Уставниот суд нема да го оценува Законот за СЈО, пред распуштањето на Собранието?

by fokus

Пишува: Валентина ВУРМО

Се поочигледно е дека Уставниот суд нема да ја разгледа инцијативата за уставноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство(СЈО), пред да се распушти Собранието.

Наредната седница треба да се одржи во среда, на 12 октомври, но на нивниот сајт се уште не е ставен дневниот ред. Од судот не информираа дека е можно седницата воопшто да не се одржи, бидејќи се уште немало утврден дневен ред. Од таму не знаеја ниту да ни одговорат кога оваа иницијатива би дошла на ред, но потенцираат дека за тоа ќе се знае седум дена претходно.

Дневниот ред, пак, го прави претседателката на судот, Елена Гошева.

Според досегашните информации Собранието треба да се распушти на 12 октомври, но пратеникот Павле Трајанов вели дека е возможно тоа да се случи и најдоцна до 27 октомври.

– Околу временскиот теснец, можам да кажам дека во Собранието сè повеќе се зборува дека распуштањето нема да се случи на 12 октомври, туку тоа би се случило некаде најдоцна до 27 октомври. Причината за ова е поднесениот предлог-буџет за 2017 година, кој доколку Собранието се распушти на 12 октомври, нема да може да ја помине собраниската процедура – вели Трајанов.

Уставниот суд при оценување на уставноста на законот има можност да донесе два вида одлуки: една за укинување на целиот закон или за укинување на одреден член или членови од законот, и одлука за поништување на целиот закон или за поништување одреден член или членови од законот. Доколку Уставниот суд донесе одлука за укинување на целиот закон за СЈО прогласувајќи го неуставен, тоа би значело дека СЈО ќе треба да биде укинато и дека ќе мора одново да биде формирано, што значи дека може да има и друг обвинителски состав.

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, на последната лидерска средба се договорија доколку Уставниот суд го укине СЈО, тие да го вратат во рок од пет дена. Еве што пишува во нивниот договор:

а) Во случај доколку Уставниот суд одлучи дека Законот за Специјалното јавно обвинителство или некој негов дел е противуставен, четирите партии се обврзуваат на измена на законодавството во согласност со одлуката на судот и обвинителството да биде повторно основано во рок од пет дена, а согласно одлуката. Надлежноста и целите на специјалното јавно обвинителство остануваат исти.

б) Четирите партии го повикуваат Уставниот суд да одлучи за законот за специјалното јавно обвинителство во најкус можен рок, на првата наредна седница.

И покрај политичкиот договор, доколку Уставниот суд реши СЈО да го прогласи за неуставен, по распуштањето на Собранието, тогаш ќе нема начин како да се изгласа повторно.

 

Поврзани новости