Ако си „каурин“, со есап!

by Fokus

И на крај исав и за Бугарите, кои се тука отсекогаш и затоа треба да бидат во Уставот. И ќе бидат наши соседи и комшии, и со ЕУ, и без ЕУ.

Пишува Рамадан РАМАДАНИ

За повеќето читатели секако е јасно дека стариот македонски израз во овој наслов е изменет. Секако, за уште од насловот да се пренесе порака за последниот таканаречен француски предлог околу можноста за напредување во евроинтегративниот процес на државата. Ова подолу е став за некои други ставови и не е комплетен став за целиот процес, за кој пошироко и подолго веќе сме се изјаснувале во долги и кратки писанија, во текот на многуте години. Но, став е, пред сè, за есапот (сметка, бројка, цена и статистика) што треба да се има предвид и во есап секој пат кога се зема став околу овој најважен процес за државата.

Да почнеме со намерно изоставените „Турци“ од насловот. Тие меѓу многу изреки за и околу есапот употребуваат и две и кај нас познати изреки. Првата е „дека есапот од дома не врви на пазар“ и другата дека „погрешниот есап и од Багдад се враќа“, притоа би сакале да појасниме дека Багдад во изреката е синоним за далеку, најдалеку.

Од дома, првиот и вистински есап е дека овој процес за влез во ЕУ е за државата. Граѓаните и народите влегуваат во ЕУ преку држави. Во нашиот случај, тој есап дури е и потенок затоа што има два дополнителни аспекта, а тоа е дека граѓаните отсекогаш се надевале дека овој процес и ќе помогне да ја изградиме вистинската и праведна држава. Со други зборови, вербата во евроинтегративниот процес во Македонија секогаш била и со надеж за поевропска, поправедна и поасална држава. А другиот аспект е за народите што се грижеле со своите посебности да влезат во ЕУ. А тоа е преку јазикот. Ако имаме сега предлог во кој ќе биде наведено дека јазиците ќе ни бидат посебно заведени како такви, тогаш тоа е срцевината на посебноста на народите во ЕУ. Традиција, историја и другите работи се дискутабилни и внатре меѓу членките на ЕУ. И веројатно ќе продолжат да бидат и по зачленувањето на Република Северна Македонија во ЕУ.

Есапот како бројка и статистика за нас дома е важен и треба да го предвидиме и поради последниот попис, а и претходните, зашто кога има занесени припадници од мнозинството што другите ги именуваат со „малцинства“, тогаш тие ги именуваат овие првите како „едвај мнозинство“.

БУГАРИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ВО УСТАВОТ

Да се вратиме на оригиналната изрека, која во автентична форма се употребува и на албански, гласи: „ако си Турчин, со исав!“ за да подвлечеме дека во ставовите за ЕУ треба да преовлада „исав“. Турски збор, кој на македонски се употребува за мера, милосрдие и внимателност. Така треба да се има исав и да не се паничи, лаже или да се покаже неправедност кон никого.

Паниката треба да се мери со претходните стравови и, иако стравовите во суштина се ирационални, ние мора трезвено и рационално да ги поимаме за да можеме да одиме напред. Со стоење во место, и само со подвлекување на тие стравови, тие само се зголемуваат до хистерија и паника и секако раѓаат нови за во иднина. Токму од таму доаѓа основниот страв дека всушност оваа нација нема иднина без евроинтеграција. Стравовите се хранат меѓу себе и растат. И токму стравот за асимилација во ЕУ го произведува стравот дека оваа земја без евроинтеграција е всушност само територија.

Мера и исав треба да се има да не се лаже во никој случај, ни за содржина на договорите, ни за последиците од процесот. Но, и да се има мера да се долови овој моментум сега и тука. А тоа дека ЕУ сега го нуди ова, всушност, да ја избегне својата некохерентност зашто ќе ја приближи Украина, а ќе остави неколку цели европски земји на Балканот. Значи ЕУ сега не е дволична, туку токму сака да избегне дволичност за некој од Арабија или Камбоџа не ги праша што, всушност, тие имаат против овие во Балканот, не им се Европа? Па, се сеќаваме дека овој истиот Макрон само пред неколку години беше против Македонија и Албанија во ЕУ дури повеќе од Бугарија?!

Исто така, треба да имаат мера за контекстот дури и тие што се и најпротив ЕУ и што ја нарекуваат „курва“ и „куплерај“, па следствено на тоа да знаат дека во „куплерај“ се плаќа однапред и нема гаранции, поради тоа дека во процесот одлучувачка е способноста на самиот муштерија.

И на крај исав и за Бугарите, кои се тука отсекогаш и затоа треба да бидат во Уставот. И ќе бидат наши соседи и комшии, и со ЕУ, и без ЕУ.

Поврзани новости