Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Викторија Нуланд ја заврши еднодневната посета на Македонија. Со повеќе претставници од државниот врв Нуланд ги отвори прашањата кои се од голема важност за земјава, почнувајќи од спорот за името до случувањата на меѓуетнички план.
Нуланд се сретна со премиерот Никола Груевски, претседателот Ѓорге Иванов, со шефот на дипломатијата Никола Попоски и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.
„Ние силно ги поддржуваме вашите напори во насока на решавањето на прашањето за името преку процесот на ООН. Ја потврдуваме желбата на САД да бидат вклучени онолку време, колку што се ангажирате за решавање на прашањето, со цел Македонија целосно да ги реализира евро – атлантските аспирации преку НАТО и ЕУ“, рече Нуланд по средбата со Груевски.
На новинарско прашање како ја оценува стабилноста во земјава, таа изјави дека Македонија ја има целосната поддршка од САД, а земјата треба да изнајде начин за подобрување на соживотот меѓу македонската и албанската заедница.
„Вие имате посебна одговорност тука, но и во регионот. Треба да бидете пример за тоа како албанската и македонската заедница можат да живеат заедно во мир и просперитет“, рече таа.
Претседателот Иванов на средбата со Нуланд рекол дека земјава останува целосно посветена на отворањето на пристапните преговори со Европската Унија и реализирање на поканата за членството во НАТО, и изрази очекување од американска поддршка и ангажман по однос на истите.
„Евроатланските интеграции имаат голема сила во нашето мултиетничко општество, и не случајно уживаат огромна политичка, етничка и социјална поддршка. Предолгиот статус кво во интеграциите не помагаат во унапредувањето на македонскиот модел на соживот, и од тој аспект за Македонија е исклучително значајна натамошна уште позасилена поддршка од САД”, изјавил Иванов.