Како во библиски филм: Поцрвене реката во Неготино

by fokus
Неготинска река веќе извесен период е темно црвена, како реките од библиските филмови кои што стануваат крвави. Сепак сликата на црвената река чие што корито минува низ Неготино воопшто не е интересна за неготинчани, единствено групата на странски велосипедисти кои што деновиве престојуваа во градот зачудено ја гледаа и се прашуваа што се случило и како никој не реагира на појавата, туку граѓаните си минуваат покрај неа како да е нешто сосема нормално.

thumbnail_img_0573

Сепак, оваа појава е редовна во градот на виното, бидејќи секоја година во време на печење на ракија, неготинчани го истураат комињето во канализацијата, и освен што предизвикуваат нејзино запушување, ја фарбаат и реката.

,,Ова е класика која што е присутна во градот секогаш кога е сезона на печење ракија. Секоја година имаме технолошка вода се до 15 октомври, за која што апелираме граѓаните да ја користат за полевање, но и за печење на ракија. Познато е дека додека се пече ракијата, водата мора постојано да тече и да го лади казанот, но некои граѓани за таа намена ја користат водата за пиење. Не можеме ништо да направиме, секој на крајот ќе си плати за вода толку колку што има потрошено, но најчесто страдаат сите во градот, бидејќи се празнат резервите со вода и имаме рестрикции. Имаме зголемен број на акции, сакаме да се подигне свеста за ова прашање, имаме и редовни контроли околу фрлањето на комињето, кое што исто така е голем проблем. Луѓето кои што прават ракија во домашни услови се свикнати сувото комиње да го фрлаат во контејнерите за ѓубре, па под големата тежина се оштетени голем број од нив. Течното комиње завршува во канализацијата, водата во реката е црвена, има чести запушувања, и само свеста на граѓаните може да ги намали овие проблеми кои што се повторуваат секоја есен,“ – изјави Наташа Лазова, директорка во ЈП Комуналец Неготино.

Таа додава дека најголемиот дел од комињето доаѓа од селото Тимјаник, и потврдува дека досега никој не бил казнет, бидејќи најчесто тоа се фрлало во ноќните часови, а тогаш немало кој да излезе во контрола.

Во Неготино и Кавадарци околу 20.000 семејства живеат од производство и продажба на ракија, во домашни услови. Од овој бизнис се вртат околу 2.000 000 евра годишно.
Во ЕУ постои закон околу варењето ракија во домашни услови. Секое домаќинство кое што произведува ракија мора да биде регистрирано и да плаќа годишен паушал од 15 евра од казан, и може да произведе 50 литри годишно, а за секој литар повеќе се плаќа акциза и данок.
Кај нас производителите на лозова ракија во домашни услови никаде не ја пријавуваат произведената ракија. Таа најчесто завршува во другите градови низ земјата, по цена од 120 до 150 денари литар. Ракијата која што е стара 10 и повеќе години, се продава и по цена од 1.000 денари за литар.
Вики Клинчарова

Поврзани новости