународниот сообраќај.
Според законот, цариниците треба да ја проверат целата документација и ако утврдат дека нешто им недостасува, треба да му забранат влез или излез на возилото.
Воедно, овој Закон лоцира потреба од контрола и од Инспекторатот, односно инспекторите контролираат дали се исполнети условите за добивање на лиценца и тие може да го исклучат возилото од сообраќај ако нема лиценца за вршење на соодветен вид на превоз предвидено со законот.
Министерството за транспорт и врски и ја одзеде лиценцата за работа на „Беса транс“, а од Царинската управа се очекува да каже што прикажал автобусот на граничниот премин, какви документи приложил превозникот при излез од државата, колку време возел автобусот во странство без лиценца и да се утврди дали Инспекторатот некогаш му извршил надзор на овој автобус.
Ф.Ф.С.