Кај 14 јавни здравствени установи, од кои две во Скопје, се утврдени неправилности во работењето, покажала вонредната контрола што ја спроведе Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во службите за Итна медицинска помош и Домашна посета низ целата држава.
Според генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, контролата опфатила 37 јавни здравствени установи – 29 надвор од Скопје и осум во главниот град. „Кај 23 установи не се утврдени недостатоци, но кај 14 има сериозни неправилности – две во Скопје и 12 во останатите градови,“ изјави Клековски.
Седум установи работеле со интерни ценовници кои не биле одобрени од ФЗО и Министерството за здравство. „Не тврдам дека биле на штета на пациентите, но факт е дека не биле официјално одобрени,“ рече тој. Кај две установи е утврдено неправилно фактурирање кон Фондот, а други две наплаќале услуги кои не смееле да ги наплаќаат.
Посериозни недостатоци се утврдени и на терен: во една установа надвор од Скопје недостасувале ампули против болка, а лековите во Итната помош биле под минималниот потребен праг. Во друга установа, пак, воопшто немало медицински тимови за извршување на услугите.
„На сите ЈЗУ им е даден рок од два месеци да ги отстранат пропустите, по што ќе следи повторна контрола,“ рече Клековски, додавајќи дека Фондот не бил навреме информиран дека Домашната посета во Шуто Оризари е целосно затворена поради недостиг на персонал.
Паралелно со тоа, биле проверени и исплатите на платите во 26 други медицински установи. Само осум биле без неправилности, додека кај 18 се утврдени прекршувања.
„Најчесто се работи за неправилно пресметани дежурства, исплати на додатоци кои не смееле да се исплатат, прекувремена работа над дозволениот лимит и случаи на незаконски зголемени директорски плати,“ појасни Клековски. Осум установи, пак, воопшто не ги доставиле бараните документи.
ФЗО ќе побара враќање на сите незаконски исплатени средства и ќе изврши нова контрола за да утврди дали установите постапиле по забелешките.