Канго пред неколку години: Ценете ме додека сум жив, што ќе ми е да ме спомнувате, откако ќе ме нема?

by Fokus

Веста за смртта на познатиот рокер и поет Симеон Иванов – Канго, кој почина денес по битката со тешката болест – рак на простата, одекна во јавноста. Пораки со сочувство, коментари полни со убави зборови и негови песни се објавуваат на социјалните мрежи.

Во разговор за ,,Фокус’’ кон крајот на април 2016 година, уште пред да се соочи со лошата дијагноза, Канго раскажа како гледа на нападите врз него и неговото дело од страна на пошироката јавност, а кои следеа по објавата дека добил 9.000 евра владини субвенции за две негови песни.

-Кога се објави веста дека за две песни сум добил 9.000 евра, целата нација како да се крена на нозе. Реакции од сите страни, а мојата сопруга Љубица само во шок коментираше -Леле, леле, што се случи! Според мене, по сите години посветени на рок музиката и на мојата земја, ова не треба да биде изненадување за никого. Ги гледав коментарите на социјалните мрежи и заклучив дека околу 20 % од тие кои што реагираат се во заблуда, околу 40% се неопределени, а пак останите 40% сметаат дека јас сум гениј. Но, кај нас, обично така се случува, дури откако човек ќе умре, ќе го спомнат по убаво, ќе го дадам за пример Тоше Проески кого што бескрајно го почитував, дури откако почина му направија спомен дом. Па зошто му е сега, откако го нема? Треба да се ценат уметниците додека се живи, а не да се фрла со камења по нив. Јас не сакам никој да ми прави спомен дом, бидејќи самиот по себе сум си светилиште и рок легенда во нашата земја, човек кој што сите го знаат и препознаваат – ни раскажа тогаш разочано музичарот.

Неговите песни кои беа субвенционирани се ,,Аманет’’ и ,,Мала тајна’’.

-Добив субвенции за две песни, значи 9.000 евра од кои што по 1.500 евра се потрошени за спот и околу 2.000 евра за аудио снимка. Но народот тоа не го знае, ниту пак се интересира и само се збори без факти. Навистина жално, па само ќе речам, прости им Боже, не знаат што прават! Џабе се спомен домовите и убавите зборови кога човек ќе го нема – огорчено ни изјави тогаш Канго.

-Во мојата 50-годишна кариера не ми се случило за помалку од 24 часа моја песна да има над 10.000 прегледи на интернет, а за само неколку дена дури над 40.000 прегледи. Но, освен прегледите, добив и многу пораки, од кои некои беа со поддршка, а имаше и заканувачки. Ако те фатиме, ќе те премлатиме – зарем тоа е порака која што треба да ја добијам од нашиот народ? Но имаше и пораки во кои што народот ми вели дека не е до мене и до мојата музика, туку до актуелните состојби. Сепак, се надевам дека еден ден луѓето кои што ме напаѓаат ќе сфатат дека направиле грешка и ќе се гордеат со мене и моето дело, иако човекот треба да се почитува додека е жив – ни изјави рокерот.

Тој зад себе имаше седум музички албуми и голем број на концерти во Македонија и во странство. Исто така има издадено и четири збирки поезија и над дваесет години беше организатор на рок хепенингот ,,Орфејски мистерии’’ кој што се одржува во Кочани.

Неговата ќерка Ивана ни изјави дека во тек на денот на својот Фејсбук профил ќе ја информира јавноста околу деталите за погребот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости