Текстот е објавен на 27 јули 2012-та во неделникот „Фокус“ во двобројот 891/892
Пишувала
Јадранка КОСТОВА
И покрај манијакално – агресивните кампањи за перење мозоци на центрифуга, катадневните турбо мизерни спинови од властодршците, добар дел од јавноста сепак успева да си го сочува умот да не му се спортокали, иако од таквата колор операција сигурно би имале бајаги лични придобивки. Ваквата „ендемска“ сорта на граѓани ја има дијагностицирано болеста на системот, го знае и иљачот, ама сеуште не е во ситуација да му го вбризга на „пациентот“. До тој суден ден, останува обврската постојано да се регистрираат сите забеганости, што, по правило, нѝ се пласираат како врвни реформски доблести.
Во меѓувреме, нормално е да се случува сите оние што не се збрлавени од преродбата, како што би рекле во онаа реклама за пиво – „исто (да) мислиме, зарем не!“. Но, и самата бев крајно изненадена кога само што ја искоментирав со пријатели собраниската расправа за „Скопје 2014“, дека буквално ме асоцира на една приказна од романот „Вероника реши да умре“ на Пауло Коељо, кога во истиот миг, сосема на иста мисловна фреквенција од собраниската говорница проговори пратеникот од ДПА, Зиадин Села. Се разбира, инспирацијата и тој ја добил од лудите аргументи на владејачкото мнозинство во одбрана на нивните проекти.
И не само затоа што „исто мислиме“, сметам дека приказната на Куељо заслужува да ја споделам со вас. Имено, некој моќник сакал да го уништи едно кралство, па во бунарот ставил некаков волшебен напиток. Секој што ќе се напиел од водата, потоа полудувал. Така сите полуделе, освен кралското семејство, бидејќи имало посебен бунар. Сите обиди на кралот да ги вразуми биле осудени на пропаст, оти населението зафатено од лудилото сметало дека кралот е тој што пореметил со умот. Сакале да го симнат од престолот, што овој бил и подготвен да го стори.
Арно ама, кралицата смислила едноставно решение. Да се напијат и тие од истата вода на лудоста, па да станат исти како сите останати. И биднало така, па почнале и тие да зборуваат секакви глупости. Но, за населението веќе зафатено со лудилото тоа биле големи мудрости. И така кралот останал на престолот, со тоа што кралството било сосема поинакво од сите други соседни, бидејќи сето население се однесувало лудо!
ЗА УБИСТВОТО НА МАРТИН НЕМАЛО ЛИ ПОМАГАЧИ!?
Ете, истата асоцијација ја имаше и пратеникот Села, помислата дека вмровците се однесуваат како да се напиле од водата на лудоста. И спремни се да се справат со секој што нормално резонира. А за секој што не е инфициран од лудилото, му делува скандалозно арамиското арчење стотици милиони евра во камен и бронза да се оправдува со некакви површни историски реминисценции или уште поглупави споредби- кој колку изградил. Оти за арамилак се зборува, бре!
Или, кога се справуваат со политичките неистомисленици, тоа да го пакуваат во луда амбалажа- дека одлучно се бореле против криминалот и корупцијата, дека лустрацијата од моделот „аџиевка“ е демократски дострел, дека плукањето и оцрнувањето на личности преку платени огласи ама и бесплатни „разгласи“ е модерен пи-ар!
Ќе се задржам сега на конкретни примери за лудата непринципиелност која ни ја шиткаат како праведност – акцијата „Ровер“ смислена за Љубе Бошкоски да стане и убиец, а потоа и скандалот „750.000 евра во шише“ на кое Груевци процедурално му ставија затка!
Ако пивнете од лудата вода, можеби ќе се восхитувате на одлучноста на преродбениците да расчистат со едно двојно убиство, на Марјан Тушевски и Кире Јанев, од пред 11 години. Ако пак, сте го игнорирале лудиот бунар, тогаш ќе се присетите дека за дузина убиства, грозоморни масакри, што беа извршени во истата таа година – 2001, ем со третман на цивилни воени злосторства, истите овие правдољубиви власти потпомогнати од гордите послушници во законодавниот дом ги амнестираа убијците, нивните налогодавачи, помагачи, прикривачи.
А тоа го сторија сосема лефтерно, оти власта им зависеше од таквиот „принципиелен“ став. Да, за власта се работи! И уште делеа писмо од единствениот наш хашки осуденик Јохан Тарчуловски со поддршка на амнестијата! Да, лудата водата чуда прави!
Но, она што е добро во целава крими драмолетка, е што нашите обвинители, полицијата, истражните судии, покажаа и докажаа дека и оние кои прикриваат одреден криминал треба да бидат обвинети и осудени. Оти во случајот „Ровер“ тројца се гонат како извршители, а останатите, меѓу кои и Бошкоски, како помагачи односно лица кои наводно не преземале мерки да се санкционира тоа.
И сега, ние што не пиеме луда вода, може само да си се прашуваме во себе -оти немаа ваков аршин за убиството на Мартин Нешковски!? Прво глумеа лудило! Настрана што полицијата дозволила убиецот да си замине слободно од местото на злосторството, телото на мртвото момче биле пренесувано, а портпаролот на МВР дури демантираше дека имаат таков случај. И иако семејството на Нешковски инистираше да се прошири обвинението против други лица, сепак тоа не ги разнежни срцата обвинителски. Дури им беше ирелевантно дали осудениот Игор Спасов бил работно ангажиран ноќта за партиската прослава за изборната победа на груевци. Небаре туку така му текнало да брка момче!
Демек, МВР раководено од Гордана Јануловска нема никаква одговорност!?
И сега наместо државата, семејството на убиениот Мартин ќе се обидува преку 5 кривични пријави, да докажува дека кривично треба да одговараат и оние кои се обидоа да го заташкаат случајот! Но, еве сега за Љубе, за убиство извршено 10 години пред Мартин, заиграа и ваквите кривични одредби!
АКО „ШИШЕТО“ Е ЧИСТО, ЧИИ СЕ ПАРИТЕ?
Од друга страна, случајот „Ровер“ со опсежниот спектар на ликови кој се гонат, е добар примерок дека еден убав ден ќе треба да се покренат кривични пријави за разно-разни функционери кои помагале со нечинење да се забошотуваат и корупциски скандали од ова преродбеничко доба. Еве, на пример, Бошкоски е веќе осуден на 5 години затвор заради 100 илјади евра ставени во кеса од пријател Грк, кој, пак, како што тврди опозицијата, е радо виден гост во седиштето на ДПМНЕ. Обвинителско –судската фела како да пивнала од загадениот бунар, та не можеше да прогледа дека пријателчево било во улога на полициски агент провокатор. Од друга страна, 750 илјади евра во шише, во обид непријавени да бидат внесени во земја членка на ЕУ, за истиве водопии не се ни кривично дело, ни прекршок, ниту се нешто незаконско!
Ајде да си припомниме. Во 2010 година, телевизијата А1 откри дека македонските власти две години држеле во фиока документ од унгарското финансиско разузнавање. Значи биле информирани дека Душан Огњановски, возач на Срѓан Керим во македонската фирма „Медиа принт Македонија“, се обидел да влезе во Унгарија со 750.000 евра, сокриени во шише, за кои не поседувал документ. Настанот се случил на 10 март 2008 година. „Сумата од 750 илјади евра е од македонската фирма „МПМ“, а Огњановски сакал овој износ да го инвестира во фирмата „мајка“ во Виена“, стоело во документот.
Дописот од унгарското финансиско разузнавање бил испратен до Агенцијата за спречување на перењето пари, а според архивскиот број, во земјава стигнало во ноември 2009 година. Управата за спречување на перење пари потоа ја доставила информација и до Управата за безбедност и контраразузнавање чиј директор е Сашо Мијалков.
Од групацијата ВАЦ тврдеа дека ниту едно евро не е излезено од „МПМ“, односно дека некои медиуми прават инсинуации. Но, ниту излегувањето на овој случај во јавноста, не ги размрда заспаните институции. „Транспаренси интернешнал“ во април 2011 обвини дека постојат тенденции овој случај комплетно институционално да се забошоти, што, според нив, „може да е мотивирано од криминално–рекетарски мотиви на власта кон МПМ и нејзините печатени медиуми“.
Откако СДСМ најави кривични пријави, УЈП најави постапки против две лица, но не според Кривичен закон туку за едното лице според Закон за спречување на корупција, а за другото според Закон за персонален данок на доход. Односно, за стекнување на неоданочен имот, а не за евентуално перење на пари!
И конечно, после изборите, од УЈП објавија дека е затворен случајот “Пари во шише и МПМ”. Управата не утврдила незаконски активности кај лицата против кои беше покрената посебна даночна постапка. Сите постапки против лицата С.К. и Д.О. се запрени, јави весникот кој прв дознава. И лицата чисти, ем фирмата работела законски, а деталите биле даночна тајна.
Ама 750-те илјади евра, не разбравме ниту чии биле, ниту од каде биле, ниту како се нашле во шише! Барем никој не рече дека е фалсификат документот од унгарските цариници! А 750.000 евра се заработуваат од плата ако живееш пет животи! Ама ако троа пивнеш од лудата вода, ќе прогледаш дека се си е „согласно законот“!
ЌЕ ИМА МАГАШИ И ЗА ПРЕРОДБАТА
Интересно е дека „шишето“ не беше тема за вмровските прес конференции, нешто во стилот да поставуваат прашања до фирмата за која работел возачот. Затоа, пак, ден не пропуштаат да не ја реобјават изјава на „угледниот криминалец“ Магаш дадена за некоја локална босанска телевизија пред три години дека Црвенковски и Фрчковски договарале и одобрувале шверц на нафта во 90-те години.
Но, наместо да го прозиваат Шврговски, тие се силат на Црвенковски! Сам ли треба да се уапси!? Се исмејуваат на неговата порака- зошто не се проверела документацијата и на царината и во УЈП. И Бичиклиски мудро поентира дека Бранко го потценувал народот бидејќи криминалот и шверцот биле нелегални токму затоа што ги немало во евиденцијата на државните органи.
„Вие сте ја злоупотребувале државната моќ за да не го евидентирате овој нелегален бизнис“- воскликна Бичиклиски, без да објасни кој денес ја злоупотребува државната моќ за да се забошоти нелегалниот бизис.
Патем теоретски, барем за Бранко, нѝ разјасни дека „целта на секој криминал била да остане незабележен“, а не да биде евидентиран во Царина и УЈП! Веројатно затоа 750.000 евра во шише не се криминал, оти беа евидентирани од унгарската царина, а УЈП го „евидентираше“ на крајот како чиста работа!
Но овие назнаки што денес груевци ги даваат за криминалот на бранковци, треба да се приповторат еден ден кога ќе паднат. Од друга страна, интересно е како изјава на еден криминалец овде добива екслузивен топ медиумски третман, додека прашањата што до Срѓан Керим ги постави уредникот на е-новине, Петар Луковиќ, немаат не таква ами никаква тежина. Ни на Бичиклиски, ете, не му даваат нешто да исчита во прашална форма до Керим!
И да заклучам, акцијата „Ровер“ барем нѐ потсети дека може да мине бајаѓи време, да се изредат неколку влади, кога некоја ќе реши одреден криминал да го процесуира, со докази или местенки сеедно, особено ако заигра притвор. А гледајќи ги одредбите од Кривичниот законик за застареност, особено што по мерка на Љубе ги зголемија казните за нелегално финансирање на изборна кампања од најмалку 5 години затвор, заклучив дека евентуалните незаконитости во ланските изборни финансии на ВМРО-ДПМНЕ ќе застарат за 10 години, односно во летото Господово 2021! Затоа се прават усилби на секој начин сите да пропиеме од лудата вода, за сите лудости да ни делуваат како нормални!
П.С. Ако им рикне „Ровер“ очекувам за Љубе да најдат нешто на педофилска основа или конекции со терористичката Ал Каеда! До водата е, де!