Како МПЦ стана политички приврзок на нео-патриотите на Груевски

by lali

Текстот е објавен на 29-ти август 2008-ма година во неделникот „Фокус“ во бројот 687

Пишувал
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Ако некои процеси премногу и пресилно се туркаат, резултатот на крајот предизвикува обратен ефект од посакуваниот. Колку позначајна и поприсутна станува црквата и нејзината елита во политичкиот живот на Македонија, толку повеќе таа се оддалечува од својата автентична улога за јакнење на духовната компонента на народот.

Информациите што постојано ги слушаме за помошта на државата во туркањето на признавањето на МПЦ, сѐ повеќе ја оддалечуваат црквата од етаблирањето во православниот христијански свет. На први септември ќе воведуваме веронаука во образованието, по слободен избор, но поради политичкиот одиум на целиот процес што го наметнува власта, сѐ повеќе ученици и родители се определуваат за предметот историја на религиите.

Ќе ни збоктиса и верата и верувањето, ако сето тоа се прави од политички и партиски причини. Да не зборуваме пак за бизнис авантурите на црковната елита, за финансиските и имотните трансакции на разно-разни крајбрежни хотели, за издавањето или продажбата на црковно земјиште за изградба на казина на јужната граница.

Згора на тоа, сите политички процеси во текот на изминатава година и пол, поврзани со црквата и религијата, вклучително и минатогодишното донесување на законот за регистрација на верските заедници со кои тој жежок костен елегантно се пренесе во судовите, а на МПЦ и се гарантира монопол во православното христијанство, требаше на религијата во Македонија, како и на црквата во општеството, да ѝ ја вратат заслужената улога и место. Но наместо тоа, црквата се претвори во политички поткусурник.

ЦРКВА ПОСТАРА ОД БИБЛИЈАТА

Како овие верољубиви и процрковни политички потези, вклучително и последното барање за признавање на МПЦ од Грција во писмата на премиерот, всушност да биле дизајнирани да ја врзат црковната елита на политичката опашка и од неа да направат таламбас за перчење пред народот, а не да ѝ дадат импулс на верата која во секуларните демократски држави е индивидуален избор, но и морална вертикала.

Ама, што да се прави кога сѐ во режимот на актуелната власт е во духот на т.н. нео-патриотизам. Така еден сериозен странски аналитичар неодамна ги нарече новите дечки на премиерот кои сега ја откриваат библиска и предбиблиска Македонија! Всушност, кованицата нео-патриоти треба да нѐ потсети токму на американските нео-конзервативци – владеачката струја на новите конзервативци во администрацијата на Џорџ Буш, кои републиканскиот конзервативизам на Роналд Реган, кој значеше свртување кон американското семејство, религијата, доминацијата на пазарната економија, го преиначија во библиска борба на Доброто – САД, против Злото – тероризмот, воведувајќи ја на голема врата практиката на т.н. превентивни напади против потенцијалните земји – терористи.

Како што протестантскиот јудео-христијански фундаментализам на американските религиски и политички водачи го извртува класичниот конзервативизам,за да се поткрепат и оправдаат, духовно и морално, војните што актуелната американска администрација ги води во светот, нео-патриотите на Груевски слично го извртуваат патриотизмот за да ја засилат својата власт. На пример, нашите нео-патриоти веќе ја релативизираат (преку официјална изјава на премиерот) и македонската потреба и државен приоритет од евро-атлантско интегрирање, доколку се разбира, мораме да го смениме името за меѓународна употреба!

Натаму, наместо верба дека вредностите на нацијата, нејзината култура, духовното богатство имаат смисла ако се таа се етаблира во заедницата на европските и светските народи, наместо јакнење на секуларната држава во која МПЦ и другите вери и религиски заедници ќе имаат клучно место во индивидуалната духовна сфера, наместо усвојување либерални цивилизациски вредности во кои веронауката и учењето за религиите навистина ќе биде избор на учениците и родителите а не партиска директива, Груевски мафта со непризнатата МПЦ и со православната христијанска религија како со партиското знаме на ВМРО-ДПМНЕ.

Ја десакрализира и ја профанисува нејзината света улога. Ја вмешува црквата во своите политички битки. Со обилна помош на владиците, се разбира, таа дури влегува во историските битки за античка Македонија! Доволно е за таа цел само да се погледне веб-сајтот на МПЦ. На него, за запрепастување дефилира целата нео-патриотска булумента на премиерот.

Таму ќе ја најдете сензационалната приказна за новооткриеното античко-македонско писмо на Каменот од Розета, теорија на двајцата академици која предизвикува потсмев во светските научни кругови, дури и од наши велеучени. Таму ќе прочитате за ексклузивните пронајдоци на нашиот историчар Васил Иљов, дека Македонците не се само библиски, туку и предбиблиски народ, со тоа што грчки автори сведочеле дека уште пред 2200 години се пронајдени записи на македонски антички јазик.

Таму ќе прочитате дел од таа приказна, дека во еден од тие записи го има зборот МА-КЕ-ДОН-СКИ, со наставката СКИ, значи, што треба да ни прикаже дека не станува збор за никаква славјанска, туку за античко-македонска наставка! Но, што бара непризнатата Македонска православна црква во античка Македонија, ќе се запрашате? Нели христијанството и православието се од Исус наваму? Ако христијанството и нашето православие со право се повикуваат на Светите Апостол Павле, на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, што и треба тогаш на МПЦ – Сонцето од Вергина, на пример, како белег во новата црква, донација на бизнисменот Ристо Гуштеров во Радовиш?

Ја разбираме комплетно потребата на многу нео-патриоти да ја докажат нашата етно-генеза од антиката, зашто за тоа имаат насушна партиско-политичка потреба, но Црквата, белким, е пред сѐ верска, Божја институција, која признава еден Бог, еден Син и еден Свет дух, а не пагански политички панаѓур во кој на христијанството може да му се надене секаква квази-народна традиција, па и роговите на Ѓаволот. Да се верува во Бога и да се љуби ближниот свој е едно, но во име на религијата пак, да се прави циркус од црквата, од црковното прашање, е сосема нешто друго. Не е ли добра поука во таа насока кога еден руски црковен хор пред неколку години во Македонија одби да ја прими наградата Тетовска Менада, токму од причини што станува збор за пагански симбол! Каква црква сакаме всушност ние – на Бога, или на Сотоната?

УДБАШКО ПОТЕКЛО

Проблемот на црквата, значи, е класичен нео-патриотски синдром на актуелната елита на ВМРО-ДПМНЕ. Уште со своето доаѓање на власт тие одлучија да кокетираат не со верата и религијата, туку со црковната елита! МПЦ, навистина, во минатото оствари особена улога за македонското етно-национално етаблирање, особено во дијаспората.

Таа, знаеме, беше удбашки пенетрирана за време на комунизмот и особено меѓу тазе македонските иселеници во 60-тите во Канада, Австралија и Америка и формирањето на тамошните црковни општини. СКМ и подоцна СДСМ продолжија да го играат тој партиско-црковен танц, па сите шефови на државната комисија за верски заедници, во сите мандати, беа полициски кадар.

Но доколку и денес, МПЦ силно го поддржува нео-патриотизмот на оваа власт, а очигледно црковната елита на МПЦ тоа го прави, таа само го демонстрира и докажува своето удбашко, КОС-овско октроирано потекло. Наместо да биде про-западна, про-пазарна, про-капиталистичка, про-семејна, про-конзервативна, таа станува про-болшевичка, про-шовинистичка, про-националнистичка, про-изолационистичка.

Таа се претвора во ништожна паганска амајлија закачена врз вратот на партиските нео-патриотски бојовници кои јуришаат на Олимп. Наместо со Библија и Слово, владиците, како Петар, на пример, трчаат со штитот и копјето да се постројат во фалангата на Александар, пречекувајќи го неговиот божемен наследник, Мирот на Хунзите од Пакистан!

Факт е дека во сите околни земји, особено оние што ја негираат нашата национална, јазична и црковна посебност, црквите се најконзервативните институции со висока доза на политизираност и присуство на разузнавачко-полициски џган.

Во Грција, на пример, црквата е составен дел од грчкиот шовинизам, а грчката разузнавачка служба има особена улога во дефинирањето на нејзините надворешно-политички приоритети, на Кипар, на Света Гора или во Константинопол, сеедно.

Сепак, во Србија, која ја негира нашата црковна самостојност, и каде што црквата долго време го поддржуваше националистичкиот режим, српскиот патријарх Павле беше оној кој жестоко се спротивстави на комунистот Слободан Милошевиќ. Имаше и има во Србија, владици и црковни високодостојници, како Црногорскиот Амфилохие, кои се жестоки и непоправливи шовинисти, а некои од нив дури го прославија и убиството на Зоран Ѓинѓиќ.

Има и такви, како и врањскиот владика Пахомие, на пример, кои не сакаат да отстапат ниту за јота по прашањето на спорот со МПЦ, но државата Србија, особено нејзините демократски влади, полека се ослободуваат од влијанието на црквата во политиката и особено од користењето на црквата за политички цели, иако Косово е се уште рак-раната на таа политика, а манастирите, владиците, православното население во оваа нова независна држава, се дел од државниот проект за неговата одбрана.

Но српската демократија и правната држава можеше да си дозволи еден таков владика, каков што е Пахомие, да биде суден за педофилија! Во Македонија, пак, досега ниту еден свештеник, а не пак црковен високодостојник, не му фалело влакно од главата за таков вид престапи. А овој новинар е сведок, кога еден министер за внатрешни работи се фалеше по кафеани дека гледал фотографии од еден наш црковен високодостојник, кого службата го снимила како гали девојчиња во својот дом. Ако министер за внатрешни работи имал такви сознанија, ќе речете, зошто не ги уапсил?

Друг владика, пак, од нашите црковни непријатели е постојано посочуван како убиец, но нема расчистување на таквото обвинување, зашто по сѐ изгледа, е вистинито и за сѐ мора да се молчи. Пред неколку години, се зборуваше и се пишуваше јавно во нашите медиуми за политичките метреси на нашите владици, за нашиот Распутин, еден познат владика и никому ништо.

ПРИЧИНА ЗА МОЛИТВА

Но, таква е Македонија. Нео-патриотската елита денес, болшевичката комуњарска фела порано, постојано сметале и сметаат дека срамот ќе падне врз државата, доколку на тој начин се жигоса МПЦ. А всушност, не станува збор за никакво жигосување на МПЦ, уште помалку за богохулење и за нељубење на верата и на христијанството, туку за обид за прочистување на корумпираната црковна елита, на тие луѓе од крв и месо, владици и високо свештенство, од кои се разбира, огромното мнозинство се чесни и богољубиви, на една врхушка која има лукративни и политички потреби да биде постојано приврзок на власта. Зашто таа, власта, е од Бога дадена.

Така, таа црковна елита дозволува МПЦ да се валка во политичкото ѓубриште на квази-преродбеништвото на нео-патриотите на Груевски, како што до вчера се препелкаше во транзициската кал на пост-комунистите на Црвенковски. Да се десакрализира низ смешните писанија на премиерот до светските авторитети. Во проблемот кој нашата црква го има со признавањето, клучно, како што признаваат самите владици на МПЦ, е нејзиното именување како македонска.

Неодамна, во таа насока медиумите ја акцентираа посетата на Нимиц со Вселенскиот патријарх од Константинопол, Гркот Бартоломеј. Тоа е истиот оној Бартоломеј, кој преку перото на Коља Дијамантот, пред неколку години за нашиот весник изјави дека Цариградската патријаршија би можела да ја признае МПЦ под името Охридска  Архиепископија. А нашата црква уште одамна го одбива таквото признавање, иако името не е навредливо, туку наше, автентично.

Не е проблемот, значи, во признавањето на посебниот црковен идентитет на државата и на народот кој живее тука. Проблемот, и порано и денес е и останува во именувањето на црквата како македонска. Од МПЦ велат дека е тоа политички проблем, а не канонски, што е сосема точно. Онака како што светот нѐ упатува и како што прифативме решението за проблемот околу името да го бараме во преговори со Грција, а така и се обврзавме при  приемот во ОН и со привремената спогодба, исто така, а можеби и позакатанчено е нашето црковно прашање, кое мораме да го решаваме со СПЦ. И тука не можат да помогнат никакви политички писанија.

Но, ако за црквата, како важен симбол на верата и етно-националното векување на Македонците, е можеби важно да не отстапува од своето име, на пример, покрај името МПЦ, да прифати да биде призната како црква на Северна Република Македонија, зашто црковните прашања се решаваат со илјадалетија, и ако МПЦ може да чека нов вселенски собор уште илјада години, државата е таа

што не смее да ги испушта историските моменти. Оттаму, нејзе најмалку може да и помогне какво било пакет-решавање на црковното прашање со државното, како што нуди оваа политичка номенклатура. Напротив, тоа го влошува нашиот капацитет за решавање на проблемот околу името со Грција. А дали црковната елита на МПЦ ќе биде задоволна ако и државата како и црквата остане изолирана од ЕУ и НАТО? Е, тоа веќе би било причина за молитва.

Поврзани новости