Каде одат стоте милиони евра годишно од продажбата на хероин низ Македонија?

by Фокус 12:25
12:25

Текстот е објавен на 8 октомври 2010-та во неделникот „Фокус“ во бројот 797

Пишувал
Ване ЦВЕТАНОВ

Едно од главните ветувања во Програмата во сто чекори беше и бескомпромисна борба против криминалот. Во периодот 2006-2008, постоеше елан, барем навидум, и постоеше надеж дека Никола Груевски има намера да стави ред во државата, низ расчистување со криминогените структури во општеството. Се зајакнуваа капацитети на институции, се градеше поефикасен систем, од чија работа до сега требаше да има сериозни резултати, т.е. пресуди, конфискации… Меѓутоа, резултатите ги нема!

- Advertising -

Борбата против криминалот лека-полека се претвори во еден од најсилните популистички инструменти и стана силен механизам за расчистување со политичките неистомисленици. На почетокот, секој граѓанин се радуваше кога на телевизија ќе видеше спектакуларно апсење на некоја голема група на организирани криминалци. Власта многу добро знаеше како да го ефектуира спектаклот во политички поени, кои одеа на контото на рејтингот на големиот борец и праведник Никола Груевски!

Но, волкот ги менува влакната, ама не и табиетот. Така и Груевски. Колку бил чесен и колку имал желба да се бори против криминалот како министер за финансии, така е и како премиер. Добар во креирање на рејтингот, а кукавица за справување со проблемите, па остана килав во резултатите од борбата против организираниот криминал!

ГРУЕВСКИ Е ПОСИЛЕН ОД ОБАМА?!

Ако направиме анализа на сите помпезни, спектакуларни акции, апсења, камери, пресови, најразлично правење поени… и ги споредиме со резултатите, ќе видиме дека скоро сѐ е паднато во вода. Ќе видиме дека недостигаат докази, кривичните пријави биле слаби, ќе видиме дека обвиненијата се тенки, па, на крај – нема пресуди, нема конфискација, односно, нема криминал во државата. Па, добро, ако судот постојано потврдува дека нема организиран криминал во македонија, зошто е сето тоа тормозење на луѓето во институциите, а и на обвинетите!? Луѓето во институциите со месеци се мачат да докажат организиран криминал, се замеруваат со маса луѓе, живеат под стрес, но се надеваат дека жртвата што ја прават е за доброто на Македонија, за идните поколенија. Луѓето, пак, кои се обвинети, сигурно би им било полесно да се на чисто – кој е исходот, отколку лежењето во притвор со месеци и години, во агонија. Неизвесноста е најтешката состојба. Но, некој сурово си игра со судбините на цела нација профитирајќи исклучиво за себе!

Ќе почнам од обвинителството за борба против организиран криминал, за да потсетам дека главната ударна тупаница за борба против криминалот е оставена на цедило, со намерното необезбезбедување на симболични финансиски средства за техничко и кадровско зајакнување. Обвинителите работат сами, немаат основни услови, а се претрупани со по десетина предмети. Сите предмети  имаат материјали за обработка од по неколку илјадници страници. Без никаква логистика, и под постојан притисок, дека имаат слаби резултати, обвинителите постојано се потрупани со маса на предмети. Но, главниот притисок за секој голем предмет е додека не се обезбеди обвинение, поткрепено со неопходните докази за обезбедување на мерка притвор!

Мерката притвор во демократските земји се изрекува кога постои опасност осомничениот да побегне или кога постои опасност осомничениот да влијае на сведоците. Во демократските земји, додека осомничениот е во притвор, обвинителот подготвува тим со по неколку претставници од клучните институции, и интензивно се работи на докомплетирање на доказите и до зајакнување на обвинението, за ефикасно застапување на интересите на државата пред судот. Но, кај нас не е така, кога ќе завршат камерите, фанфарите, пресовите, обвинителот кој го водел предметот, вообичаено многу бргу добива нов предмет, поприоритетен, предмет од неколку нови илјада страници материјал. Предмет за кој ќе му треба време и многу енергија за да навлезе во него, и уште многу време да ја согледа сета фактичка состојба!

Е, тој вакуум период е најинтересен за анализа. Што прават обвинетите во притвор? Веројатно се молат за што побрза процедура до суд, за што побрзо да знаат на што се. И обвинителот сигурно сака да има време и ресурси што попрво да го реши случајот, и тој да е на чисто. Но, овде е вакуумот во кој што користејќи ја агонијата и неизвесноста, некој влегува во ќелиите и се пазари. Дали политички или финансиски, времето ќе си каже, но, дека се сее психолошки страв – тоа е неспорно!

Пред некој ден, еден сѐ уште закоравен Груевист, ми вели: А, бе, Ване, што си запнал против Груевски, нормален ли си? Па тој е појак и од Обама!

Јас го прашав, дали на рака или по рејтинг, институционална моќ, каква споредба прави меѓу двете земји, му нагласив дека не го разбирам во која смисла му е коментарот? Груевистов, пак, образовано дете, професор во средно, од образована фамилија, со сет памет ми вели: Не, бе, воопшто мислам, во светот сега Груевски е појак и од Обама! Му одговорив кратко, дека можеби е посилен од Милошевиќ во Србија за неговото време, но, како и на Милошевиќ, така и на секој диктатор му доаѓа крајот!

Сепак, да се вратиме на темата за криминалот и обвинителството. Замислете каков ефект има полициската политика на Груевски за луѓето да го величаат за најсилен на свет. Професионализмот е паднат под секој минимум. Никој не презема одговорност за слабите кривични пријави, никој не презема одговорност за пропустите во постапките, никој не презема одговорност за нанесената штета на државата или на обвинетите. После спектакуларни апсења, следи притвор, и после притворот секој по дома!?

Меѓутоа, обвинетите си одат дома со нарушено здравје и дебело финансиски олеснети, што за адвокати, што за судски трошоци, а не е исклучено и дебело финансиско олеснување за сметка на некој „добротвор“ од Груевистиве. Формата на олеснувањето не мора да е секогаш финансиска, односно во кеш. Имено, фирмите имаат објекти, недвижности, земја, хали, производствени погони… Нормално е, луѓето изморени од притворот, многу бргу да продадат некој дел од имотот за ефтини пари, оти, нели, биле во зорт?

ФАРМЕРОТ ДУШКО СТАНА НАРКО-ДИЛЕР!?

Сега да се навратам на работата на полицијата, оти, во полициска држава, главниот страв доаѓа токму од полицијата. Со апсењата за сѐ и сешто, со камери, лисици, спектакли за сѐ и сешто, не секогаш и со докази, ќе си полежите малку притвор, па ќе ве пуштат. Вие, пак, среќни што сте спасиле глава, никого не тужите, ама целта е постигната – општ страв, сите сфатија дека диктатурата е тука. И малите деца сфатија дека, доколку некој му се спротивстави на Груевски, полицијата е веднаш при рака, под итно да најде некаква закачка, да искомпромитира, да притисне некој истражен судија да потпише притвор, и да се расчисти со противникот или неистомисленикот!

Во државава има официјално регистрирано околу десет илјади зависници од хероин. Реалната бројка е околу дваесет и пет илјади. Проценките се дека дневно во Македонија се трошат десет килограми хероин од страна на домашните зависници. Разликата на големо од Турција до Македонија е околу триесет илјади евра по килограм, за големопродажба. Профитот од дистрибуцијата на мало не го земаме предвид. Значи, десет килограми по триесет илјади евра е еднакво на триста илјади евра дневен профит, девет милиони евра месечно, или повеќе од сто милиони евра од продажбата на хероин. Тука не ги броиме профитите од кокаин, екстази, марихуана… Ако дневно троши по десет килограми, на Македонија месечно и требаат триста килограми, што на годишно ниво е повеќе од три и пол тони чист хероин. Транзитот не го сметаме. Колку годишно фаќа полицијата? Сигурно од МВР веднаш ќе ни кажат дека фаќаат многу повеќе и се поефикасни од времето на СДСМ, меѓутоа, ќе потсетам дека и бројот на зависници е сериозно зголемен, а цената е падната поради слабата контрола. Затоа, сите такви споредби немаат некоја сериозна основа!

Меѓутоа, наместо лоцирање на профитерите со стотици милиони евра од разни видови дрога, настрада фармерот Душко Илиевски, и тоа само затоа што зборуваше против Груевски. Без разлика дали тревата беше див коноп, дали ја зборуваше вистината, важно е тоа што тој воопшто зборуваше против Груевски. Толку, значи, за дрогата!

Да проанализираме што се прави со предметите од областа на организираниот криминал во МВР? Во делот на организиран криминал има предмети по неколку милиони евра, кои ги има доставено управата за спречување на перење пари уште пред година, две, три… Истите тие предмети беа и предмет на разговор кај обвинителот. Но, главна причина за неработењето на тие предмети со поголема вкупна  вредност од сто милиони евра, главен изговор е презафатеноста на кадрите со итни задачи и немање на време. Но, додека бев директор, секогаш ветуваа дека ќе ги обработат, кај и да е ќе им дојде редот. И, сега, да проанализираме што работат толку многу кадрите? Кадрите од следење, веројатно следат сомнителни неистомисленици во ДПМНЕ, веројатно следат политички неистомисленици од други партии, можеби дури и бизнисмени или пак сопственици на медиуми. Втората веројатност е ништо да не работат и да дозволуваат криминалот да си тече!

Еве ја за пример големата акција бумеранг. Не знам само, кој број ли беше – два, три..? За спроведувањето на целата акција се потрошени многукратно повеќе пари отколку што е направена штетата. Со апсењето на полицајците од граничниот премин Ново Село кај Струмица беше направена помпезна медиумска реклама, дека ете се фатени најкорумпираните полицајци кои направиле тешки штети на државата. На крајот се покажа дека утврдена штета, односно корупција, не е повеќе од 20.000 денари, земени од  тројца за време од шест месеци. Ако пресметаме, ќе се види дека во рамките на сто и осумдесет дена, тројцата заедно земале мито по 110 денари вкупно или по 37 денари по човек. За целата операција, пак, и утврдената корупција од 330 евра, направена за шест месеци, потрошени се повеќе од 30.000 евра државни пари. Но, не е таму проблемот, туку, зошто средствата и кадрите не биле ангажирани на некој посериозен предмет? Да не пречеле токму овие луѓе за проток на некои шлепери?

НАРОДОТ САКА ПОЛОШ ЖИВОТ!?

Нека се изјасни МВР, за колку министри или високи државни  функционери е покрената постапка за земање на мито, но, по сто, двесте, триста илјади евра? Дали можеби тврдат дека ние живееме во општество во кое нема организиран криминал? Во состојби во државата каде сите знаеме дека се прават повеќе од петстотини милиони евра годишно на криминален начин, по најразлични основи, да се трошат ресурсите на ловење на луѓе за по триесет и седум денари е чисто расипништво!

Минатата недела се случи и ослободувањето на браќата Миладинови. Бидејќи предметот е веќе со некаков епилог, ќе си земам за право да прокоментирам одредени работи. Овој предмет беше предмет на обработка на Управата додека јас бев директор, па добро сум запознаен со одредени детали. Имам одредено претчувство дека Груевистиве ќе се обидат целиот свој неуспех да го префрлат на мое конто. Прво, ако луѓево биле толку добри цвеќиња, нека одговорат зошто ги држеа скоро две години во притвор? Второ, баш ме интересира, што ќе се случува понатаму со предметот и со земјиштето во Ново Лисиче? Трето, нема ништо да коментирам додека преку овој школски пример не се потврдат сите тези за кои сум пишувал до сега!

Да се вратиме на работата на полицијата, која, наместо да се фокусира на големите предмети тешки по десетици милиони евра, кои заедно прават повеќе стотици милиони евра годишно, сега за предмет на оперативна обработка ме зема мене. Веќе четврта недела е одземена целата документација од управата, се собират сите можни документи кои сум ги потпишал, за по секоја цена да пронајдат некаква неправилност. Ако не ја најдат, ќе мораат да ја измислат. Кај Душко од дива трева направија марихуана, кај мене може и да најдат дневна доза, односно десетина кила хероин во гепек. Кој знае што се може да роди креативниот ум на Груевистите од организиран криминал и фантазијата на Иво Котевски за прераскажување на случки и настани. Ќе биде барем интересно по медиумите, ќе има циркуси.

Во врска со ова, еден пријател ми вели: Ти си среќен, добро е што решиле да те наместат за да те стават во затвор. Добро е, биди среќен што не одлучиле да ти наместат сообраќајка или да те отрујат!

Зар е можно, си велам, и резимирам: Борбата против криминалот е тотално непрофесионална. Се злоупотребува моќта, борбата е селективна, според проценка на одредени центри, и, пред се, таа е одмазничка. Преку борбата против организиран криминал ги држат мирни и во страв и стопанството, и граѓаните, бидејќи секој знае дека може да осамне в притвор.

Сите овие појави потврдуваат дека сме полициска држава во диктаторски режим. Реално, борба против криминал нема, бидејќи нема пресуди и конфискации, и од истата веројатно профитираат одредена група на луѓе, или пак се работи за тотална неспособност и непознавање на материјата. Оттаму, џабе ни се високите оценки за реформите во полицијата!

Кога сме кај оценките, на последниот поткомитет во Брисел, за поглавјето – Правда, слобода и безбедност, после едночасовното рибање на министерството за правда, за лошите реформи и слабите резултати, следело рибање од половина час на претставникот од Управата за спречување на перење пари. Темата била, зошто е сменет директорот? Одговорот бил, заради некаков наод од ревизорски извештај, за, после полчасовно брукање, заклучокот да биде: Па ние мислевме дека вашата институција успеа да се избори за политичка независност, но, очигледно сме се излажале!

Брисел мери, народот мери, и стигнуваат фактурите. Од Брисел во ноември, од народот на избори. Заклучоците од последната анкета на Дневник беа: Има помалку демократија, полошо живееме од пред четири години, подалеку сме од ЕУ и од НАТО, но, сѐ уште најмногу му веруваме на премиерот Никола Груевски. Ова е заклучокот од септемвриската анкета на Дневник, која беше направена на тема – Четири години владеење на Никола Груевски!

Доколку направиме анализа на анкетата, несомнено ќе дојдеме до неколку заклучоци: Или народот ни е премногу садомазохистички расположен, па ужива во перверзијата на Груевски, т.е. народот сака полошо да живее, народот искрено не сака да одиме во ЕУ и НАТО, или пак високата поддршка на Груевски е резултат на стравот. Тешкиот страв кој се всадува секојдневно во коските на граѓаните преку многубројните диктаторски механизми. Сепак, како и да е, на сите им е јасно дека диктаторите денес се уриваат многу полесно од порано. Истекува времето и на последниот диктатор на Балканот!

Поврзани новости