Кирацовски: Над 60 пратеници дадоа поддршка за Пендаровски

by fokus

Со задоволство ја информираме јавноста дека над 60 пратеници со својот потпис дадоа поддршка на кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на државата, рече денеска генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски.

„Пратеници од различни етнички заедници, од различни политички партии, обединети се околу заедничкиот избор за победа, за напредок, за иднина.

Стево е нашиот избор затоа што веруваме дека е личност со интегритет, кој ќе биде вистински претседател на сите граѓани. Кој ќе се води од интересите на граѓаните и државата.

Пратениците многу добро знаат колку е значаен изборот на претседател за државата, за граѓаните и за Собранието.

На Република Северна Македонија не и е потребен нов Иванов.

На граѓаните не им е потребен уште еден партиски послушник, кој е подготвен да делува спротивно на интересот на државата, да не почитува Устав, работејќи само во името на партијата и партискиот шеф, како што ни се случуваше во последните 10 години.

На државата, на граѓаните потребен им е претседател кој влева доверба и сигурност, претседател кој гледа напред, работи заедно со сите прогресивни и демократски сили, ја води земјата кон ЕУ и НАТО.

Стево е тој. Стево е кандидат за вистински претседател.

Сега кога се решени најкрупните прашања кои со децении не влечеа надолу, нема запирање, време е за нови потфати.

Преземаме обврска, оваа полет да го искористиме и заедно да го обезбедиме до крај она за што се бориме: подобар живот за сите граѓани, ратстечка и силна економија, напредок, повеќе пари кај граѓаните.

Покрај тоа што законскиот услов за кандидатурата на Пендаровски е исполнета со потписите на народните избраници, отвораме можност и граѓаните непосредно да застанат зад кандидатурата на Стево за претседател.

Ги покануваме граѓаните кои сакаат да дадат директна поддршка на кандидатурата на Стево, нашиот заеднички кандидат, од утре, да се приклучат, да го сторат тоа со својот личен потпис во подрачните единици на ДИК низ државата.

Одиме заедно со Стево, партии, пратеници, граѓани, сите заедно. Одиме во нова победа, за граѓаните, и за нашата држава“, додаде Кирацовски.

Поврзани новости