Дали соработниците на Али Ахмети се големи албански патриоти или се српски шпиони?

by Фокус 11:47
11:47

Текстот е објавен на 8 октомври 2010-та во неделникот „Фокус“ број 797

Пишувал
Никола МЛАДЕНОВ

- Advertisements -

Пред две недели објавивме факсимил од документ на српското разузнавање, кое во 1996 година го исплаќа својот соработник од Македонија со псевдоним Инструктор. Во овој број објавуваме дека добивме дел од уште две досиеја на соработници од Македонија, но, од многу постар датум. Наводно, тие се дел од соработничката мрежа на военото разузнавање и државната безбедност уште од времето на одамна распаднатата СФРЈ. Едниот дејствувал под псевдонимот Стрелец, вториот бил познат како Мама, а сите тројцата, заедно со Инструкторот, претставуваат значаен дел од најтесното опкружување на водачот на ДУИ, Али Ахмети. Од тие причини, јавноста не смее да остане незапознаена со овие копии, кои разбирливо се пуштени во поширока циркулација низ земјава!

ГРУЕВСКИ ГИ ГАЗИ, А ТИЕ НЕ ГО РУШАТ!?

Мошне индикативно е однесувањето на албанскиот учесник во власта. Груевски е далеку од омилен кај Албанците, а ДУИ веќе трета година ја обезбедува неограничената власт на „преродбениците“. На Албанците сѐ повеќе им скокаат по нервите, а ДУИ нема абер од напуштање на коалицијата. Нивните гласачи се безмалку стопроцентно определени за НАТО и ЕУ, но, еве, до ден-денешен не стигнува сериозна закана од Ахмети за прекин на дружбата со Груевци. Зошто, се почесто се прашува нестрпливата опозиција од македонскиот блок, вчудовидена од водачите на ДУИ, кои безмалку стануваат поголеми преродбеници и од самиот Груевски?

Минатата недела го слушнавме ставот на Рафиз Алити од Брисел, кој автоматски го квалификува за почесно место кај портокаловите, рамо до рамо со Мартин Протогер. Како дел од нашата парламентарна делегација, Алити се заложил во ЕУ за добивање датум за преговори, кои би се одвивале паралелно со разговорите за името со Грција. Невозможна мисија, која на нашиот државен врв му ја повторуваат сите, од амбасадорот на ЕУ во земјава до генералниот секретар на НАТО. Не е можно, Алити да не ја знаел залудноста на обидот што го направи!?

Не помалку изненаден беше и европратеникот Зоран Талер, после разговорот со Али Ахмети во истиот Брисел пред ден-два. Словенецот соопшти дека со шефот на ДУИ се согласиле за нашиве состојби. Ахмети знаел дека ситуацијата не е добра, како и мерките, впрочем, кои се превземаат за нејзино надминување, особено во однос на спорот со Атина. Меѓутоа, и покрај сѐ, водачот на „интегративците“ не покажал никаква подготвеност за растурање на коалицијата!?

Сепак, сево ова и не е толку необјасниво. Ако однесувањето на албанскиот дел од власта е чудно, тогаш поведението на странците е уште почудно. После сѐ, тие веќе немаат илузија за она што може да го очекуваат од Груевски. Рака на срце, постојано даваат охрабрувачки и ѓоа оптимистички изјави, но, доброупатените знаат дека нервите одамна им се при крај. Зошто, тогаш, и тие не преземаат сериозни чекори за демонтажа на Груевци, кои, практично, со нив играат дрн-дупка од Букурешт 2008-та, па наваму!?

Според мене, странскиот фактор и не можеше поинаку да постапува. Прво, затоа што проблемот со Грција е премногу чувствително прашање, кое власта максимално го искористи за билдање на сопствениот рејтинг. Во такви услови, налудничаво е да се притиска од албанска или американска страна. Фала на прашање, синдромот на жртва кај нашиот народ е сѐ уште силен и сега, особено од посочените правци, па не е тешко да се претпостави на чија воденица би одела водата, доколку веднаш се преземеше операција од тој тип!

Второ, поради познатата вистина на Балканот, дека големите патриотски проблеми треба да бидат „соџвакани“ од најпатриотските сили во државите. Во спротивно, тие може да изведат народ на улица и лесно да го опструираат секое решение од некоја идна, поумерена власт. Така беше и во Хрватска, на пример. Покојниот Рачан сакаше да ги испорача обвинетите генерали во Хаг, меѓутоа, Санадер го извади народот на улица и целата сплитска „рива“ ечеше дека „сите сме Норац“. Точно, патриотите од ХДЗ можеа мирно да го испорачаат и Готовина, како што кај нас Груевци можат мирно да направат компромис со Атина!

Трето, со кого би се спровело евентуалното рушење на власта, кога опозицијата едвај завчера успеа да стигне до рејтинг, кој не е барем два пати помал од оној на ВМРО-ДПМНЕ? Уште повеќе, сите досегашни постапки одат во прилог на тезата дека странците не сакаат на ниту еден начин да го вратат во игра Црвенковски. Напротив, со последната анкета на ИРИ јасно е ставено до знаење дека токму тој е главниот товар на нозете на СДСМ, чиј рејтинг конечно тргна малку угоре, за разлика од неговиот, кој е просто закован на бедните 9 проценти. Едноставно, надворешниот фактор не сака да му даде уште една шанса на Црвенковски!

И, четврто, веројатно и најважно, Американците имаа и потешки работи за средување во меѓувреме. Не само во Пакистан, туку и во непосредното ни соседство. За неверица се, на пример, молневитите промени на политичката карта околу нас. За миг го снема нааканиот Караманлис, на пример, кој беше толку уверен во себеси, што самиот распиша предвремени избори. Откако ги загуби катастрофално, мајка му доживеа мозочен удар. Ништо поарно не помина и Станишев во Софија, кој беше нокаутиран од Борисов, новата перјаница на Американците на Балканов, заедно со Папандреу во Атина. Сетете се, најпосле, како изгледаше Србија до ланската посета на Џо Бајден на Белград. За само една година, на север згасна ѕвездата на Шешељ, а неговата бивша десна рака, Томислав Николиќ, денес е поблиску до Брисел и Вашингтон отколку до дружба со Воислав Коштуница. Сето тоа не се случило само од себе. Оттаму, сосема легитимна е евентуалната американска проценка дека, после расчистувањето со проруските кокети во комшилукот, нашиот Груевски нема да има потреба ниту да се руши, оти самиот ќе падне!

БЕЛГРАД КОМАНДУВА НА АНГЛИСКИ?!

За жал, тоа покажува дека Македонија не беше субјект во последново разместување на фигурите на Балканот. Впечаток е дека и на Вашингтон му е сосема јасно дека мозокот на политичко Скопје е во Белград. Чуму, тогаш, губење време со детето, кое во секој случај не презема ништо без дозвола од таткото!? Западот благовремено разбра дека од пазарот со Србија, во пакет ќе ја добие и Македонија. Груевци, очигледно, се согласиле со таквата улога. Во спротивно, наместо да бидат фрлени на грд поткуп на домашните медиум, 50-тината милиони евра ќе се вложеа во лобирање за нашата кауза во светските центри на моќ. Да сакаа вистинска борба за името, парите бездруго немаше да ги фрлат низ прозорец, па денес сигурно ќе имавме и многу посилни лобисти од кутрион Поселт!

Значи, на Белград му дадовме уште еден жетон во неговото договарање со Вашингтон. Покрај Косово, Република Српска и Црна Гора, Србија ја имаше и Македонија на своја страна, како дел од нејзиниот влог во пазарот со Америка. Зар некој мисли дека случајно коинцидирале мислењата на нашите со српските државни првенци, дека Косово ќе биде замрзнат конфликт на неодредено време? Зарем некој верува во случајот, кој, ете, сосема неочекувано сакал и ние да ги преземеме истите мерки во претенциозната одбрана на меѓународното право, па, исто како и Србите за Косово, така и ние да стигнеме дури до судот во Хаг по Правда за името? Да не зборувам за сите наши „контроверзни“ преуредувања на минатото и сегашноста,  кои неодоливо потсетуваат на српската матрица од нејзиниот „небесен“ период. Или за Мајка Југовиќка, можеби, испеана од жените вмровки на нивната годишнина!

Се поставува, значи, клучното прашање: Зошто нашата власт е во толкава зависност од Белград? Несомнено, одговорот е многуслоен, меѓутоа, разузнавачките служби се клучната алка која прави ред меѓу слоевите. Македонија беше речиси половина век во СФРЈ, како најверен поддржувач на српските интереси во неа. И македонската грижа за Косово не е од вчера. Познато е, имено, дека токму Македонците, особено од источниот дел, беа меѓу најжестоките доброволци за дисциплинирање на Приштина во било кои демонстрации. На тие 45 години, треба да се додаде уште четвртина век од Кралската Југославија, во која Македонија има статус на Вардарска Бановина под српска доминација. Сврти-заврти, тоа се 8 децении можност за српската држава да знае сѐ за Македонија, до последниот важен човек и во тутунскиот бизнис на пример!

За жал, нашето осамостојување не значеше суштински дисконтинуитет во тој поглед. Четирите години на кршење на меѓународното ембарго кон Милошевиќ од наша страна, несомнено создало многу можности за компромитирање на нашите политички и бизнис првенци. Компромитираните, пак, не е тешко да бидат контролирани. До ден-денешен. Со Македонија сѐ уште владеат битните фаци од тоа време, кои многу добро знаат што за нив знаат службите од северот. Ако не за нив, тогаш за нивните татковци, кои во времето на најжестоката комунистичка контрола биле претставници на фирми низ светот, а денес нивните синови сакаат да ни ги претстават како борци за обединета Македонија од најрана возраст!

Од тие причини, нашите водачи се накострешуваат при самата помисла за можен пазар на Белград со Американците за било која форма на независно Косово. Тие многу добро знаат дека при таков расплет, нивната важност паѓа на нула. Откако Србија ќе стане веродостоен партнер на Вашингтон во регионот, тогаш од Белград веќе нема да доаѓаат команди кон Скопје на српско-руски, туку на англиски јазик. Или, уште полошо по нив, Србија ќе ги сподели со Американците нејзините разузнавачки сознанија за нашиве итарпејовци, за и тие да ги држат за узда, како што тоа Белград успешно го правел со децении!

УПЛАВ ОД ЛУСТРАЦИЈАТА

Се разбира, ништо подобра не е состојбата ниту меѓу Албанците. Напротив. Знаејќи ја долгата историја на нетрпеливост што Србија кон нив ја негувала и подолго отколку кон нас, Македонците, може само да се насетува, колку бавчи изорале српските служби во албанските ниви. Ете, така, лека-полека, дојдовме до уште важна причина, која може да го подобјасни навидум несфатливиот однос на ДУИ кон Груевски. Заклучно со заедничкиот уплав од лустрацијата, која обете владеачки партии сакаат да ја опструираат на сите можни начини!

Навистина е чудна таа нивна взаемна солидарност околу двајцата спорни пратеници, кои со гласање добија „зелено светло“ од лустраторите. Особено од вмровска страна, која спаси анонимен „портокалов“ пратеник за сметка на човек од голема доверба кај Ахмети. Сосема несфатлива е вмровската незаинтересираност, воопшто, за расчистување со кодошите. Партијата што од самите почетоци беше предмет на секојдневно „бушење“ од тајните служби, денес нема никаков интерес за откривање на шпионите во сопствените редови. Партијата, која ја загуби власта од некогаш униформираните лица на денешната ДУИ, нема желба за потрага по прашањето: Дали, можеби, албански соработници на тајните српски служби го осмислуваа/ предводеа нападот на Македонија во 2001-та?

Тоа навистина е сериозен проблем. Спорниот пратеник, кој куртули од комисијата за лустрација е важен човек на денешната ДУИ и некогашната ОНА. „Инструкторот“ е уште поважен. Зад „Стрелец“ и „Мама“ се кријат еднакво важни личности, кои заедно, доколку навистина биле луѓе на КОС и УДБА од нивната најрана младост, фрлаат сосема ново светло врз позадината на војната од пред 9 години, но, и на настаните до ден-денешен. Затоа, впрочем, и ја запознаваме јавноста со анонимната достава до нашата редакција. Таа, секако, може да биде плод на нечија желба за сплеткарење на нашата политичка сцена. Нејзината цел може да биде оцрнување на ДУИ како партија. Меѓутоа, нејзиното распарчување на повеќе адреси во земјава, бездруго е силен доказ дека Македонија не смееше ниту да го започне, а камоли веќе да го привршува процесот на лустрација, без барање до Белград за пристап до досиејата на шпионите од „нашите редови“!

Тука е, имено, грешката во чекори на владеачката коалиција, која на најочигледен начин ги открива нејзините скриени намери во лустрирањето. Од една страна, тие запнуваа да не се лустрира после 1991-та, а со мал прст не мрднаа, да ги најдат досиејата на кандидатите за лустрација до тој период, кои несомнено се наоѓаат токму во Белград. На тој начин, свесно или несвесно, тие оставија широк простор за манипулација од северот. Од таму може постојано да очекуваме разни документи, кои на еден или друг начин ќе го компромитираат угледот на нашите политички водства, без оглед на нивниот етнички предзнак!

Значи, предизвикот е фрлен пред демократскиот потенцијал на целото наше општество. На потег се институциите, но, и целокупната слободно мислечка јавност. Мора да се почне сериозна потрага по веродостојноста на информациите што денес ги објавуваме. Ништо нема да се постигне со нивното евентуално премолчување. На крајот на краиштата, тие уште утре може да бидат објавени преку интернет-мрежата од некој мангуп со живописно презиме, но, со комплетните генералии на тројката што денес е под сомнеж дека соработувала со тајните служби од времето на СФРЈ!

ЕТЕ ГО ОДГОВОРОТ!

Доколку се покажеме достојни на задачата, ќе можеме да си ја објасниме сегашноста. Доколку псевдонимите се вистинити, тогаш полесно ќе ја разбереме актуелната љубов меѓу Груевски и Ахмети. Обајцата, значи, заедно со најверните другари, биле во канџите на српските служби и биле приморани да се однесуваат така, како што се однесуваат до ден-денешен!

Доколку псевдонимите се вистинити, ќе може да се фрли друго светло и на настаните од 2001-та. Тогаш нема да биде како до сега, сиот кабает да оди на Албанците и Американците. Во тој случај, на значење ќе добие денес оспоруваната теза, дека војната ни ја направија разузнавачите на Милошевиќ, кои го продолжија животот благодарејќи на Коштуница, во чија служба останаа највидните перјаници на некогаш обожуваниот и во Македонија Слобо!

Доколку сето тоа е навистина така, тогаш сосема оправдано се поставува и прашањето, зошто токму денес ни стигнуваат документи од ваков тип? Во тој случај, не треба да се биде многу паметен за да се стигне до одговорот. Кусо речено, тоа би значело дека Белград веќе се испазарил за своите интереси со Западот и сосема легитимно оценил дека дошло време за пуштање низ вода на неговите довчерашни сојузници во Македонија!

Тоа е, всушност, придобивката од евентуално позитивната општествена реакција на предизвикот. Во спротивно, ќе прифатиме да живееме со ризикот, никогаш да немаме политички елити со неспорен, автентичен, домашен легитимитет. Над нив секогаш ќе виси сомнежот, дека тие постојано одработуваат за некои туѓи служби, кои ги држат в рака со тајните досиеја во кои ги има сите валканици од нивното блиско или далечно минато!

Поврзани новости