Во Влада паричето паднало на фасадата

by lali

Откако премиерот однапред се откажа од паричето во Владата поради можен судир на интереси со домашното париче, кое падна баш кај него, на божикната седница на Владата можеше да се одржи слободно и транспарентно парчење и делење на лебот. Освен министрите, Господ и намерникот-инвеститор, првпат во историјата на кршењето погача во очи Божик, наместо на куќата беше одвоено едно парче на фасадата. И што ти е Божја волја, паричето падна токму на фасадата. По ова за збор се јави министерката за култура Бети која предложи Гоца да замеси и анекс-лепче со кое на фасадата ќе падне дополнително уште некое париче до крајот на годината.

– Нема архитект на светов кој нема да се согласи дека фасадата е поважна од внатрешноста на објектот. Затоа, сметаме дека со традиционалното делење паричка за куќата се апстрахира најбитниот елемент од секоја куќа, независно дали е купена со акцијата “купи куќа, купи стан” или со некоја друга акција, а тоа секако е фасадата. Оваа Влада посвети должно внимание на фасадите и еве тоа не остана незабележано кај Господ – изјави Бети по свечената вечера.

По пронаоѓањето на паричето, кумот Ставревски го ставил во чаша црвено вино. Според сведоците од вечерата, лепчето околу паричето толку пораснало во виното, што на сите им било јасно дека фасадите и оваа година ќе бидат бериќетни за перење пари.

Поврзани новости