Кочан останува на слобода, бидејќи Апелација има само технички забелешки за гаранцијата

by fokus

Бизнисменот Сеад Кочан ќе остане да се брани од слобода и покрај неодамнешното решение на Апелациониот суд со кое ја прифати жалбата на СЈО и го врати предметот назад кај судија на претходна постапка.

Од Кривичниот суд појаснуваат дека судијата на претходна постапка нема повторно да одлучува за притворот, туку само во делот околу гаранцијата, каде што второстепениот суд утврдил пропусти и грешки.

-Појаснуваме дека неточни се наводите дека првостепениот суд повторно ќе одлучува во однос на предлогот за определување мерка притвор, бидејќи, согласно решението на второстепениот суд, Кривичниот совет при Апелациониот суд ја прифатил жалбата на СЈО и го укинал решението на судијата на претходна постапка само за точка два од решението, односно во делот со кој се опредлеува гаранција во вкупен износ од 875.298.56 евра и предметот, само во однос на оваа точка, се враќа на повторно одлучување.

Во однос на точка еден од решението на судија на претходна постапка со која се одбива предлогот на СЈО за определување мерка притвор против осомничениот С.К., како и точка три од решението на судија на претходна постапка со која се определуваат мерки на претпазливост против осомничениот, остануваат непроменето, појаснуваат од Основниот суд Скопје 1.

Поврзани новости