Кавадарци не го дава панаѓурот: Дури 76 проценти гласале за одржување на настанот!

by fokus

Граѓаните на Општина Кавадарци не се откажуваат од есенскиот панаѓур, кој ќе се одржи на 12-ти, 13-ти и 14-ти октомври.
И покрај поплаките на дел од граѓаните, кои тврдеа дека им смета метежот во градот, нечистотијата и вревата, кои се дел од секој панаѓур, сепак според анкетата спроведена од страна на општинските надлежни служби, мнозинството на граѓани се изјаснило дека сака да се одржи стопанско – туристичката манифестација.

Годинава ќе има мали измени во локцијата на панаѓурот, и тезгите ќе го зафаќаат делот по новите семафори на улица Никола Минчев се до Северен булевар и едната коловозна лента до зградата на УЈП. Тоа значи дека трите улици од семафорите ќе бидат функционални и едната коловозна лента кај зградата на УЈП.

Во минатото во Кавадарци се одржуваа два панаѓури годишно, пролетен и есенски. По голем број на поплаки од сопствениците на бутици, кои се жалеа дека тезгаџиите им се нелојална конкуренција, но и по реакции на граѓани кои живеат во зградите во чија близина се одржува панаѓурот, пролетниот беше укинат.

Најголем дел од поплаките се однесуваа на нехигиената и на вршењето на нужда во влезовите на зградите, и покрај тоа што се поставуваат мобилни тоалети поради големата посетеност на гости од сите краеви, но и поради буката, бидејќи за време на настанот, покрај тезгите на кои се продава разновидна роба, од текстил до мебел, има и голем број на скари, со жива музика.

Панаѓурците кои што сакаат да закупат тезга за време на настанот во Кавадарци, ќе треба да платат по 1.600 денари за метар квадратен.

Според градоначалникот Митко Јанчев, дури 76 проценти од граѓаните на спроведената анкета се изјасниле дека се за одржување на панаѓурот.

Поврзани новости