(АРХИВА) Како Стефановски-Рамче, поранешен бодигард на Љубчо, влезе во винарскиот бизнис?

by Фокус

Текстот е објавен на 17 мај 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1180.

Откако периодов беше обелоденета информација од МВР дека лице со иницијали В.Х. било лишено од слобода поради сомнение за злоупотреба на службена положба, Фокус објави дека станува збор за почесната конзулка на Хрватска во земјава, Вита Хузјан, која пак реагираше дека ќе докаже дека не сторила кривично дело.

Инаку, Хузјан своевремено беше менаџер на „Визба Валандово“, за која пишувавме пред околу 4 години, кога валандовската винарија премина од групацијата на хрватски „Агрокор“ во сопственост на „МДН Гроуп“ на Влатко Стефановски – Рамче, поранешен телохранител на експремиерот Љубчо Георгиевски.

Паралелно со влезот во винарскиот бизнис, Стефановски се повлекол од агенцијата за обезбедување во корист на сопругата Верица Милеска – Стефановска.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Набрзо по политичките промени во 2006 година, кога на власт за првпат дојде ВМРО-ДПМНЕ предводено од Никола Груевски, хрватскиот економски гигант „Агрокор“ најави дека ќе влезе на македонскиот пазар со инвестиции од над 200 милиони евра.

Во следните неколку години, водечката компанија во регионот за производството и трговија со храна, чија мрежа се протега на цел Балкан и во Југоисточна Европа, во Македонија не ги реализираше во целост помпезните најави, но, сепак, покрена една гринфилд-инвестиција и стана сопственик на една од најголемите винарски визби во земјава.

Практично, „Агрокор“ влезе на македонскиот пазар со изградба на откупно-дистрибутивниот центар за овошје и зеленчук во вредност од околу 20 милиони евра, кој беше изграден во 2011 година во Струмица. Овој центар, кој се простираше на 13.000 квадратни метри и првично броеше 250 вработени, беше проектиран за откуп на над 30 илјади тони овошје и зеленчук со цел да се дистрибуираат главно во Русија и на другите пазари во Источна Европа.

Своевремено, од компанијата најавуваа и изградба на ваков капацитет во Росоман, но тоа никогаш не се случи, па сега актуелната владејачка партија најавува реализација на овој проект со буџетски пари.

Нејсе, покрај овој центар, за кој своевремено ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија и Зоран Заев во својство на струмички градоначалник се препукуваа околу тоа чии се заслугите за реализација на проектот, „Агрокор“ во земјава контролираше и една од водечките винарии, покрај „Тиквеш“, „Повардарие“, „Стоби“…

Станува збор за „Визба Валандово“, која на почетокот ја поседуваше хрватската „Рото Гроуп“, но таа подоцна стана дел од групацијата на „Агрокор“, со што хрватскиот гиганг стана сопственик и на валандовската визба.

Откако „Агрокор“ западна во финансиски проблеми, а првиот човек на групацијата Ивица Тодориќ стана предмет на прогон на кривично-истражните органи во Хрватска, се потресе целата економија на матичната државаа, имајќи предвид дека компанијата учествуваше со 15 отсто во националниот БДП.

Арно ама, финансиската криза, до која дојде поради тоа што компанијата не беше во можност да ги сервисира обврските кон кредиторите и добавувачите, го прунуди „Агрокор“ да крене раце и од своите подружници во другите земји, поради барањето на одредени финансиски институции да се ослободи од овие бизниси доколку сака да добие свежи средства. Што во меѓувреме се случи со овие фирми во Македонија?

СТЕЧАЈНА ПОСТАПКА

Сопственикот Тодориќ во 2015 година одлучи да го продаде целокупниот бизнис со откуп на овошје и зеленчук, што се состоеше од 6 компании во регионот, вклучително и една во земјава. Така, бизнисот со откуп на земјоделски производи од најбогатиот човек на Балканот го презеде неговиот долгогодишен соработник Денис Матијевиќ, сопственик на компанијата „Агрофруктус“.

Освен што стана сопственик на откупниот центар во Струмица изграден од „Агрокор“, Матијевиќ во 2016 година ги откупи и „Вант“ и „ВБА Футура“ од Струмица и „Еуро Агрија“ од Ново Село, чија пазарна вредност изнесуваше околу 6,5 милиони евра.

Меѓутоа, на почетокот на минатата 2017 година излезе информација дека хрватската компанија „Агрофруктус“ им поделила отказни решенија на вработени од Струмица.

Како што тогаш образложија од компанијата во јавноста, отпуштањата биле резултат на фактот дека центарот има сезонски карактер на работа, па, според нив, во текот на зимскиот период нема откуп на овошје и зеленчук за да има вработени. Патем, од компанијата најавија дека работниците повторно ќе бидат ангажирани на почеток на сезоната напролет.

Во тој период, од „Агрофруктус“ изразуваа надеж дека во иднина ќе се подобри кондицијата на компанијата заедно со развојот на домашното земјоделство. Очигледно, ваквите надежи на хрватската фирма биле залудни, ако се знае дека на почетокот на овој месец е отворена стечајна постапка.

Како надлежен за стечајните постапки на територијата, струмичкиот суд за стечаен управник го назначил Драги Димовски, кој неодамна стана нов ликвидациски управник на контроверзната Македонска банка.

Информациите од надлежните институции говорат дека стечајната постапка е отворена на трети мај годинава, од кога всушност тече рокот од 15 дена во текот на кој сите доверители кај стечајниот управник треба да ги пријават побарувањата, како и правата врз недвижностите и подвижните предмети на должникот.

За понатамошниот тек на стечајната постапка ќе се одлучува на рочиште на Собранието на доверители закажано за 18 јуни, откако претходно ќе се одржи таканаречено испитно рочиште за испитување на побарувањата.

ПРОМЕНА НА СОПСТВЕНОСТА

За разлика од „Агрофруктус“, на која и се заканува целосно згаснување по завршување на стечајната постапка, валандовската винарска визба во сопственост на „Агрокор“ веќе една година егзистира на пазарот, ама со друг сопственик. Како што откриваат податоците што ги обезбедивме од Централниот регистар, во април минатата 2017 година нов сопственик на „Визба Валандово“ на местото на „Рото Вложувања“ станува „МДН Гроуп“.

Истовремено, за управител е назначен Влатко Стефановски, кој го заменил хрватскиот државјанин Крешимир Милорад, пред кого, пак, компанијата ја менаџирала Вита Хузјан, почесен конзул на Хрватска во Македонија.

Оттука, нов сопственик на валандовската компанија за производство на вино, чија основна главнина е претставена преку непаричен влог од над 100.000 евра, е македонска фирма формирана во 2008 годија со основна дејност – трговија на мало со мебел, опрема за осветлување и други предмети за домаќинствата во специјализирани продавници.

Притоа, сопственик и управител на компанијата е новиот управител на „Визба Валандово“ – Стефановски, познат под прекарот Рамче од времето кога беше шеф на обезбедувањето на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски.

Дополнително, во тековната состојба на „МДН Гроуп“ стои дека друштвото поседува и дозвола за обезбедување на лица и имот во вид на давање услуги, издадена од Министерството за внатрешни работи во март 2012 година.

Сепак, во телефонски разговор со претставник на компанијата ни беше кажано дека компанијата ја вратила лиценцата во 2016 година, откога друштвото се занимава главно со земјоделство. Арно ама, на пазарот со приватно обезбедување делува фирма со сличен назив, која е регистрирана на иста адреса како и „МДН Гроуп“ во скопско Црниче.

Имено, се работи за друштвото за обезбедување на лица и имот, трговија и услуги „МДН Обезбедување“, формирано на почетокот на 2002 година, или половина година пред парламентарните избори на кои Георгиевски беше поразен од СДСМ на Бранко Црвенковски.

Моментално, сопственик на оваа компанија е сопругата на Стефановски – Верица Милеска – Стефановска, која истовремено е и претседателка на Комората за приватно обезбедување со надлежност да организира обуки за обезбедување и да издава легитимации за работа на агенции за обезбедување. Управител на компанијата, пак, е Киро Стојаноски.

СОРАБОТКА СО ФИРМИ И ИНСТИТУЦИИ

Во согласност со Законот за приватно обезбедување, сите правни лица кои дејноста приватно обезбедување ја вршат во вид на давање услуги се здружуваат во Комората за приватно обезбедување заради заштита и унапредување на стручноста, професионалноста и деловноста.

Во Комората, предводена од Милеска – Стефановска, членуваат речиси 50 агенции за приватно обезбедување за туѓи или сопствени потреби, меѓу кои е и МДН Обезбедување, чиј сопственик е исто така Милеска – Стефановска, сопруга на новиот сопственик на „Визба Валандово“ преку „МДН Гроуп“.

Од двете фирми на семејството Стефановски, единствено „МДН Обезбедување“ има интернет страница, на која презентира податоци поврзани со своето работење.

Компанијата објавила листа со стотина клииенти за кои давала услуги во вид на физичко и техничко обезбедување од најразлични профили, меѓу кои се Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, британската и германската амбасада, фудбалската и ракометната федерација на Македонија, „Скопски пазар“, „Сити Мол“, „ВИП“, ЕЛЕМ“ и стотина приватни компании со домашен и странски капитал.

Патем, во листата на клиенти може да се сретнат низа државни институции и јавни установи, како на пример Општина Центар, Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за правда, Агенцијата за странски инвестиции, Агенцијата за вработување, Фондот за здравство итн.

Од компанијата, пак, истакнуваат дека тоа се клиенти со кои соработувале низ годините наназад, појаснувајќи дека од сите буџетски органи моментално пружаат услуги само за Дирекцијата за технолошки, индустриски развојни зони.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, „МДН Обезбедување“ во април и мај 2018 година склучила два договори со ДТИРЗ за обезбедување на зоните во Скопје, Кичево, Струга и Прилеп во вкупна вредност од околу 85.000 евра.

Исто така, двете страни соработувале и претходните години (2015, 2016 и 2017 година), кога склучиле 3 договори за обезбедување на деловниот простор во индустриската зона во Скопје и другите градови во вкупна вредност од околу 275.000 евра. Генерално, од фирмата велат дека преферираат да не се натпреваруваат на државните тендери.

ПРЕЗЕМАЊЕ НА БИЗНИСОТ

Историјатот на „МДН Обезбедување“ покажува дека компанијата била основана под називот „Лупус“ со непаричен влог од 2.600 евра од страна на Ирена Митревска, сопруга на Дејан Митревски – Урко, долгогодишен шеф на обезбедувањето на Груевски од времето кога тој беше министер за финансии во владата на Георгиевски, преку периодот минат во опозиција до парламентарните избори во 2006 година, се до 2014 година, кога беше отстранет од позицијата.

А, Урко и Рамче се долгогодишни познаници, кои стапиле и во кумска врска, но, според неофицијални информации, веќе извесен период немаат комуникација.

На самиот истек на 2007 година, во сопственичката структура на „Лупус“ влегуваат две лица застапувани од страна на Милеска – Стефановска, која, пак, директно влегува во сопствеништвото на фирмата на крајот од следната 2008 година.

Но, во првата половина на 2012 година во компанијата влегува нејзиниот сопруг Стефановски, а излегува сопругата на Урко – Митревска, додека два месеци подоцна компанијата го менува називот во „МДН Обезбедување“. Според нашите извори, Урко побарал да истапи од компанијата, по што семејството Стефановски му го исплатиле уделот и станале стопроцентни сопственици на агенцијата.

Колку за потсетување, ваквите промени кореспондираат со времето кога „Фокус“ почна да пишува дека дошло до конфликт помеѓу Урко и тогашниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, кој е прв братучед на Груевски.

Впрочем, тогаш „Лупус“ почна да се повлекува од бизнисот со приватно обезбедување и да и отстапува простор на дотогаш анонимната „Секјурити Груп Сервисис“, која почна да ги добива сите вредни зделки со државни и јавни органи. Иако Мијалков демантираше дека тој стои зад СГС, сепак, на крајот „бомбите“ што ги објави Заев ги демантираа неговите деманти.

Дел од прислушуваните разговори што ги објави тогашниот опозициски лидер разоткрија дека Мијалков му дава наредби на лицето што формално ја водеше компанијата како да настапи при одредени тендерски постапки.

Еден друг разговор меѓу него и Урко, пак, покажа како првиот братучед на Груевски му префрлува на тогашниот шеф на обезбедување на екс премиерот дека тој е виновен што темата за фамозната СГС излегла во јавноста, а Урко му одговара дека не е виновен тој, туку Рамче, кому, како што рече, еден ден ќе му ја скине главата.

ДРЖАВНИ СУБВЕНЦИИ

Во секој случај, Урко во 2014 година беше променет од позицијата и се повлече настрана, што се толкуваше како сигнал дека е поразен од страна на Мијалков, кој фактички целосно го презеде бизнисот со обезбедување на државни и јавни објекти.

Нашите податоци говорат дека дури во мај минатата 2017 година Урко формирал нова агенција за обезбедување со стариот назив „Лупус“, каде сопственик и управител е неговата сопруга Митровска, меѓутоа никогаш не проработела во вистинска смисла на зборот. Дури, компанијата не се наоѓа ниту меѓу лиценцираните членки на Комората за обезбедување.

Сепак, во овој бизнис непрекинато продолжи да функционира старата компанија, но ребрендирана како „МДН“ откако стопроцентен сопственик стана Стефановски. Во 2014 година, тој се повлекува од управителското место во „МДН“, препуштајќи му го на Стојаноски, додека во април 2017 година истапува од сопственичката структура и на негово место влегува неговата сопруга Милеска – Стефановска.

Тоа се случува само неколку дена откако „МДН Груп“ станува сопственик на „Визба Валандово“, купувајќи ја од хрватски „Рото“, односно од „Агрокор“.

Пред промената на сопственичката структура, валандовската визба била корисник на државни субвенции. Според регистарот на „Призма“ за субвенции за растително и сточарско производство, „Визба Валандово“ во периодот од 2010 до 2014 година добила субвенции во вкупен износ од 332.000 евра врз основа на 20 решенија, при што најмногу буџетски пари добила за постоечки лозови насади – 265.500 евра.

Остатокот од 66.500 евра бил за површини под гранинарски и поледелски култури, за постоечки и нови овошни насади, како и за житни култури.

Како што ни изјавија од „МДН Гроуп“, Стефановски целосно и го препуштил бизнисот со обезбедување на сопругата и се посветил на производството на вино. Од компанијата, која долги години се занимава со трговија, истакнуваат дека извесен период соработувале со „Визба Валандово“ како добавувачи, меѓутоа одбиваат да ја соопштат сумата за која ја откупиле фирмата со објаснување дека тој податок е деловна тајна.

Од таму посочуваат оти за време на едногодишното менаџирање обезбедиле раст на приходите и на бројот на вработените на компанијата, го зголемиле количеството на откупено грозје, од кое, како што нагласуваат, произведуваат конечен производ, а не само рефус вино, кое дотогаш се извезувало во цистерни и се флаширало во странство.

Поврзани новости