Ќе бидат ли Тамара и Петар новите Милена Дравиќ и Драган Николиќ?

by Fokus

Тамара Драгичевиќ и Петар Бенчина, убавиот пар кој го сврте вниманието на балканската јавност по улогите во играниот филм ,,Тома”, каде таа се појави во улогата на Силвана Арменулиќ, а тој во улогата на докторот на пејачот, и една недела по промоцијата на националните телевизии, се уште се во центарот на вниманието.

Кои се тие приватно, како се запознале, како започнала нивната љубов која ја крунисале во брак од кој имаат две деца – ќерката Сташа и синот Лазар, е тема за која се пишува во регионот.

Иако често за српските медиуми изјавуваат дека се трудат да ја држат приватноста подалеку од очите на јавноста, сепак, во една од ретките прилики Тамара раскажала како им се родила љубовта, во далечната 2011 година.

Кога за прв пат се сретнале, во време додека работеле на ист актерски проект, првата мисла и била дека Петар е доста препотентен. Иако минале неколку месеци во секојдневни средби и соработка, таа признава дека не ,,кликнале” на прва.

-Силата на привлекувањето не може да се игнорира! Во нашиот случај, една долга прошетка на плус 40 степени, после една аудиција беше доволна да сфатиме дека таа сила е помеѓу нас. По неколку месеци игнорирање, ние по прошетката престанавме да се игнорираме – раскажуваше актерката уште пред неколку години.

Нивната венчавка, исто така била невообичаена, бидејќи не сакале класична свадба. Во 2016 година се венчале на мала церемонија на песочната плажа на Ада Бојана. И двајцата облечени во бела комбинација, со најблиските роднини и пријатели, а Тамара пристигнала со мал чамец.

-Венчавката беше поразлична од сите на кои порано сум бил. Луѓето кои ни значеа беа со нас, на 500 или 1.000 километри од своите домови си поминавме во еден амбиент кој на сите ни се допадна. Се беше спонтано, се одеше лесно… Немавме трема, немаше стрес, не сакавме класична, традиционална свадба. Нашата венчавка од соништата подразбираше море, плажа, музика и драги луѓе- раскажуваше актерот.

Денес, среде големата популарност, појаснуваат дека се трудат да водат мирен семеен живот, да ги изведат децата на вистинскиот пат, но и да ги научат на човечките вредности. Своевремено, српските медиуми пишуваа и за нивното пријателство со актерскиот бард, парот Милена Дравиќ и Драган Николиќ. Се запознале за време на претставата ,,Харолд и Мод” на која Петар глумел заедно со Милена.

-Имавме среќа да се запознаеме, низ работата се зближивме, си помагавме. Со тек на време започнавме да се посетуваме, а нашите средби нема никогаш да ги заборавиме. Милена беше вечна младост, со Драган беа неповторливи. Не фасцинираше нивната леснотија на живеење. И покрај големиот успех, секогаш беа достапни не само за колегите, туку и за сограѓаните. Ни ласка кога не споредуваат со нив и кога ни предвидуваат дека ние би можеле да бидеме идните Милена и Драган на сцената – раскажа парот за ,,Стори”.

Во минатото, немале многу можности да глумат заедно, и филмот ,,Тома” е еден од ретките проекти во кој и двајцата имаат носечки улоги. -Ретко сме глумеле заедно, но не по наша волја. Кога се вклучуваат камерите, ние престануваме да бидеме сопружници, и влегуваме во своите ликови. Во секој случај, ни беше забавно – раскажа Тамара.

Вики Клинчарова

Поврзани новости