Каде се „крие“ Бранко Црвенковски во овие одлучувачки моменти за државата?

by Fokus 15:09
15:09

Масовен протест против новиот француски предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија се одржа вчера вечер во центарот на градот.

На протестот можеа да се забележат голем број политичари, професори, кои излегоа јасно да кажат „не“ за новиот предлог, тврдејќи дека во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени во однос на претходниот предлог.

Актуелниот премиер Димитар Ковачевски од Брисел првично кажа гласно „Не“ за првичната верзија, но сега лека полека од владата излегуваат позитивни сигнали, тврдејќи дека новата верзија не го задира македонскиот јазик, што не значи дека Бугарите треба да бидат изоставени од Уставот.

Тоа што изненадува, а што многу ретко се случува е што на овој протест беше присутен и поранешиот претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, кој со својот син излезе на протест против фрацускиот предлог.

Тој е еден од оние поранешни политичари, кои никогаш не одговараат на новинарски прашања поврзани со актуелната состојба во државата. Па, затоа изненади што вчера се појави јавно на протестот. Иванов, како и по традиција не одговори на прашања на „Фокус“ поврзани со неговиот став за францускиот предлог.

Сепак, ни под дрво, ни под камен не може да се слушне и да се види и екс премиерот и претседател на државата, Бранко Црвенковски, кој лани во септември „распали“  на свечениот собир на МАНУ.

Тој упати низа критики за актуелната политичка состојба во земјава, којашто оцени дека е длабоко поделена и конфронтирана.

„Македонија е корумпирана држава, нема едакавост пред законот, нема правда, нема доверба во судството. Во корумпирана држава нема квалитетно образование во кое дипломите ќе се заслужуваат, а нема да се купуваат“, тврдеше Црвенковски.

Сепак, неговиот последен настап беше пред два месеци на дебатата во организација на Советот на амбасадори на тема „Предизвиците на македонската надворешна политика“, каде го коментираше и договорот со Бугарија.

„Односите со Грција по потпишувањето на Преспанскиот договор се неспоредливо подобри отколку пред договорот. Сосема спротивно, односите со Бугарија се неспоредливо полоши после, отколку пред потпишувањето на договорот.

 

Или да бидам директен. Потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка, истакна пред два месеци Црвенковски.

Тој единствено се појавува на одредени настани, но никогаш не одговара на новинарски прашања за актуелните политички состојба во државата, па така не одговори и на прашањата, кои му беа поставени од „Фокус“.

Во една прилика, актуелниот премиер Ковачевски истакна дека сака  почесто да го гледа Црвенковски во јавност.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости