Како Џејсон Мико стана преродбеник за 7.500 долари месечно од ВМРО-ДПМНЕ!

by Фокус

Текстот е објавен на 22 јули 2011, во неделникот „Фокус“ број 838.

Пишувала
Мирослава СИМОНОВСКА

Каде и кога почнува среќната врска меѓу ВМРО- ДПМНЕ и американскиот аналитичар Џејсон Мико, инаку познат по тоа што се потпишува под своите колумни во македонскиот печат како „независен и слободен интелектуалец”? Фокус дојде до договор, кој непосредно пред изборите во 2006 година, своерачно го потпишале Гордана Јанкулоска (во тој период во функција на генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ) и Џејсон Мико, со кој двете страни се спогодуваат Мико да дава консултантски услуги на ВМРО-ДПМНЕ за изборната кампања, а сумата за која се договараат изнесува 7.500 долари!

Мостот меѓу американскиот аналитичар и партијата на Никола Груевски, според договорот, требало да го зацврстат 4.000 долари платени пред изборите и уште 3.500 долари исплатени по завршувањето на изборите, кои таа година се одржаа на 5 јули. Во договорот, Џејсон Мико наведува: „Моите задолженија ќе се фокусираат на следново: Ќе извршам ревизија на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ја дистрибуирам до публиката надвор од Македонија; ќе пишувам говори и писма, наменети пред се за меѓународната заедница; ќе ја истражувам опозицијата; ќе помагам со интернационални медиуми преку мои лични контакти со креаторите на политики во Вашингтон”!

Интересно, датумот на склучување на овој договор е 29 мај 2006 година, што значи дека Мико за консултантските услуги што му ги давал на Груевски во времетраење од нешто повеќе од еден месец, заработил 7.500 долари. Евентуалната соработка на ВМРО-ДПМНЕ и Џејсон Мико пред или после овој период не е наведена во самиот договор. Нејасно е, како можел за релативно скромните 7.500 долари, за само еден месец, Американецот да ги изврши своите амбициозни задачи!? На пример, да ја „истражи” опозицијата. Или да изврши „ревизија” (веројатно се мисли на преглед) на програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Со други зборови, нејасно е, дали ова е единствениот аранжман на Мико со партијата на Груевски?

НЕ УСПЕА ДА ГО СТОПИ ВЕЛЕС

Што се однесува на патописот на Џејсон Мико, пред склучувањето на овој договор, забележително е дека дури и на неговиот официјален веб сајт нема наведено конкретни институции и организации за кои бил ангажиран. Откако дипломирал на Универзитетот во Аризона, советувал политичари и работел во сектори за односи со јавност, лобирање и економски развој, но конкретни имиња не се споменуваат!?

Овде, во Македонија, името и презимето на овој аналитичар е инволвирано во скандалот со велешката Топилница од 2008 година, две години по спомнатиот договор. Во тој случај, еден од сопствениците на „Минеко” (компанијата сопственик на велешката Топилница), српскиот бизнисмен Мики Аксентијевиќ, беше осомничен за финансиски малверзации во Босна. Тогаш Џејсон Мико беше директор на македонската канцеларија на „Минеко” и потврди дека тоа е фирма-ќерка на швајцарскиот „Минеко”.

Тогаш медиумите пишуваа за малверзациски зделки на таа компанија во земји од југоисточна Европа. Во функција на директор на „Минеко”, Џејсон Мико остваруваше средби со велешкиот градоначалник Аце Коцевски, кому му најавуваше дека фирмата каде директорува, ќе ја купи и рестартира топилницата. Коцевски јавно обелодени дека компанијата на Џејсон Мико не е добредојдена во Велес, ако не планира да ја дислоцира топилницата.

Особено симптоматична беше блискоста на „Минеко” со фирмата „Инвестас” (поранешен сопственик на топилницата, која ја загадуваше околината со тешки метали), по што јавноста доби впечаток дека поранешната фирма повторно сака да ја заземе својата територија, само во улога на друг правен субјект.

Формалниот зачеток на лобирањето за политичка партија во Македонија, сепак, претставува токму договорот меѓу ВМРО- ДПМНЕ и Џејсон Мико во 2006 година. Тој веројатно е првиот регистриран лобист во Македонија, а кој е пријавен во архивите на САД. Токму во 2006 година, за време на изборната кампања, ВМРО-ДПМНЕ се пофали дека од десничарски, братски партии ширум светот, десетина лобисти се пријавиле доброволно и без финансиски надомест да даваат совети во изборната кампања, но не беше експлицитно наведено, дали Џејсон Мико спаѓа во оваа група. На оваа претпоставка наведува и податокот кој самиот Мико го изнесува јавно, а тоа е дека членува во Републиканската партија, која е со десничарска идеологија!

ВМРО-ДПМНЕ ГО КРИЕ СВОЈОТ ЛОБИСТ?

За успесите или за неуспесите на македонските лобисти во странство, говори и тоа што Македонија и по две децении независност, сѐ уште не е членка на НАТО и на ЕУ, а директните инвестиции од САД може да се избројат на прстите од едната рака.

Петнаесетгодишнината од својот престој во Македонија, Џејсон Мико пред македонската дијаспора во Вашингтон ја опишал како „Божја волја” и нагласил дека ќе биде поврзан со Македонија до крајот на животот. Но, некои од ставовите на Мико се навистина симптоматични и го наметнуваат прашањето, што тоа Македонија (ако се земат предвид нејзините стратешки цели за приклучување кон ЕУ) навистина се консултирала со овој човек, кога тој во едно свое обраќање до еврокомесарот за проширување Штефан Филе, ќе рече: „Како, по ѓаволите, очекувате Македонците да ги слушаат вашите глупости и да ги прифатат вашите таканаречени вредности, кога Вие самиот не можете да го изговорите името на нивната земја, Македонија? Во име на се што е свето и сакрално, направете го вистинското нешто и кажете Македонија гласно и гордо! Во спротивно, по ѓаволите со вас, вашата таканаречена унија и вашите вредности”!

Можеби дискурсот со кој комуницира Миков со челните луѓе на ЕУ, не носи во себе примеси на  најдипломатскиот и политички најкоректен јазик, но  тој сепак е избор на ВМРО-ДПМНЕ и во кампањата на овогодинешните избори. Така, граѓаните можеа да го слушнат како им се обраќа зад микрофонот на завршниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ на 3 јуни годинава, кога отворено им порача да излезат и да гласаат за реформите. Два дена порано, покрај советодавните услуги што му ги обезбедувал на Груевски, Џејсон Мико исто така и се обрати на јавноста од митингот во Гевгелија, порачувајќи дека верува во успехот на Македонија под водство на Груевски.

На митинзите, ВМРО-ДПМНЕ како намерно да пропушта да каже дека сите политички говори што ги рецитираат, заедно со целата стратегија за освојување на изборната победа во 2006 година, претставуваат дело (и) на Џејсон Мико. Ако воопшто е така. Наместо како свој соработник, платен од касата на партијата, ВМРО-ДПМНЕ го претставува Мико како продуцент на филмот „Име си е име”!!!

ИМЕТО СИ Е ИМЕ, ПАРИТЕ СИ СЕ ПАРИ

Не останавме покуси за одговори на прашањата што му ги упативме на Мико, а кои се однесуваат на неговите ангажмани во ВМРО-ДПМНЕ. Одговорот го презентираме во целост: „Сум имал многу клиенти низ годините, но некои од нив сакаат да останат неоткриени”. Дури и откако му го испративме факсимилот од договорот со кој располагаме, на кој потписите ги ставиле тој и Гордана Јанкуловска, Мико не собра храброст да одговори, какви тоа успеси донел за Македонија во Вашингтон, какви се неговите односи со американските амбасади и во што се состои неговата советодавна улога.

Зошто партија, која откако е во соработка со Мико, двократно ги добива изборите, не сака пред јавноста да ја обелодени советодавната релацијата на ВМРО-ДПМНЕ и Мико, па и го обврзува таквите односи „да ги чува во тајност”?

Во една од колумните во македонскиот печат, Мико вели дека не верува во организации како Обединетите нации, затоа што смета дека тие се создадени за да ги нарушат суверенитетот и идентитетот. Во врска со спорот со името, повеќекратно во јавноста даваше изјави дека се работи за унилатерален, а не за билатерален спор и дека единствената земја што треба да направи отстапка треба да биде Грција. Истовремено додавајќи дека правилата на ЕУ диктираат земјите членки да ги „шетаат” оние кои не се членки. Слушајќи ги челниците на владата и нивниот советник, се добива впечаток дека тие имаат различно декларативно излагање, но во пракса исто делуваат на евроинтегрирањето. Негативно!

Треба да се одбележи и тоа, дека Џејсон Мико, пред да дели консултантски совети во ВМРО-ДПМНЕ, во Македонија се ангажира и како советник на поранешниот претседател Борис Трајковски. Актуелни во одредени кругови се и информациите дека бил близок со поранешниот шеф на претседателскиот кабинет, Зоран Јолевски. По смртта на Трајковски, Мико е поставен како член на меѓународната фондација „Борис Трајковски” и ги пишува токму мемоарите за трагично загинатиот претседател!

Последниот проект на Џејсон Мико е документарниот филм „Име си е име”, кој го промовираше во јавноста на 27 септември 2010 година, објаснувајќи дека е финансиран од „различни институции и организации и поединци од Македонија”, без притоа да се специфицира ниту еден од нив. Филмот има официјален веб сајт, но во менито нема можност да се одбере секторот за финансии. Наведено е дека парите за филмот се собрани од донации, и тоа главно од странци!?

Наши извори тврдат дека Џејсон Мико земал пари од Американската амбасада за да финансира едукативна програма против абортусот, но наскоро таа се проширила во нешто поинакво, односно, во кампања на билборди. Оттогаш односите меѓу него и амбасадата не биле на завидно ниво.  Веб сајтот www.abortusne.org.mk е достапен и во употреба, а постојат и официјални Фејсбук и Твитер страници на кои се појавуваат текстовите на Мико.

Во еден дел, ТОЈ ги објаснува економските последици од абортусот на следниов начин: „50 милиони мртви бебиња во Америка. Тоа значи 50 милиони помалку даночни обврзници, работници и лица што придонесуваат во општеството. Ова значи дека 50 милиони луѓе помалку ќе плаќаат социјално осигурување, со што уште повеќе ќе се зголеми процентот на повозрасното население за кое мора да се грижат младите лица. И не само тоа, постојано мора да се ‘увезуваат’ луѓе за да ја вршат работата што не може да се заврши поради непостојните 50 милиони”!

Додека Џејсон Мико и пријателите лобираат за ВМРО-ДПМНЕ во Вашингтон, во Македонија потпишуваат договори за консултантски услуги непосредно пред изборите. Се појавуваат на митинзи, го убедуваат македонскиот народ дека Џорџ Сорос е човекот од кој треба да се пазат, а во дискреција ги држат своите работни задачи за политичката партија од владеачката коалиција. На крајот од текстовите, се потпишуваат како „независни интелектуалци”. Во една од колумните, Мико објаснува дека Господ го довел во Македонија. Не споменува, дали и Господ бил потпомогнат од боговите во ВМРО-ДПМНЕ!!!

Поврзани новости