Текстот е објавен на 23-ти декември 2011-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 860
Пишувала
Јадранка КОСТОВА
Секој пратеник кој упорно се обидува да биде во контролна функција на извршната власт, овде се доживува како антидржавен елемент. Нормално, според ваквата дефиниција, Тито Петковски е зрел за расчеречување. Ако порциите што ги доби од пратеникот Саздов и од министерката Јанкуловска не делуваа воспитно, може да следува обработка и од страна на медиумските специјалци. А баш нема да се далдисам, дури и ако братот Љубе, како што тргна во прочка-поход, ѝ се извини на Јанкуловска поради упорноста на Тито!
Владеачкото мнозинство знае да остави солиден уметнички впечаток само благодарение на одредени забавни и смешни секвенци. Истовремено, оценките за техничката вредност на нивните демократски дострели, алармираат дека степенот на портокалова опасност веќе поцрвенува до загрижувачки размери. Откако спастрија сѐ живо и диво по свој вкус – со свои подобни извршители на партиската кауза, а оние инаквите, непослушниците, ги сместија кај што им е местото – во зандани, сега чекорат кон следната цел, да ги превоспитаат опозициските пратеници. Сѐ некако ме прогонува една тешка мисла, дека, како што врват работите, најверојатно му се ближи редот на Тито Петковски, да ги почувствува на своја кожа благодетите на преродбата.
Претпоставувам дека, според вмровското воспримеање на парламентарната демократија, секој пратеник кој упорно се обидува да биде во контролна функција на извршната власт, се доживува како антидржавен елемент. И, според ваквата дефиниција, нормално, Тито е зрел за расчеречување. Прашање е само, на кој ескадрон ќе му припадне светата должност да се справи со овој непријателски лик, да го глоцка штом ќе биде реш печен.
Откако Тито како слеп за стап се фати за акцијата „Кампања“, што согласно Уставот и законите не би требало да биде голем грев, нели, оти за вакви дешавки е и фомирана комисијата за надзор на полицијата, така тој почна да добива „стратешки“ третман. Пратеникот Павле Саздов тука покажа врвни резултати. Наапан што некој се дрзнува да не му верува на збор на еден вмровски министер за внатрешни работи, како што најбезобразно Петковски искажува сомнежи, а обвинувајќи го дека го крие писмото од МВР, овој пратеник избран од дијаспората од Канада со 560 гласа, даде драматичен тон на парламентарната демократија. Му стави до знаење на Тито дека ќе разговара со координаторот на неговата пратеничка група, а тоа е Силвана Бонева, ама и со претседателот на Собранието, а тоа е Трајко Вељановски, и ќе побарал од нив да го сменат Петковски од местото претседател на Комисијата!!!
Веројатно во Канада парламентарното мнозинство ја диктира кадровската политика и на опозицијата, па координаторот на пратеничката група на власта е и општонароден кадровик. Е сега, како тоа Силвана и Трајко ќе го изведат?! Ќе дадат команда – „мрсникот“ Тито да биде разрешен? Дали истовремено ќе понудат кој од опозицијата е подобен за тоа место? Кои карактеристики треба да ги поседува новиот, освен, се разбира, секогаш и секаде да верува 102 отсто на секој збор на Јанкуловска? Или, можеби, ќе покажат троа милост, па, како Груевски со семејството кон Љубе Бошкоски – Kлеветникот, ќе му дадат шанса да се извини, во случајов заради дрскоста што помислил дека полицијата воопшто можела да ги злоупотреби алатките за следење и прислушување, и тоа во изборна кампања?!
Не сум баш сигурна што ќе заигра на терен од опцииве, но, за да биде и волкот сит и овците на број, не ќе биде лошо доколку на новиот претседател на комисијата, кој според законот мора да е од опозицијата – доколку не добие и оваа одредба автентично толкување, му дадат да потпише меници за верност. И така, тој ќе биде ем опозициски, ем со преродбеничка свест! Тито, пак, може да се вади, олеснителна околност демек, дека погрешно ја рабрал владината кампања ОСМЕЛИ СЕ! Da, таа не важи за политика, туку сал за бизниси!
Туку, ова беше само една од лекциите отчитана од пратенички усти. И во очекување на конечната „пресуда“ од Бонева и Вељановски, не е зијан да се присетиме и на драмолетката што ја одигра Гордана Јанкуловска. Она, де, кога беа пратеничките прашања, а Илија Димовски ги „зтави“ три во едно, па ја праша првата полицајка за однесувањето на Петковски, МВР и за „Кампања“.
И Гоца, затекната од непријатното прашање, жива вода се стори додека го решеташе Петковски. Кога поентираше дека Тито ја злоупотребувал функцијата претседател на оваа надзорна комисија, помислив дека после ваквото крешчендо ќе следува наредба за апс на злоупотребувачот! А морам да признам и дека таканаречените пратенички прашања добија оригинален дух – министрите да ги стројат пратениците. Едните со прашањата, другите преку одговорите!
Сепак, сетики си мислам дека нема да застане канонадава со Саздов и Јанкуловска. Ако овие порции не делуваа воспитно, може да следува обработка и од страна на медиумските специјалци. Тие обично го одработуваат она што дури и на пратеничко-министерскиот ешалон му е непристојно. А баш нема да се далдисам дури и ако братот Љубе, како што тргна во прочка-поход, да и се извини на Јанкуловска поради упорноста на Тито!
После овие неколку „мртви-сериозни“ новитети од портокаловата парламентарна продукција, како особено забавен го сметам куриозитетот – читање пишани реплики. Можеби затоа не одат на ТВ дуели, оти, не бива, бре, да вадиш од папка пишана реплика!
Но, колку што можев да регистрирам, овој дострел сепак е резервиран за пратеници кои седат во последните клупи. Не ми се верува дека човек може внимателно да следи нечиј говор, ем истовремено да срочува одговор, па приврзаник сум на тезата дека од дома си составуваат реплики. Не, не е во право опозицијата што се потсмева дека овие писанија се авторство на кретивниот двоец Димовски-Протуѓер. Зарем е тешко да составиш вмровска реплика?! Удриш вовед колку пати во пет години победиле, а СДСМ изгубил. Потоа прошараш со времеплов – деновиве пред години, кога Бранко бил премиер, и закуцуеш со некоја афера за говорникот!!!
Еве, можам да се обложам дека од сега се штанцаат реплики и реплики на реплики за интерпелацијата на Јанкуловска. А сенешто ми вели дека текот на седницата ќе добие таков пресврт, како Тито Петковски да е министер на тапет!
И, доколку груевци победат по шести ли, седми ли пат, на избори, тогаш логичен след на оваа портокалова филозофија – опозицијата да не смее да се сомнева во власта, е со закон и устав да се забрани опозицијата тотално, а согласно тоталитарните тенденции. И тогаш сите ќе си бидеме ВМРО. Mислам, сите оние што ќе преживееме!