Министерот Алаѓозовски за ,,Фокус”: Сите ритуали и мистерии околу суканиците!

by fokus

Разговараше: Вики Клинчарова

Новиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, кој што со својот уникатен имиџ донесе освежување на нашата политичка сцена, не може, а да не влезе во око, посебно поради интересната фризура, прамените во светот познати како раста дредлокси, а кај нас – суканици.

И додека со години наназад бевме свикнати да ги гледаме нашите, па и светски политичари со замазнети, кратко потстрижени фризури, Алаѓозовски со своите суканици за само неколку дена на функција, ги сруши предрасудите присутни кај голем дел од нашата популација, и покажа дека кратка и примерна фризура, не значи секогаш и паметна глава.

Со своите искрени обраќања кон јавноста, ветувањата за слободарска култура достапна до сите граѓани, со подадената рака кон заборавената рокенрол заедница, уметник и професионалец со кого што се остварува лесна комуникација, пристапен и приземјен, тој е можеби првиот министер во светот, со кого што е направено интервју на тема – неговата фризура.

Спонтан, отворен за соработка, четириесет и тригодишниот министер, роден во Струмица, сопруг и татко на две деца, член на Друштвото на независни писатели на Македонија, и покрај многубројните работни обврски, без проблем одвои време за нашето невообичаено интервју.

ФОКУС: Кога и каде за прв пат ги направивте дредлоксите (или суканици), и што ве инспирираше за оваа интересна фризура?

АЛАЃОЗОВСКИ: Суканиците ги направив во март 2002. Неколку месеци ја растев косата дури не достигна доволно долга должина за сукање. Инспирација за тоа беше слободарскиот дух на растафаријанската култура и пораките за мир и еднаквост помеѓу луѓето кои таа ги испраќа. Ги направив во домот на двајцата браќа мајстори за суканки.

ФОКУС: Колку време ги носите, како ги одржувате, бидејќи се познати како фризура за која што е потребна нега и време?

АЛАЃОЗОВСКИ: – Од 2002 година кога ги направив, поминаа веќе 15 години. Одржувањето и негувањето бараат малку повеќе време, но тоа воопшто не ми пречи. Од странство, преку пријатели, родини или за време на моите патувања, набавувам специјални шампони и средства за одржување, кои за жал не се достапни кај нас. Плетењето на расплетените прамени е посебен ритуал. Секоја сесија со нив е не само масажа за коренот и нега на косата, туку претставува една психотерапија, полна со убави муабети и дружба, вистинско уживање но и можност за директна средба со луѓе од субкултурата и информирање за состојбите во овој дел од независната сцена.

ФОКУС: За добри суканици е потребно нивно редовно обновување, колку често вие го правите тоа?

АЛАЃОЗОВСКИ: Вообичаено тоа го правам на два до три месеци. Сега веројатно ќе треба да ги обновувам прамените малку почесто.

ФОКУС:Дали ви сметаат забелешките од некои душебрижници на сметка на вашата фризура, во стилот дека министрите треба да имаат кратки средени коси, што би им порачале на таквите?

АЛАЃОЗОВСКИ: Да пуштат коса!

ФОКУС: Некоја анегдота поврзана со вашата фризура, сигурно ги имате многу?

АЛАЃОЗОВСКИ: За време на Шарената револуција, на еден од протестите на кои учествував редовно, бев удрен со балон од боја. За среќа косата го амортизираше ударот. Секако, ми беше уништен дел од облеката, но трагови од бојата се уште носам и во прамените. Така што, освен што е темно-руса, мојата коса е и шарена – раскажа министерот за ,,Фокус”.

Тој е познат и како преведувач, критичар, есеист, издавач. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на зборникот уметнички и неуметнички текстови „Флорилегиј“ (издание на „Блесок“),„Des Postmodernismus beschuldigt“ (2003) и „Gro-Plan“ (2006) објавил повеќе од 150 рецензии, критики, есеи, студии, преводи на книги и текстови од англиски јазик. Бил уредник на неколку издавачки куќи и списанија. Од 2010 година ја води својата издавачка куќа „Готен“. За своите трудови има добиено голем број на награди.

Поврзани новости