Во Македонија нема валкани пари, оти сите пари се добро испрани!?

by Фокус 12:50
12:50

Текстот е објавен на 27 јули 2007 во неделникот „Фокус“ во двобројот 630/631

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

- Advertising -

Српската полиција деновиве откри криминална група која се занимавала со перење пари преку оф-шор компании на Кипар. Меѓу осомничените 22 лица, главно сопственици на фирми, има и „капиталци“ од калибарот на мнозинскиот сопственик на „Центропроизвод“ како и сопственикот на „Гемакс“. Групировката се товари дека „испрала“ повеќе од 50 милиони евра, а за оваа операција и служеле  нерезидентните сметки на кипарските фирми „Мартос холдингс ЛТД“, „Јелена трејдинг ЛТД“ и „Лансети трејдинг ЛТД“.

И она што ја прави веста атрактивна за наши прилики е дека овие нерезидентни сметки биле отворени во Тутунска банка во Скопје. Уште повеќе, пак, што информацијата дека парите од Србија се перат и се изнесуваат преку кипарски фирми, на српската полиција, наводно, им ја дошепнале американските колеги. Трансферите на оф шор сметките биле правдани со фактури за маркетинг услуги, истражувања на пазарот и слично. Всушност ваквите услуги никогаш и не биле извршени. „Перењето“, би додале – рачно, одело преку две физички лица кои за услугата добивале 10% провизија или така заработиле околу 5 милиони евра. Оваа трилинг „перална“: српски бизнисмен – македонска банка – кипарска оф-шор сметка, за жал не предизвика некој особен интерес во Скопје.

НАШИТЕ „ДЕВСТВЕНИ“ ТАЈКУНИ

А не е прв пат така „кулирано“ да ги восприемаме вестите од „црната хроника“ од Белград каде Македонија неизбежно се јавува како погодна дестинација во операциите за перење пари. Само неколку недели пред тоа, српските власти го објавија уловот од акцијата Мрежа. Со апсење на осуммина од групата на балканскиот тутунски бос Станко Суботиќ, а потоа и нова тура од табако кланот на Марко Милошевиќ, дознавме дека во Мрежата „настрадаа“ политичари, челници на полиција, ДБК, Царина и бизнисмени. Само групата на Суботиќ се товари дека со шверц со цигари од 1995-1997 година ја оштетила државата за околу 40 милиони евра.

И она што за нас е најпикантно е дека парите биле изнесувани преку Македонија и Црна Гора на сметки повторно во Кипар. Всушност српската полиција која прецизно ги опиша неколкуте шеми на шверцот на цигари, без премногу детали при тоа ќе наведе само дека „парите се переле преку македонски и црногорски фирми и завршувале на Кипар“. Од друга страна, а во истиот контекст, и според здружените наоди на швајцарските и италијанските истражни органи, одредени фирми на Суботиќ како „Кодекс“ биле филтер за перење пари и корумпирање на оние политичари од регионот на бивша Југославија кои на Суботиќ му биле потребни. А Македонија неспорно му била потребна. Но тука завршуваат и сите „одјеци и реаговања“ од Македонија. Едноставно, нема ниту акција ниту реакција.

И кога ваквите бизнис географски комбинации за перење пари: Србија-Македонија Кипар ќе станат правило, и по правило само овде ништо не се случува, излага дека или македонската партиципација во перењето е чисто како солза, како некој аромотерапи омекшувач, или македонските институции се незаинтересирани да влезат во траг на валканите трансакции. Дури, по се изгледа, Кипар последниве години се доживува како толку сигурен, што некои фацки своите швајцарски сметки ги префрлија во кипарски од регионален „произход“.

Како може „злосторничкото здружување“, како што во Србија е оквалификувано кривичното дело, своите валкани пари да ги „шета“ низ Македонија или во сите нивни шверцови и „пери-носи“ проекти да ја користат Македонија, ама при тоа злосторничкото здружние тука да работи „девствено“, сѐ по пропис?! Дилемите логично се наметнуваат затоа што кривичните пријави за перење пари овде се вистински раритет од рангот на „светско чудо“. Но и повеќе од чудо, затоа што има повеќе светски чуда отколку што има кривични пријави за перење пари во Македонија.

Сепак, ваквата официјална слика за Македонија не соодветствува со некои други детали од транзиционото ни секојдневие. Тие, пак, бодат очи дека има некој вирус во системот. На пример, индикативни се податоците на Народната Банка на Република Македонија дека во последниве 10 години дури 160 милиони долари инвестирани овде се со потекло од егзотичните држави: Кипар, Холандски Антили, Британски Девствени Острови, Сент Винсент и Гренадини.

Сите до една познати по тоа што како држави немаат никаква контрола за потеклото на капиталот. Уште повеќе, првата асоцијација за нив е „валкани пари“, иако тоа официјално и формално не се третира така. Но се доживува токму така. Тоа му доаѓа како кога некоја „цуца“ формално, според тапијата е мажена жена, домаќинка де, ама фактички цело село ја гледа според „делата“ како ороспија.

Повеќемина експерти, сите со напомена „да останат анонимни“, се согласни дека од таму, од егзотикава, само ни се враќа „исцицаното“ во валканата транзиција. До сега, барем јавно е познато дека познатите наши транзициски ајкули од калибарот на Штерјо, Минчо или Коста Јанковски ја покажаа својата финансиска девствена егзотика. Смиленски, пак, е со кипарски печат. Ги сумираме само оние што излегоа во јавноста. Се разбира дека самата дестинација не значи а приори валкан капитал, ама премногу асоцира на валканица.

НЕРЕЗИДЕНТНИТЕ СМЕТКИ ВО КБ?!

Но, за разлика дури и од Србија, кај нас нема полициски акции за „перење пари“.  Па како наравоучение му доаѓа дека нашите „кипрани“ и девствени тајкуни се „невини“ за разлика од српските.

Па, каде се оние неколку милијарди исцицани во приватизацијата и ембаргото кога кешот и нерезидентните сметки беа омилена направија во бизнисот? И тоа токму во бизнисот со режимот на Милошевиќ?! Можно ли е сите фирми и сметки по Кипар и слични дестинации, на кои властите во Белград переле пари, да е познат и документиран, а овде да постои неподнослива леснотија на игнорирањето во стилот „нисам одавде“ иако сме алка во синџирот?!

Како што веќе евидентиравме, според српскиот печат, некои детали за „пералната“ со кипарски „прашок“ биле дошепнати од  американски извори. Немаат ли „приказна“ за македонските или сѐ уште не им шепнале на нашите?! Во секој случај, во една пригода, од собраниската говорница екс премиерот Љубчо Георгиевски нѐ извести дека додека бил премиер меѓународните фактори се интересирале за парите на Милошевиќ.

Уште поконкретно, се распрашувале за нерезидентните сметки во Комерцијална банка и уште една банка, која Георгиевски тогаш не сакаше да ја именува. Сепак, за илустрација и како поткрепа на тоа, побара да се види колкав е обртот на нерезидентните сметки во Комерцијална банка кога директор е Хари Костов. Уф, се разбира дека  уште никој не го дозна „обртот“ кај Хари за времето на Милошевиќ. Та, Харчо е угледен со тапија од судот, за разлика од Љубчо кој има бугарски пасош, плус прогласен од угледниот банкар за ајдук.

И така,  додека Србите работат, ние „одмараме“. Уметничкиот впечаток го расипува фактот што дури и во некој отворени криминални случаи изостанува „перењето пари“. На пример, за Тутунскиот комбинат Прилеп тежок околу 7 милиони евра. А таму има и кешовина, и цигари, и Кипар. Според пишувањето на Време, поткрепено со документи, во три наврати околу 3,5 милиони евра во кеш влегле во ТК Прилеп од кипарската фирма „Ангатера трејдинг“. Сето ова согласно законот, иако секогаш ваквиот финансиски сообраќај носи сомнителен шмек.

И ВМРО ДПМНЕ, кога пред две години беше само опозиција, обвини дека од прилепскиот комбинат за време на директорувањето на Тони Мицајков, близок до Бранко Црвенковски, огромни количества цигари се извезувале на купувачи од оф-шор фирми на Кипар и Британски Девствени Острови. Сепак, демек, цигарите завршувале на Балканот или во Македонија. Тогаш сосема прецизно обвинија дека Мицајков учествувал во класично перење на пари. Денес, пак, како власт го гонат за даночно затајување.

Како појаснување: за перење пари се предвидува затвор од една до 10 години (за потешки облици најмалку 5 години), додека за даночно затајување од 6 месеци до 5 години ( ако е затаен значителен износ тогаш најмалку 4 години). Но сега и не е најважна квалификацијата на „прилепскиот“ тутунски случај. Тој „напрасно“ заглави некаде во обвинителството на Шврговски, кадровскиот бисер на Мијалков.

ОЛИГАРСИТЕ КАКО „СТРАНСКИ“ ИНВЕСТИТОРИ

Но во Македонија може да објавувате и фрапантни податоци, а тоа да не предизвика никаков домино ефект макар за дебата. Според официјалната статистика, во 2005 година токму Кипар со 194 милиони долари бил на 4 место по инвестиции во Македонија. Или, во 1998 пред изборите, од Кипар во Македонија дошле 61,5 милиони долари. Секој кој барем малку се рабира од бизнис веднаш ќе ви објасни дека ова не се реални странски инвестиции туку добро испробан рецепт како преку оф шор компании се перат парите што нашите олигарси ги незаконски ги ицицаа од приватизацијата и ембаргото. Инаку, податоците велат дека од оваа „локација“ главно се купувале акции од постојни компании, се инвестирале пари во услужни дејности, во недвижности.

Од Британските Девствени Острови, пак, во последнава деценија ни пристигнале околу 25 милиони долари како „странски инвестиции“. Со напомена дека тука недостасува неодамнешниот девствен придонес на Минчо во Бетон. Само благодарение на него, ете, статистички уште 3,5 милиони евра. Инаку, и така осиромашен без овие девствените бетонски долари, таквиот интерес од Островите бил црвено светло и за претходниот состав на Антикорупциската комисија. И тие ја застапувале тезата дека „странците“ се наши, дека тоа се испумпаните пари од македонската транзиција и сериозен индикатор дека ова може да е класично перење на пари.

После сѐ, логично е човек да се праша колку вистински странски инвестиции имаме?! Дури и кога се јавува некаков бренд од странство потоа следува динамичен обратен процес. Секоја година оваа бројка се зголемува. На пример, во 2005 година дури 87,5% од парите што биле вложени како странски директни инвестиции во Македонија се повлечени потоа од земјата.

Во 2003 во ваков правец заминала една третина, а следната година безмалку половина од инвестираното. Парите се извлекуваат во вид на дивиденди или разни консултантски услуги. И во кеш, разбира се. На пример во Кипар биле испумпани 52 милиони долари. Се споменува во анализата на антикорупционерите и податокот дека  Унгарците во Македонски телекомуникации за две години извлекле од овде дури 37 милиони долари, а во истиот период инвестирале „дури“ 7 илјади долари.

Но да се само антикорупционерите кои го забележале ова. Впрочем, додека во другите делови од светот кај истиов  инвеститор траат истраги, само овде сѐ е по старо. Атила Сендреј го смени централата, но се споменуваше како клучна алка за одлевање на неколку милиони евра од МТ во кипарската фирма Chaptex Holding LTD, вообичаено за услуги што никогаш не биле извршени. Инаку првите истраги за малверзациите во Матав започнаа пред две години во Германија. Имаше финансиски скандали и во Унгарија. Се споменуваа докази дека се перени пари во подружниците во Македонија и Црна Гора. Но овде времето си врви, а за вакви непријатни работи не се арчи енергија. Ма, и овде се потврди феноменот дека и кога е сѐ матно, македонската алка е чиста и невина.

ПРИНЦИПИТЕ НА ЈАНИ, ЃОРЃИ И КАПИТАЛ

Има уште нешто што ја краси нашата јавна сцена. Перењето пари може да се споменува сал кога е ВМРО во игра. Заштитникот на олигархијата, неделникот „Капитал“ пред некој месец лапрдаше за пројавените сомнежи за одредени можни инвеститори. Го искараа Министерството за економија што од таму излегла изјава  дека „на тој и тој (не кажаа на кој, н.з.) не треба да му се дозволи да инвестира оти таа инвестиција била всушност домашна, иако парите доаѓале од Девствени острови“.

А муабетот бил: кој може да инвестира во технолошко-индустриските зони. Веднаш тоа беше проглаено за „глупост и немање абер од бизнис, дискриминација и уривање на принципите на слободниот пазар“. А после ова ние веднаш сфативме дека мора да бил засегнат некој од транзициските тајкуни. Само така „држат вода“ нивните прогласи дека „инвестициите се реални и легални, а на економијата и се нужно потребни се додека не се докаже дека се сомнителни и криминални“.

Поинаку беше кога се појави „уљезот“ Нини. Тогаш Капиталот на Љупчо Зиков имаше поинаков светоглед. Се згрозуваа од неговите инвестиции, па јавно прозиваа за „потеклото на парите“ со кои газда Нини купува банки и акции. Јавно прашуваа „зошто се дозволило Нини да ги купи акциите од вмровските оф шор фирми, во времето на Љубчо Георгиевски“.

Во овој случај, сосема исправно беше да се сомневаш дека е валкан капитал во игра. И демек уште на Милошевиќ. Наеднаш се виде дури и дека ЕУ ќе ни го запишела ова како недостаток на капацитет за расчистување со потенцијалниот организиран капитал. Туф, туф, бреее!

Доволно е уште да се регистрира пулсот на јавноста и при манипулацијата со словенечкиот бизнисмен од македонско потекло, Блажо Тасев. Во 2005-та, меѓународниот тендер за купување на рудникот Саса од Македонска Каменица беше поништен од владата на Бучковски со јавно искажано обвинување од министерот за економија Стевче Јакимовски дека Тасев уплатил валкани пари. Човекот тогаш беше и притворен, ама Јани Макрадули и Ѓорѓи Спасов немаа „примједби“ за спектакуларно апсење, ниту за „презумпција на невиност“.

После три месеци му ги вратија додуша  606 илјади евра кои тој ги беше уплатил за Саса ама и не докажаа дека станува збор за перени пари. И никому ништо. Патем речено, тврдеа дека „допрва ќе се открие вистината“. Аргументот им беше дека тие 606 илјди евра не дошле од сметки на фирмите на Тасев туку од „Фило бизнис“ од Панама и од нејзините фирми ќерки од Девствените острови.

Не дај Боже, сега Министерката за економија, Вера Рафајловска јавно да се посомнева во берзанската транскација со акции на Бетон преку фирми од Панама и Девствени Острови! Имаше три месеци Јани и Ѓорѓија, со сѐ Капиталот на Зиков, да не просветлуваат за човековите права и пазарната економија.

ДИРЕКЦИЈАТА КАКО „ДРВОДЕКОР“

Вака сѐ си заврши како што треба. Прославивме „уште една голема победа, победа за Македонија“. Откако Азманов се исфали јавно дека во прашање е сериозна британска инвестиција во Бетон, излезе на виделина дека станува збор за фирма од Девствени Острови. И уште повеќе, за Минчо Јорданов. Но види богати, Азманов да не ти знаел дека Минчо стои зад „Репро оне ЛТД“ која од Девствената-оф-шор компанија плати 3,5 милиони евра. Потоа и „Волс трејдинг корп“ од Панама, повторно оф шор фирма, докупи уште 10% од Бетон.

Во ретро(пер)спективата заслужува да споменеме дека и газда Штерјо Наков влезе во хотелот Панорама преку Девствените Острови и фирмата „Серена трејд ЛТД“. Тука е и тобако-газдата, Коста Јанковски (вујкото на Наташа Савова) со „Прима трејдинг“ регистрирана на адреса на Девствените Острови. Просто е неизбежно изгледа некој кој работи со цигари да не биде лоциран на Кипар или Островиве. Но да не го заборавиме и Кипар.

Откако Методија Смиленски, кому како составен дел од името му стана одредницата „контроверзниот“, деновиве ја доби првата казна од 4 години затвор за финансиски малверзации во светиниколско, дознавме случајно дека всушност преку својата фирма „Луена холдинг“ од Кипар го имал купено 40% од капиталот на „Снитекс“.

Иако и во називот им стои Британски, Девствените Острови не се некој угледен „бизнис бренд“ ниту во Британија. Неодамна наследникот на Тони Блер, премиерот Гордон Браун беше обвинет од опозицијата дека како поддршка за неговата кампања за нов лидер на британските лабуристи примил 165 илјади евра како донации од повеќе домашни богати бизнисмени што своите фирми ги имаат регистрирано на Британски Девствени Острови, со објаснување дека таму се оди за да не се плаќа данок, што не му доликува на еден министер за финансии.

Ете, само кај нас ваквите донации и инвестиции можат да имаат тежина на сериозни. Секако, веќе 5 години имаме Дирекција за перење пари. Најголем дел од овој период со неа директоруваше Владо Наумовски. И Дирекцијата служеше како своевиден „дрводекор“ на нашата демократија.

Анегдота или вистина, но се раскажува дека Наумовски од стартот им кажал на неколкуте вработени дека тој е дојден за да докаже дека нема перење пари во Македонија. За негово време така и беше. „Докажа“ или си ја исполни задачата. Дури и едниот случај што е покренат и судски завршен од време кога е формирана Дирекцијата 2002, е инициран од претходниот директор.

Новиот ВМРО-овски кадар, Ване Цветанов неодамна најави дека само оваа година зеле во работа 12-тина случаи. Дури навести дека за неколку месеци ќе излезат во јавност со неколку големи случаи на перење пари во кој се вмешани политичари, бизнисмени, но и граѓани чии имиња не ѝ се познати на јавноста. Е додека ни пристигне есента, формално правно во Македонија нема перење пари. Се плашам Девствените Острови да не ни бидат најголемата придобивка од кампањата „Инвестирајте во Македонија“.

Поврзани новости