Како се местат избори?

by Фокус

Текстот е објавен на 29 април 2011 во неделникот „Фокус“ во бројот 826

Пишувала
Мимоза РИСТОВА

Наоколу, веќе подолго време кружат оправдани муабети дека владејачката партија може да се послужи со повеќе форми на гласачка измама, помеѓу кои, најчесто се спомнува таканаречениот „Бугарски воз“. Дури и една новинарка од БиБиСи од Лондон, уште од пред неколку месеци, ми поткажа дека доколку имаме предвремени избори треба да се подготвиме за да се справиме со измамата наречена Бугарски воз.

Јас ова чудо не го бев слушнала, па таа подробно ми го објасни. Постојат бројни документи и новинарски написи на интернетот за оваа модерна измама што датира од крајот на минатиот век, но којашто била медиумски широко популаризирана на парламентарните избори во Бугарија во 2008-та година, кога масовно се поткупувале гласачите од ромска припадност. Се смета дека околу 200 до 350 илјади гласови во Бугарија биле фабрикувани со помош на оваа генијална измамничка техника. Медиумите објавија дека Бугарскиот воз стигнал во 2010 година и на изборите во Босна и Херцеговина. Но, дали возот стигнал и на нашиот перон, се прашувам, се замислувам, та се зачудувам?

МАКЕДОНСКИ ПЕРПЕТУУМ МОБИЛЕ

За последните избори во Бугарија и БиХ се говореше како за купување на гласачите од Бугарскиот воз, бидејќи за секое бланко донесено гласачко ливче кај партискиот менаџер во измамата ги чекал коверт со по 20 евра. Од она што можеше да се слушне од народот и да се наслути, кај нас возот се усовршувал со уште една технолошка иновација.

Имено, се говори дека измамата што престои ќе се изведува без материјална надокнада. Едноставно, партиските активисти, оние кои имаат задача да обезбедат список со 15 имиња (вагончиња), какви што веќе можат да се видат и во медиумите, или се уценети со губење на партиското работно место или, само претпоставувам, се заплашени со физичка пресметка. Значи, бугарскиот воз на македонските шини не арчи гориво, ами ќе се движи како некој перпетуум мобиле со помош на партискиот фанатизам и втераниот страв во коски во текот на минатите години владеење.

КИНЕСКИ ПРСТЕН

Постојат многу, но помалку совршени и поризични начини за крадење гласови отколку Бугарскиот воз. По медиумите кружи и приказната за гласачката измама со помош на поништување на важечки гласачки ливчиња за противничката партија со помош на справата наречена „Кинески прстен“.

Имено, станува збор за прстен како накит кој едновремено е и хемиско пенкало. Чудно е тоа што ваквото нешто не може да се најде на комерцијалните веб страници на производителите на пенкала, ниту пак постои фотографија на интернетот на ваков прстен. Но, се раскажува по медиумите дека во Босна ланската година пред изборите било увезено значително количество од вакви деструктивни уреди за изборна измама.

Инаку, кинескиот прстен е шуплив и исполнет со времено невидливо мастило што потемнува во хемиска реакција со хартијата по кусо време. На страната откај дланката прстенот има мало перце – завршеток за пишување, со којшто може елегантно да се прецртува.

Постои основан сомнеж дека со кинески прстен-пенкало може да се опремени членовите на изборната комисија кои се партиски активисти од партијата што сака да мами на изборите. Така, кога гласачките кутии се отворени и кога гласовите се пребројуваат, тогаш член на комисијата што носи таков прстен има можност додека ги отвора здиплените ливчиња и ги исправува за да бидат подготвени за броење, тој може со леснотија да ги поништува оние ливчиња кои содржат глас за спротивната страна, и тоа со нежно поминување на дланката преку ливчето, притоа прецртувајќи го со невидлива линија. Невидливата линија за неколку секунди ќе стане видлива.

Крајниот ефект од ваквото дејствие е претворање на гласовите што биле за противникот во неважечки гласови!

НА СЕКОЈА ГЛАСАЧКА ИЗМАМА И ПРЕТХОДИ КРАДЕЊЕ НА БЛАНКО ГЛАСАЧКИ ЛИВЧИЊА

Едноставно, ставете се сега во улогата на криминалецот што сака да мами на изборите, и активирајте го криминалниот ум за да можете преку емпатија да се досетите што се ви е неопходно да дојдете до изборната измама. Како и во секој друг бизнис план, па и во овој мајмунски бизнис треба да се има разработка на сите аспекти и нивните корелации што водат до реализација на целта на бизнисот, а сето тоа да се одвива во неколку меѓусебно зависни фази.

ФАЗА ПРВА (финансии): Секако дека и вие самите се досетивте дека пред сѐ ви се потребни пари за да се платат ПРОТАГОНИСТИТЕ ВО ИЗМАМАТА. Секако дека, ако сте на власт и решите да мамите на изборите, треба благовремено, на околу 6-8 месеци пред изборите да исперете државни пари преку тендерите во кои ќе победат партиски приватни фирми што ќе можат да свртат кеш за кој не останале писмени записи за во УЈП.

ФАЗА ВТОРА (хумани ресурси): Алокација и врбување на партиски активисти и креирање на партиски фанатизам преку создавање илузијата за крвен непријател во својот сограѓанин и можеби некогашен добар пријател, сегашен политички противник.

ФАЗА ТРИ (корупција): Неопходно е да се дојде до одреден број бланко гласачки ливчиња. За оваа цел е неопходно на Државната изборна комисија (ДИК) да и се потури проширен избирачки список со што поголем број живи и мртви луѓе, за кои со сигурност се знае дека нема да се појават на гласањето. За да се направат неопходните манипулации со бројките секако дека претходи класично потплатување за операторите да ги наштимаат бројките по инструкциите на нарачателот. Или, најефикасна е корупција во печатницата која ќе ги обезбеди неопходните количества бланко-ливчиња.

Инаку, кај нас веќе се покажа дека гласачкиов список содржеше цел куп стогодишници (мртви души) и голем број малолетници кои во 2011 ќе станат полнолетни, но после изборите. Веќе излегоа на мегдан неколкуте обиди за на ДИК да и биде подметнат ваков „проширен“ гласачки список. Според есапот, бројот на подметнатите имиња може да достигне и до 16 000. Со ова се покажа тенденцијата за непречено да се дојде до бланко гласачки ливчиња, кои потоа многу лесно можат да бидат злоупотребени на еден од многуте варијанти на гласачка измама во фазата четири.

ФАЗА ЧЕТИРИ (гласачка измама – злоупотреба на гласачкото право): Во оваа фаза може да дојде до злоупотребено гласање со модерните технологии Бугарскиот воз и Кинески прстен.  Не треба да се пренебрегне и можноста од примената на старата добра технологија, најдрско полнење на кутиите со однапред пополнети ливчиња. Последново е добро познато во правосудната пракса на РМ, кога за измама со гласачките ливчиња на минатите избори имаше повеќе осудени лица што лежеа казна затвор до 6 месеци. Во оваа фаза не треба да биде исклучена и појава на комплетна замена на гласачките кутии и списоци со сосем нови фингирани за време на транспортот на кутиите.

КАКО ДА СЕ ОТКРИЕ ИЗМАМАТА?

Како да се открие измамата? Принципот е: МИСЛИ СО КРИМИНАЛЕН, НО НАУЧНО-ИСТРАЖУВАЧКИ УМ, ЗА НА ВРЕМЕ ДА ЈА СПРЕЧИШ ИЗБОРНАТА ИЗМАМА!

Пред сѐ, треба да се пречисти избирачкиот список и да се доведе до толерантно ниво на грешка. За ова е незаменлива улогата на ОПОЗИЦИЈАТА, а може да биде поткрепена и со граѓанска иницијатива. Потребно е опозицијата и невладиниот сектор да смислат брзи проекти што ќе им овозможат на сите граѓани, дури и оние што немаат физички пристап до информациите, да го дадат својот придонес во проверката на списоците.

Опасноста лежи во неможноста да се открие постоењето на Бугарскиот воз, оти лек му нема на 40 дена пред изборите, кога веќе е доцна и скапо е да се смислува дополнителна електронска или дигитална заштита на гласачкото ливче. На пример, само импровизирам апликација, ливчето да има бар код и да има читач со софтвер којшто ќе бара времето од моментот на давање на гласачкото ливче во рацете на гласачот до моментот на ставање во гласачката кутија да не биде подолго од 1-2 минути. За ливчето што се враќа во кутијата по издавањето по некое подолго време, да се активира алармот.

Но, бидејќи за ваквото нешто, чинам, треба да биде заинтересирана Власта, тогаш сосем оправдано, отпаѓа како варијанта. Останува работата да ја заврши опозицијата. Најдобро да си најдат легален начин за да се уценат главите на менаџерите на Бугарските воз,  со тоа што ќе се востанови солидна материјална награда за оние што ќе пријават идентитет на лице што менаџира со гласачката злоупотреба – Бугарски воз. На пример, само импровизирам, да се понуди награда од 200 евра за секој што ќе обезбеди релевантен доказ (документ со отпечатоци од прсти) и име и презиме и локација на менаџерот на возот. Потоа, на пример, за награда од 100 евра да се обезбеди дигитална фотографија направена со камерата на мобилниот телефон од двете гласачки ливчиња (локомотивата и новото-бланко што го добил од изборната комисија) едно до друго, во еден непрекинат кадар. За ваквите обезбедени докази ДИК треба да бара спроведување истрага, и недвосмислено да ги поништи изборите на таквите изборни места.

Опасноста со кинеските прстени може да се намали со превентивни мерки. На пример, на мониторите ќе им се даде правото на контрола на рацете на членовите на комисијата што ќе дојдат во физички контакт со гласачките ливчиња пред отворањето на гласачките кутии и за време на пребројувањето. Или, уште поедноставно, ДИК да донесе одлука членовите на изборната комисија да не носат прстени на рацете.

Но, овој вид измама може да се преиспитува и отпосле. На пример, ако има индиции дека на едно гласачко место се појавиле голем број поништени гласачки ливчиња во ист стил, тогаш може да се спроведе и истрага. Ако лабораториските форензички анализи на мастилото со кое е пречкртано ливчето и мастилото со кое е заокружен кандидатот се разликуваат, и тоа се повторува на целата серија, тогаш постои основан сомнеж за организирана измама со кинески прстен, па ДИК, без да размислува,  треба на таквото место да ги поништи изборите и да организира нови и чесни.

Кога подобро ќе размислите, ќе видите дека постојат мал милион идеи за измама, и исто толку, ако не и повеќе, идеи за заштита и откривање на измамата. Треба само да се тргне навреме со подготовките во превенцијата и справувањето на измамата, за да не дојде до физички пресметки помеѓу граѓаните и крвави епилози, зашто само уште тоа ни треба за да го дооцрни наредниот извештај на Европската Комисија за просперитетот во реформите на РМ!

ШТО Е ТОА БУГАРСКИ ВОЗ?

Бугарски воз е најсовршената и најефикасната техника за гласачка измама. За да се примени ваквата криминална техника е потребно да бидат претходно украдени бланко – гласачки ливчиња. Во ливчето-локомотива активистите на измамничката партија што сака да ги украде изборите го заокружуваат името на својот кандидат. Така подготвеното ливче се дава на првиот купен или уценет партиски припадник.

Потоа, купениот или врбуваниот гласач заминува на гласачкото место, зема гласачко ливче од изборната комисија и оди позади параванчето, божем да гласа. Тој всушност оди да го украде бланко-ливчето, а она пополнетото да го извади од џебот и да го стави во гласачката кутија. Она белото што го украл е првиот вагон од бугарскиот воз што е должен да им го врати назад на менаџерите на криминалното изборно лажирање. Овие го заокружуваат нивниот кандидат, па така заокружено му го предаваат на друг купен гласач. Истото се повторува во недоглед, до исцрпување на списокот од лојални или врбувани партиски должници до затворање на гласачките места!

Со помош на оваа техника, од само едно бланко-украдено ливче може да се украдат 50-ина гласови, под претпоставка дека на еден купен гласач му требаат петнаесетина минути за да го обави целиот циклус до враќањето на ново бланко-ливче. Значи, со помош на 100 украдени ливчиња (локомотиви) се крадат околу 5000  гласови (вагони) со кои недвосмислено може да смени резултатот од изборите!

ГЛАСАЧКАТА ИЗМАМА Е КРИВИЧНО ДЕЛО

Многу е важно да се знае дека гласачите и менаџерите од Бугарскиот воз, Кинескиот прстен и учесниците во сите други видови изборна измама го кршат Кривичниот законик на РМ, притоа ризикувајќи да бидат откриени, фатени и казнети со затвор од 6 месеци!

ИЗМАМАТА СО „ПЕПЕРУТКА“ ВО САД!

Само да потсетам, во ноември 2000 година на претседателските избори во САД, Буш го победи Ал Гор за помалку од 100 гласа во државата Флорида со помош на 100 отсто легалната измама со помош на познатото гласачко ливче, наречено пеперутка. Имено, ливчето имаше дизајн со кој перфидно се креира гласачка забуна. Одејќи по патот на геометриската логика, гласачите за Гор по грешка го пунктираа дупчето за кандидатот Бјукенен, кој неочекувано доби илјадници гласови!

Поврзани новости